X
 06.02.2018 Живот

Знаете ли што се подразбира под поимот „зимска депресија“?


Човек пешачи по снег
(Фото: Pixabay)


Што значи поимот „зимска депресија“?

Секоја зима речиси третина од жителите на северот на Европа, каде што зимските денови се особено кратки, страдаат од зимска нерасположеност. Стручно тоа не се вика „зимска депресија“, туку „сезонско афективно нарушување“ (SAD – Seasonal Affective Disorder). Иако овој термин можеби имплицира дека се јавува секоја сезона, сепак се работи за депресија која се јавува наесен или на почетокот од зимата и вообичаено трае околу три месеци. Со појавата на првите зраци на пролетното сонце нарушувањето се повлекува.

Симптомите на зимската депресија се слични со „обичната“ безволност, немирот, раздразливоста, необјаснивото чувство на тага, недостигот на сила да се почне нешто, па сè до занемарувањето на надворешниот изглед и социјалните контакти. Но, додека кај класичната форма на депресија типични се и намалениот апетит и несоницата, кај „зимската“ е обратно: постојано чувство на глад и изразена желба за слатки оброци.

Тогаш, што е всушност „зимскиот блуз“?

Во секојдневниот говор се користат низа изрази за зимската нерасположеност и таквиот „блуз“ кој погодува многу лица во зимските месеци всушност е многу пораспространет. Но тоа трае само неколку дена и во секој случај е многу поблаг облик на депресија. Само 2 до 8 проценти од населението паѓаат во вистинска зимска депресија, при што не се во можност да ги извршуваат секојдневните обврски.

Што ја предизвикува зимската депресија?

Иако многумина сметаат дека е предизвикана од ниските температури, всушност, вистинската причина е недостигот на светлина, поточно на сончева светлина. Таа во нашиот мозок го активира процесот кој наредува редукција на мелатонинот – „хормонот на сонот“ за сметка на зголемена продукција на серотонинот – кој е типичен за активен, буден организам. Кога нема доволно сонце, тогаш и во текот на денот може да се случи во телото да се продуцира зголемено количество на мелатонин, а ниско ниво на серотонин.

Зошто жените почесто страдаат од зимски депресии отколку мажите?

Навистина, околу 80% од зимските депресии се утврдени кај жените, по правило кај младите жени. Научниците сè уште ги претпоставуваат причините за тоа, а еволуциските биолози тврдат дека се работи за остаток од прастарите времиња кога жените поседувале природни реакции кон зимските услови, особено во текот на бременоста. Масните наслојки и долгиот сон биле добар начин да се преживее зимата, но во денешно време никој не може да си дозволи толку долг инертен период.

Второто толкување за овој феномен повторно е на хормонско ниво: одредени видови естроген кои се појавуваат во пубертетот кај девојчињата го сопираат создавањето на „дневниот хормон“ – серотонинот, така што ним им треба особено многу сончева светлина за да го надоместат потребното ниво.

Што може да се направи против зимската депресија?

Кратко кажано – да се побегне на сонце. Но, и во студените подрачја со мрачни временски услови добро е што повеќе време да се поминува на отворено, затоа што секако повеќе сонце има и под тешките темни облаци отколку во вашата дневна соба. А и движењето помага при размената на материите во организмот.

И спортот е добро решение, па не е доволно само кратко шетање. Добро препотување трипати неделно докажано го зголемува нивото на серотонин. Важна е и правилната исхрана: и тука сезонски по правило постојат продукти со многу јаглехидрати и масти, но треба да се најде начин како на природен пат да се покријат и дневните потреби за витамини. Вештачките мултивитамински таблети, според многубројни студии, едвај да имаат некаков позитивен ефект.

И ако ништо од сето ова не помага, сепак треба да се побара совет од лекар. Можеби ќе помогне и таканаречената „светилка со дневна светлина“ која помага да се разбудите од „зимскиот сон“. Но во најтешките и инцидентни случаи – кога постојат дури и суицидни склоности – стручен лекар може да препише и соодветни антидепресивни лекови. Сепак, зимската депресија не е класично заболување. Проблемот е што нашето општество не ја признава зимата како проблем што најдобро е да „се преспие“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот