X
 21.03.2018 Живот

До 2050 година ќе има над две милијарди стари луѓе


Стари луѓе
(Фото: Pixabay)


До 2050 година на планетата би можело да има над две милијарди луѓе постари од 60 години. Уделот на стари луѓе во вкупната светска популација забрзано расте во изминатите децении, па според податоците од 2017 година, во светот живеат 962 милиони лица постари од 60 години, што е 13 проценти од вкупниот број жители.

Податоците од Канцеларијата за економски и општествени прашања при Обединетите нации покажуваат дека бројот на лица постари од 60 години во 1980 година изнесувал 382 милиони.

Во 2017 година секое осмо лице имало 60 или повеќе години, а се претпоставува дека во 2020 година секое петто лице ќе биде на таа возраст, пишува агенцијата „Анадолија“.

Минатата година 137 милиони луѓе имале 80 и повеќе години, а се претпоставува дека нивниот број во 2050 година ќе изнесува 452 милиони. И во Африка и во Европа бројот на постари жени што живеат сами е двократно поголем од бројот на постари мажи.

Исто така, се претпоставува дека до 2050 година бројот на стари лица ќе изнесува 2,1 милијарди и дека до 2030 година ќе се зголемува бројот на деца до 9-годишна возраст, односно до 2050 ќе расте бројот на млади лица меѓу 10 и 24 години.

Податоците покажуваат дека во 2017 година во Африка живееле 68,7 милиони, во Азија 549,2 милиони, во Северна Америка 7,4 милиони, во Јужна Америка и на Карибите – 76 милиони, а во Океанија 6,9 милиони луѓе на возраст од 60 и повеќе години.

Во Африка во 2050 година бројот на жители над 60 години би можел да достигне речиси 226 милиони, а во Јужна Америка и на Карибите – 198 милиони.

Исто така, во Азија истата година бројот на луѓе со навршени 60 години и повеќе би можел да достигне 1,3 милијарда, а во Европа – 247,2 милиони.

Се претпоставува дека во 2050 година во Северна Америка бројот на лица над 60 години би бил 123 милиони, а во Океанија – 13,3 милиони.

Осум од десет стари лица во 2050 година би можеле да живеат во подрачјата во развој и ќе ги има вкупно 1,7 милијарда.

Таа година луѓето со 60 и повеќе години ќе зафаќаат 35 проценти од вкупната популација на Европа, 28 проценти во Северна Америка, 25 проценти во Јужна Америка и Карибите, 24 проценти во Азија, 23 проценти во Океанија и 9 проценти во Африка.

Податоците собрани од 143 земји и подрачја покажуваат дека 2,3 проценти од лицата над 60-годишна возраст живеат сами или со брачниот другар, додека истиот процент во Холандија изнесува 93,4.

Во Авганистан, Пакистан и во Таџикистан, 90 проценти од луѓето над 60-годишна возраст живеат заедно со своите деца, а во Холандија и во Германија тој процент е помал од 10.

Порталот „Џапан тајмс“ во септември минатата година објави дека во Јапонија живеат 2,06 милиони лица постари од 90 години.

Податоците на ОН за 2017 година покажуваат дека 33,4 проценти од вкупната популација на Јапонија се луѓе над 60 години.

Следуваат Италија со 29,4 проценти, Германија со 28, Португалија со 27,9 и Финска со 27,8 проценти.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот