X
 28.04.2017 Здравје

Во овие земји има најповолни услови за породилно отсуство


Ноџиња од бебе
(Фото: Pixabay)

Користењето на породилно отсуство честопати е удар врз семејниот буџет, па примањето на полна плата за време на отсуството со државни субвенции е одличен компромис.

Одлуката за проширување на семејството родителите сè почесто ја носат проценувајќи ја својата социјално-економска ситуација, вклучително и законските одредби кои ги регулираат надоместоците за време на породилното отсуство.

Еве примери од неколку европски земји за начинот на кој се регулираат правата на родителите за време на породилно осуство:

Финска

Мајките во Финска имат право да го започнат отсуството седум недели пред очекуваниот датум за раѓање, по што им следуваат дополнителни 16 недели платено породилно отсуство, без разлика дали се работи за невработено лице, студентка или сопственичка на бизнис. Право на отсуство има и таткото и тоа осум недели платено родителско отсуство.

Данска


Мајките во Данска имат право на вкупно 18 недели платено породилно отсуство: четири недели пред и 14 недели по породувањето и за тоа време примаат плата во полн износ. Во текот на 14-неделното отсуство, таткото исто така може да користи две слободни недели од своето работно место.
Од тој момент, родителите можат меѓусебно да поделат и дополнителни 32 недели отсуство, со можност и за продолжување на отсуството за уште 14 недели, во случај на болест на детето или родителот. Според закон, државата покрива 52 недели плата на еден од родителите, иако за определен период се губи правото на користење на плата во полн износ.

Шведска

Во Шведска родителите имаат право на 480 дена отсуство со исплаќање на 80% од нивната плата. Првите 18 недели тоа право е резервирано само за мајката, а после тоа родителите самостојно одлучуваат кој од нив ќе го користи правото на родителско отсуство. Шведска е единствената земја каде татковците имаат право на 90 платени денови резервирани само за нив. Идејата на оваа мерка е поттикнување на врската меѓу таткото и детето.

Белгија

Мајките во Белгија имаат право на 30 дена породилно отсуство кога добиваат 80% од платата, а следните 15 недели имаат право на 75% од платата. Татковците имаат право на 10-дневно отсуство од работа, од кои три се платени 100%. Ако сакаат, мајките можат да користат право  осум месеци да работат со скратено работно време наместо 15 седмици  полно отсуство кога добиваат 75% од платата.

Исланд

Исландските родители имаат право на деветмесечно родителско отсуство. Новите мајки имаат право на три месеци платено отсуство исто како и татковците, а преостанатите три можат да ги поделат меѓусебно. Правото на своите три месеци отсуство родителите не можат да го пренесат врз другиот родител, затоа што државата на овој начин сака да обезбеди можност децата своето веме да го поминуваат со двата родители. Секој родител за време на отсуството, добива 80% од платата.

Србија

Мајките можат да користат 20 недели платено породилно отсуство во полн износ. По истекот на овој период можат да земат дополнително една година отсуство, но надоместокот се намалува. За првите 26 недели изнесува 100% од платата, 60%  за 27-39 недела и 30% за неделите од 40-52. Татковците имаат право на една недела полно платено отсуство.

Норвешка

Норвешкиот систем е флексибилен и великодушен. Мајките можат да користат 35 недели со полна плата или 45 недели со 80% од платата, а отсуството на таткото може да трае до 10 недели, во зависност од висината на приходите на сопругата. Заедно родителите можат да добијат дополнителни 46 недели со полна плата или 56 недели со 80% од своите приходи.

Унгарија

Мајките во Унгарија можат да добијат 24 недели платено отсуство со надоместок во висина од 70% од платата, кое можат да почнат да го користат четири недели пред очекуваниот термин за породување. Татковците имаат право на една недела потполно платено отсуство. После 24-неделното отсуство, родителите имаат право на користење дополнителни 156 недели со надоместок во висина од 70% од платата за 104 недели. Останатите седмици за нив се исплаќа  паушал.

Естонија

Мајките во Естонија имаат право на 140 дена во потполност платен период на бременост и породилно отсуство кое може да почне од 30 до 70 денови пред породувањето. Слично како и во другите нордиски земји и во Естонија татковците имаат право на две недели платено родителско отсуство за да бидат со своите деца. Тие исто така, имаат право да ги заменат мајките во последните два месеци од отсуството.

Литванија

Новите мајки имаат право на 18 недели во полн износ платено отсуство. Новите татковци имаат право на четиринеделно отсуство. Родителите потоа можат да поделат меѓусебно уште 156 недели отсуство. Тие можат да бираат меѓу право на 52 недели отсуство кое се плаќа 100% или 104 недели со исплата на 70% од платата. Останатите недели не се плаќаат.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје