X
 17.05.2021 Здравје

Колку сон навистина ви е потребен?

Исто како јадењето, пиењето и дишењето, и спиењето е битен дел од животот. Сите животни спијат, иако некои, како делфинот, спијат со едно отворено око и со половина мозок. Зебрите понекогаш спијат стоејќи, а лилјаците спијат висејќи.

Додека некој спие, изгледа како да е „исклучен“, но не е така. Мозокот и телото се активни дури и кога спиете. Мозокот процесира спомени и учи нови вештини додека спиете, а сонот ви помага и да учите и да растете.

Затоа бебињата треба да спијат 14-17 часа дневно во првите три месеци. Поголемиот дел од децата на училишна возраст треба да спијат 8-10 часа. Тинејџерите треба да спијат околу 9 часа, како и некои возрасни. За повеќето возрасни луѓе е доволно да спијат 7 или 8 часа.

За да спиете квалитетно, треба да спиете редовно и во приближно исто време да заспивате и да се будите секој ден, дури и во викендите, пишува „Конверзејшн“.


Фото: Pixabay

Спиењето игра улога во успехот на училиште, на работа и во спортот, а тоа може да помогне и во подобрувањето на меморијата, но и со вештини како пеење или свирење на музички инструмент. Квалитетното спиење, исто така, ви помага да изгледате подобро, но и подобро да се соочувате со стресни ситуации.

Доколку сакате да го подобрите квалитетот на спиењето, обидете се да се будите и да заспивате во исто време со аларми. Освен тоа, може да создадете рутина пред спиењето со која ќе се релаксирате, како затемнување на светлото, читање книга или едноставно размислување за денот што поминал.

Наутро мислете на нешто позитивно во денот што претстои.

Ќе знаете дека вашите навики за спиење се добри кога не се чувствувате поспани во текот на денот и најчесто се будите одморени. Исто како физичкото вежбање и здравата исхрана, и квалитетниот сон е нешто за кое треба вежбање, но се исплати.

Автор: Дејна Меккејн
Извор: theconversation.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје