X
 16.04.2024 Наука

Додека ние спиеме, невроните ги чистат отпадоците од нашиот мозок

Додека троши енергија и апсорбира хранливи материи во текот на денот, мозокот произведува и отпадни работи. Познато е дека работата на таканаречениот глимфатичен систем е да го изнесе тој отпад, но досега не сме имале целосна слика за тоа како функционира оваа мрежа од одводни канали.

Процес на чистење

Истражувачите од Универзитетот „Вашингтон“ во Сент Луис ги проучувале невроните кои ги координираат електричните сигнали кај глувците. Овие сигнали генерираат ритмички бранови кои го помагаат протокот на цереброспиналната течност низ мозокот, попатно чистејќи го.

-Знаевме дека спиењето е време кога мозокот иницира процес на чистење за да ги исфрли токсините што ги акумулира за време на будноста, но не знаевме како се случува тоа - велат истражувачите, кои откриле дека примероците на мозочните бранови кои ги произведуваат невроните се важен дел од процесот на чистење на мозокот.

Минијатурни пумпи


Веќе знаеме дека осцилирачките мозочни бранови што минуваат низ нашите глави додека спиеме се поврзани со сè, од когнитивни процеси до консолидација на меморијата. Но, една нова студија објавена во списанието „Природа“ посочува дека овие модели исто така играат голема улога во „средувањето“ на мозокот.

- Овие неврони функционираат како минијатурни пумпи, а синхронизираната мозочна активност го поттикнува протокот на течност и го отстранува отпадот од мозокот. Ако откриеме како да управуваме со овие процеси, ќе можеме да го одложиме, па дури и да го спречиме почетокот и развојот на невролошките болести, вклучувајќи ги Алцхајмеровата и Паркинсоновата болест - објаснуваат истражувачите.

„Миење садови“


Мозочните бранови со поголема амплитуда ја движат течноста посилно, откриваат истражувачите. Можно е дури и да се исчисти мозокот на начинот на кој ги миеме садовите: со широки потези, а потоа, доколку е потребно, со дополнителна сила да се ослободиме од тешките маснотии. Идните истражувања ќе се обидат поблиску и подетално да ги истражат овие варијации и начини. Покрај борбата против мозочните заболувања, ова би можело да ни овозможи и подобар или пократок сон.

- Чистењето на мозокот е една од причините зошто спиеме. Ако можеме да го подобриме овој процес на чистење, можеби ќе можеме да спиеме помалку, а притоа да останеме здрави - претпоставуваат истражувачите.

Извор: Bug.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука