X
 02.11.2017 Култура

Ретроспектива на Петар Мазев, главниот иницијатор да се отвори ФЛУ во Скопје

Околу 70 негови дела, вечерва во 20 часот, ќе бидат изложени во Даут-пашиниот амам при Националната галерија на Македонија. Изложбата се отвора по повод 90 години од раѓањето на Мазев и ќе може да се посети до средината на јануари.


Организаторите на изложбата, тимот од Националната галерија на Македонија

Петар Мазев беше и продолжува да биде парадигма и духовен предводник на голем број македонски сликари родени, пред сè, во 40-тите, 50-тите и 60-тите години на 20 век. Оние поединци од генерациите воспитувани под неговата аура, што се оформуваат како автономни личности, не се следбеници на неговиот експлицитен ракопис, туку на неговата експлицитна вештина на владеење со сликарскиот феномен, на неговата харизма, вели Соња Абаџиева, истакнат историчар на уметност во текстот со наслов „Сликата како жртвен објект или крварење на сликата“, објавен во „Блесок“.
Ретроспективна изложба на која ќе бидат изложени 70 негови дела, вечерва во 20 часот, ќе биде отворена во Даут-пашиниот амам при Националната галерија на Македонија. Изложбата се отвора по повод 90 години од раѓањето на Мазев и ќе може да се посети до средината на јануари.

Дела што ретко или никогаш не биле јавно изложени

Изложбата е така конципирана што прави пресек на творештвото на еден од најистакнатите македонски ликовни уметници, следејќи го неговиот развој и пат, од самите почетоци на 50-тите години од минатиот век сè до неговата смрт во 1993 година. Според Маја Неделковска-Брзанова, кустос во Националната галерија и еден од организаторите на изложбата, тоа се пред сè дела кои на ликовната јавност ѝ се малку или воопшто не ѝ се познати, дела кои малку или воопшто не биле изложувани.


Петар Мазев

- Тие го следат неговиот развоен пат како автор и ослободувањето на неговиот гениј – вели таа.
Изложените слики се сопственост на Музејот на современата уметност и Културно- информативниот центар од Скопје, Центарот на културата „Антон Панов“ од Струмица, Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид и на многу приватни колекционери. Во подготвувањето на изложбата свој придонес дал и Славко Мазев, син на големиот автор.

Богата монографија

За јубилејната изложба ќе биде промовирана и монографија, на вкупно 240 страници, со текстови од Соња Абаџиева, Викторија Васева-Дамеска, Владимир Величковски, Конча Пиркоска и Мирјана Талеска. Од галеријата велат дека Петар Мазев е еден од најистакнатите претставници на македонското современо сликарство. Неговиот опус опфаќа широк распон на ликовен израз кој се движи од фигурација, преку енформел до карактеристичен ликовен ракопис кој ги обединува овие две ликовни експресии.



- Петар Мазев е автор со индивидуалност на која не ѝ требаат апологетски терминолошки одредници. Тој е речиси единствен претставник на својата сликарска генерација, чие творештво течеше по оригинална и единствена насока на развојниот дијаграм. Визијата на Мазев тргнува од реалноста само затоа низ разработувањето да ја поништи како таква во самото дело: конкретниот свет му служи само како повод за бегање во сопствената реалност. Затоа неговиот опус сè уште е отворен и привлечен за ново разоткривање – велат од Галеријата.

Биографија

Петар Мазев е роден во 1927 година во Кавадарци. Дипломирал на Ликовната академија во Белград во 1953 година, кај професорот Зоран Петровиќ. Бил професор на Факултетот за архитектура во Скопје и главен иницијатор за формирање на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Петар Мазев е еден од најзначајните автори на македонската современа ликовна уметност. Имал многубројни самостојни претставувања во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, САД и др. Учествувал во многубројни групни изложби во земјите од поранешна Југославија, САД, Кина, Индија, Германија, Италија, Швајцарија и др. Добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои и „11 Октомври“. Во 1979 година ја добил првата награда на Југословенскиот конкурс за ликовно обликување на ентериерот на Спомен-костурница на загинатите борци од НОБ во Велес и Велешко. Делото го извел во мозаик.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура