X
 18.02.2023 Култура

Колку време, всушност, ни е потребно за читање?

Социјалните мрежи нѐ поврзуваат, нѐ информираат, нѐ насмевнуваат, но и ни го крадат времето. Кога Ворен Бафет го прашале која е тајната на неговиот успех, тој покажал на куп книги и рекол дека ако читаш 500 страници секој ден, акумулираш знаење.

- Како каматната стапка, секој може да го направи тоа, само, гарантирам дека повеќето нема да го направат - изјавил тој.

Милош Вукиќ од „Лагуна“ долго време го прогонувале зборовите на Бафет и иако не успевал да прочита 500 страници дневно, за две години прочитал 400 книги.

- Книгите ме поттикнаа да патувам - пишува тој.

Во просек, човек чита од 200 до 400 зборa во минута, а стручните книги имаат околу 50.000 зборa. Ако читате 200 книги годишно, тоа се 10 милиони зборови, за кои ви се потребни 25.000 минути или 417 часа. Годишно! Според други извори, просечната брзина на читање е од 200 до 250 зборa во минута, така што ви требаат само 2 минути за една страница. Но, тука нема натпревар. Има книги низ кои поминувате полека, има и такви што не можете да ги пуштите од раце затоа што се напнати, или ги пуштате за да одите и да размислувате. Секоја книга има свое тајно оружје и зависи од времето, расположението и возраста како таа ќе влијае врз вас. Но, едно е сигурно - треба да читате.

Според некои истражувања, Американците во 2015 година во просек читале 12 книги годишно, но со оглед на тоа што читањето се врати во мода, сега читаат од 10 до 20 книги месечно.

Можеби тие 500 страници дневно изгледаат како многу, но навистина не е така бидејќи денес човек во просек поминува 608 часа годишно на социјалните мрежи, а 1.642 часа пред телевизиските екрани. Можете да прочитате 1.000 книги за тоа време. Речениците како „немам време“ или „не можам да се концентрирам“ не постојат. Оставете ги книгите наоколу за да ви бидат секогаш при рака. Абрахам Линколн го искористил овој трик за секогаш да има книга при рака. Читајте книги во трамвај, на пат, некои луѓе го сметаат „Киндл“ за практичен, некои сакаат хартија, но добро е да се комбинираат (иако не мириса на книги, нели?).

Читањето е здраво, му помага на нашето физичко и ментално здравје, а само еден час читање дневно ќе ве смири, ќе го намали стресот, ќе го намали крвниот притисок и отчукувањата на срцето. Тоа ќе го зголеми вашето знаење, ќе ја зголеми вашата креативност, ќе придонесе за вашиот вокабулар и елоквентност, ќе ги зголеми емпатијата и разбирањето. Книгите се наши ментори.

Истражувањата покажаа дека читањето ги спречува и ги одложува деменцијата и Алцхајмеровата болест, тивко, но ефикасно се бори против депресијата или тагата. Книгите ни помагаат да спиеме подобро, па лекарите од клиниката „Мајо“ препорачуваат читањето да стане дел од вашата рутина за спиење - тоа е задоволството кога ќе прочитате барем неколку страници пред спиење, а потоа ќе легнете мирно... Мозокот е совршена машина и треба да се користи.

книга
Фото: Freepik

Едно истражување следело 3.635 возрасни лица 12 години и покажало дека читателите живеат две години подолго од оние што не читаат книги или оние што читаат списанија и весници. Луѓето што читаат повеќе од три и пол часа неделно имаат 23 отсто предност во однос на оние што не читаат - ќе живеат подолго од оние што не читаат.

На крај, што треба да читате? Сеедно. Ако сакате криминални приказни, нурнете во светот на детективите и откривајте ги сторителите на злосторствата; ако сакате историски романи, скокнете во нечиј двор. Затоа што тоа е она што книгите упорно го прават со векови - ги сакаат своите читатели и им даваат империи, авантури, магични светови, интересни херои, убави хероини, негативци, со книгите патуваме, сакаме, плачеме и стравуваме, книгите ни даваат светови. Освојте ги тие светови!

Еве колку време е потребно за некои класици:

1. „Војна и мир“, Лев Толстој, 581.450 збора, 1.296 страници - 38 часа и 46 минути
2. „Ана Каренина“, Лев Толстој, 354.680 збора, 864 страници - 23 часа и 3 минути
3. „Моби - Дик“, Херман Мелвил, 207.640 збора, 544 страници - 13 часа и 51 минута
4. „Злосторство и казна“, Фјодор Михајлович Достоевски, 203.145 збора, 565 страници – 13 часа и 33 минути
5. „Плодовите на гневот“, Џон Стајнбек, 185.745 збора, 464 страници - 12 часа и 23 минути
6. „Џејн Ер“, Шарлот Бронте, 184.875 збора, 492 страници - 12 часа и 20 минути
7. „Мали жени“, Луиз Меј Алкот, 165.590 збора, 546 страници – 11 часа и 2 минути
8. „Сенка на ветрот“, Карлос Руиз Зафон, 157.325 збора, 487 страници – 10 часа и 29 минути
9. „Оркански височини“, Емили Бронте, 129.050 збора, 416 страници - 8 часа и 36 минути
10. „Крадачка на книги“, Маркус Зусак, 124.265 збора, 608 страници – 8 часа и 17 минути
11. „Сто години самотија“, Габриел Гарсија Маркез, 122.380 збора, 422 страници - 8 часа и 10 минути
12. „Да се убие птицата подбивница“, Харпер Ли, 106.865 збора, 336 страници - 7 часа и 7 минути
13. „Гордост и предрасуди“, Џејн Остин, 99.760 збора, 272 страници - 6 часа и 39 минути
14. „Хобитот“, Џ.Р.Р Толкин, 96.425 збора, 300 страници - 6 часа и 26 минути
15. „1984“, Џорџ Орвел, 92.365 збора, 304 страници – 6 часа и 11 минути
16. „Авантурите на Хаклбери Фин“, Марк Твен, 88.305 збора, 224 страници - 5 часа и 53 минути
17. „Мостот на Дрина“, Иво Андриќ, 78.500 збора, 314 страници - 5 часа и 14 минути
18. „Ловецот во ’ржта е“, Џ.Д. Салинџер, 72.000 збора, 288 страници – 4 часа и 48 минути
19. „Господарот на мувите“, Вилијам Голдинг, 60.755 збора, 224 страници - 4 часа и 3 минути
20. „Франкенштајн“, Мери Шели, 72.645 збора, 272 страници - 4 часа и 51 минута
21. „Процес“, Франц Кафка, 73.805 збора, 304 страници – 4 часа и 55 минути
22. „Глад“, Кнут Хамсун, 60.000 збора, 240 страници - 4 часа
23. „Големиот Гетсби“, Ф. Скот Фицџералд, 49.155 збора, 180 страници - 3 часа и 17 минути
24. „На работ од паметот“, Мирослав Крлежа, 45.500 збора, 182 страници - 3 часа и 2 минути
25. „Фаренхајт 451“, Реј Бредбери, 43.645 збора, 208 страници - 2 часа и 55 минути
26. „Шаховски роман“, Стефан Цвајг, 26.000 збора, 104 страници - 1 час 44 минути
27. „Ромео и Јулија“, Вилијам Шекспир, 25.520 збора, 173 страници - 1 час и 42 минути
28. „Малиот принц“, Антоан де Сент-Егзипери, 17.255 збора, 96 страници - 1 час и 9 минути

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура