X
 08.01.2018 Живот

Од што боледуваат политичките лидери?


Протестирачи со транспаренти
(Фото: Pixabay)


Вообразени, надуени, отуѓени од граѓаните и од реалноста што ги опкружува. Речиси сите балкански политички лидери можат да се препознаат во овој опис. Ако не биле такви додека се бореле да победат на избори, со освојувањето на власта станале исти како нивните претходници затоа што „синдромот на надменост“ е стекнато нарушување кое е предизвикано од поседување моќ.

Синдромот на надменост не е резервиран само за овие простори. И античките Грци ја сметале надменоста за негативна карактеристика што ги навредува боговите, а во поново време надменоста дури се смета и за здравствено нарушување кое може премиерите или претседателите на држави да ги претвори во деспоти.

Медицинска дијагноза за надменоста дал лордот Дејвид Овен, кој пред да почне да се занимава со политика бил клинички невролог и психијатар. Во текот на војната во поранешна Југославија лордот Овен одиграл една од клучните улоги во мировните преговори. Токму тој во своите научни трудови го дефинирал „синдромот на надменост“ или „синдром на хибрис“ како професионална деформација кај луѓе што се на власт. На овој синдром не се подложни само политичарите, туку и сите што се наоѓаат на раководни позиции во владејачката општествена хиерархија. Лордот Овен тврди дека овој синдром е медицински проблем што настанува затоа што лицето на раководна функција е изолирано и изложено на многу притисоци и хроничен замор.

Овен ги наведува следните симптоми:

– Нарцисоидна склоност кон разбирање на светот како арена каде што може да се практикува власта и да се бара слава, а не како место исполнето со проблеми кон кои треба да се пристапува на прагматичен начин, што исклучува насоченост кон себе.

– Стремеж да се прават активности кои го прикажуваат лицето во подобро светло, односно подобрување на сликата за себе.

– Несразмерна грижа за имиџот и лична презентација.

– Прикажување на лицето како месија, односно тенденција кон величење на самиот себе.

– Идентификација на сопствената личност со државата, во толкава мера што перспективите и интересите и на двете страни се сметаат за идентични.

– Тенденција за себе да се зборува во трето лице еднина или со кралско „ние“, прекумерна самоувереност и сопствен суд и презир кон советите и критиките од другите.

– Претерана верба во себе и во лични можни постигнувања, верба што се граничи со чувство на семоќност.

– Верување дека наместо полагање одговорност пред овоземните судови или пред јавното мислење, вистинскиот суд пред кој се полага сметка е многу позначаен – историјата или Бог.

– Цврсто уверување дека пред тој суд ќе биде ослободен од секаква вина.

– Губење врска со реалноста, која често се поврзува со прогресивна изолација.

Една стара изрека вели дека моќта ги расипува луѓето, но најновите истражувања покажуваат дека моќта може да предизвика и мозочни оштетувања.

Кога историчарот Хенри Адамс ја опишал моќта како „тумор кој ја убива сочувствителноста“, тој, се разбира, користел метафора. Веројатно не можел ниту да претпостави дека научниците некогаш ќе дојдат и до медицински наоди што ќе го потврдат истото.

По дведецениско истражување, професорот по психологија Дачер Келтнер од калифорнискиот универзитет „Беркли“ открил дека под влијание на сопствената моќ, испитаниците се однесуваат како да страдаат од трауматска повреда на мозокот – стануваат поимпулсивни, помалку свесни за ризикот, и што е клучно – помалку способни да гледаат на работите од перспектива на другите луѓе. Келтнер тоа го нарекол „парадокс на моќта“. Тоа е неизбежна судбина на секој политички лидер – кога конечно ќе ја освојат власта, политичарите ги губат токму оние способности поради кои граѓаните им ја дале довербата, а тоа пред сè е способноста да ги разбираат потребите на другите луѓе.

Има ли лек за ова?

Иако е тешко да се спречи влијанието на моќта врз мозокот, научниците напоменуваат дека постои начин моќните луѓе одвреме-навреме да престанат да се чувствуваат моќни и да се вратат во реалноста.

Еден од начините е луѓето од нивното најблиско опкружување да ги опоменуваат кога ќе ги забележат симптомите на надменост. Очигледно е дека улогата на најблиските соработници е вонредно важна за спречување на развојот на синдромот на надменост. Меѓутоа, факт е дека луѓето имаат тенденција да ги имитираат изразите и говорот на телото на своите надредени, тврди Келтнер. На тој начин, подредените не можат да му понудат поинакво мислење или поинаков поглед на работите на својот надреден. Од друга страна, моќниците престануваат да ги имитираат другите и да симулираат искуства од другите, што доведува до дефицит на емпатија, вели Келтнер.

И бидејќи политичкиот лидер кој е затруен од моќта може да има погубно дејство врз мнозинството луѓе, особено е неопходно да се создаде јавно мислење дека политичарите треба повеќе да се повикуваат на одговорност за своите дела, смета Овен.

Не постои терапија за болеста надменост, но би требало владата да може да ги спречи месијанските тенденции на премиерот или претседателот, додава тој. Со оглед на тоа дека се работи за нарушување на личноста, со промената на надворешните фактори може да се промени и однесувањето на таквите лица. Затоа, „орудијата на демократијата“ – како слободни избори, ограничени мандати, независно судство и слободни медиуми – можат да придонесат за ограничување на преголемата моќ на лидерот. Па дури и Кинезите ги менуваат своите лидери на секои десет години.

Демократијата е најдобра терапија за ова, потсетува Овен.


Извор
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот