X
 01.03.2018 Образование

Петките како заштитен знак за најстарата гимназија на Балканот – велешката

Многу награди од натпревари по математика и по природни науки се само дел од успесите на најстарата гимназија на Балканот, која годинава ќе слави 161 година од своето постоење.

 
Холот на Велешката гимназија

Со среден просeчен успех од 4,40 на полугодие, велешката гимназија „Кочо Рацин“ може да се пофали дека е едно од средните училишта во земјава каде што учениците имаат најмногу петки. Драмската, рецитаторската и новинарската секција работат активно во текот на целата година, а учениците имаат шанса да се истакнат во секое поле. Многу награди од натпревари по математика и по природни науки се само дел од успесите на најстарата гимназија на Балканот, која годинава ќе слави 161 година од своето постоење.
- Оваа гимназија отсекогаш била расадник на интелигенцијата во земјава. Оттука излегле истакнати ученици, денеска врвни интелектуалци во секоја област. За жал, повеќето се заминати од Велес – вели в.д. директорката Мимоза Костоска.
Од 2008 година во оваа гимназија се отворени паралелки и на албански наставен јазик, со што станува и мултикултурно училиште. Имаме многу активности надвор од наставата, имаме добра драмска секција, новинарски клуб, рецитаторска секција, имаме успешни ученици кои одат на државни и меѓународни натпревари – вели директорката Костоска, која 32 години е професорка по англиски јазик.


Директорка Мимоза Костоска

Зградата ја делат со хемиското училиште


Велешката гимназија ја дели зградата со средното хемиско училиште „Димитрија Чуповски“.
- Една смена држат тие, една ние, и ги користиме истите простории. Ова отсекогаш е така, од 1957 година, не се изградила нова зграда за едното училиште. Со години е барано да се одвојат училиштата, но засега неуспешни се сите обиди – објаснува директорката.
Од учебната 1944/45 година во оваа гимназија завршиле вкупно 11.077 ученици. Лани се запишале 169 и е најмала бројка од 1995 година, кога имало 156. Над 200 ученици имало од 2001 година па сѐ до ланската учебна година.
Христина Леова, професорка по англиски јазик, објаснува дека од 2014 година имаат четири успешни проекти од Еразмус-програмата.
Од 2017 година гимназијата е координатор на проект newWERD од Клучната акција 2 - Стратешки партнерства за размена на добри практики, во партнерство со уште три училишта од Италија, Португалија и од Романија. Ќе се одржат тренинг-обуки во сите училишта од партнерството со цел зајакнување на профилот на професијата наставник и усвојување нови методи и алатки од СТЕМ-методологијата, како и оспособување на учениците да бидат креативни, мотивирани и да применуваат наука, математика и технологија при решавање реални проблеми во наставата.


Христина Леова, професорка по англиски јазик

- Нашите наставници одат на обуки во странство. Досега беа во Малта, Франција, Кипар. Тоа е голем поттик да продолжиме и понатаму со квалитетна настава. Многу е убава размената на искуства со колегите од другите земји. Гледаме како тие ги решаваат проблемите – вели Леова.

Математички лавиринт, еден од најуспешните проекти

Еден од најуспешните проекти на ова училиште е „Математички лавиринт“. Професорката по математика Мариче Лазаровска вели дека траел две години.


Мариче Лазаровска, професорка по математика

- Разменувавме добри практики и иновации меѓу училишта и здруженија и асоцијации. Покрај нашето координатор-училиште, учествуваа и училишта од Италија и од Бугарија, како и математички асоцијации од Кипар, Грција и Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Истражувавме добри практики од наставата по математика од повеќе земји. Тоа резултира со интерактивна книга која е достапна онлајн за сите наставници што сакаат да ја користат во наставата. Таа книга содржи повеќе од 200 реални математички проблеми. Целта е наставата по математика да биде поинтересна и да ја поврземе со реалните проблеми – вели Лазаровска.



Ова училиште има многу петки. Секогаш просекот е над 4, а ова полугодие бил 4,40.
- Целта на учениците е петката бидејќи им е многу битна понатаму за упис на саканиот факултет. Се спремаат со сета сила да ја освојат таа петка – вели директорката Костоска.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование