X
 15.01.2018 Култура

„Економист“: Социјалните мрежи се закана за демократијата!


Илустрација: Симболот на Фејсбук како пиштол



Ноемвриското издание на „Економист“ детално ја анализира темата за социјалните мрежи, кои, како што наведува весникот, не така одамна ветуваа попросветлена политика затоа што се веруваше дека точните информации и едноставната комуникација ќе можат да им помогнат на луѓето да ги победат корупцијата, предрасудите и лажните вести. Сепак, „Фејсбук“, „Јутјуб“ и „Твитер“ признаа дека на нивните платформи се наоѓаат купишта дезинформации.

„Не само што не донесоа просветување, туку социјалните медиуми придонесоа за ширењето на ’отровите‘. Со таквото ширење невистини и изливи на гнев, социјалните медиуми го отежнуваат расудувањето, ја продлабочуваат политичката поделеност и ја загрозуваат слободата.“

Користењето на социјалните мрежи не продуцира поделби колку што ги нагласува, се наведува во воведниот текст под наслов „Дали социјалните мрежи ја загрозуваат демократијата?“

„Социјалните мрежи заработуваат со поставување фотографии, лични постови, вести и реклами пред вас. Бидејќи имаат можност да ги мерат вашите реакции, точно знаат како да ви се вовлечат под кожата. Собираат податоци за вас за да создадат алгоритми кои ќе утврдат што може да го привлече вашето внимание во ’економијата на вниманието‘ која нè поттикнува да листаме, кликаме и споделуваме. Кој има намера да го формира јавното мислење, може да произведе десетина реклами, да ги анализира и да види на кои е најтешко да се одолее. Резултатот е уверлив: едно истражување покажа дека корисниците во богатите земји го допираат својот телефон 2.600 пати на ден.“

Одлично би било доколку ваквиот систем би помагал вистината и мудроста да испливаат на површина, се вели во текстот. „Но вистината е тешка работа – особено ако не се согласувате со неа. Секој што листал по ’Фејсбук‘ знае дека тој систем наместо да шири мудрост, проширува компулсивни работи кои придонесуваат за јакнење на предрасудите.“

„Бидејќи различните страни гледаат различни факти, не споделуваат искуствена основа за постигнување компромис. Бидејќи и двете страни постојано слушаат само најлошо за нив, системот остава мал простор за емпатија. Бидејќи луѓето се вовлечени во вителот на тривијалности, скандали и гнев, тие го губат од вид она што навистина е важно за социјалната средина што ја споделуваат.“

Што може да се направи, прашува „Економист“? „Луѓето ќе се приспособат, како и секогаш. Меѓутоа, дотогаш, лошите влади со својата лоша политика ќе нанесат многу штета.“

Сепак, велат тие, општеството изнајде начин да ги регулира старите медиуми, па некои бараат од компаниите што управуваат со социјалните мрежи да бидат еднакво одговорни за она што ќе се појави на нивните платформи, да бидат потранспарентни и да имаат третман на монополисти кои треба да се срушат. „Сите овие идеи имаат смисла, но исто така се придружени и со несакани последици. На пример, кога би се зголемил бројот на платформите, би било уште потешко да се управува со овој сектор.“

„Често се користат ботови за да се засилат политички пораки. ’Твитер‘ би можел да ги забрани оние најлошите – или да ги обележи како такви. Најефикасно би било ако ги приспособат своите алгоритми да ги трансферираат clickbait-насловите на дното на каналот со вести (newsfeed). Со оглед на тоа дека сите овие промени се во спротивност со моделот кој е осмислен да го монополизира вниманието, тие најверојатно ќе треба да се наметнат со закон или да се регулираат од страна на регулаторните агенции.“

Социјалните медиуми се злоупотребуваат, но со добра волја, општеството би можело да ги стави под контрола и да го оживее оној почетен сон за просветлување“, заклучува „Економист“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура