X
 18.05.2021 Живот

Долгите работни часови убиваат стотици илјади луѓе годишно

Долгите работни часови убиваат стотици илјади луѓе годишно. Трендот може дополнително да се влоши поради пандемијата, изјавиле од Светската здравствена организација (СЗО).

СЗО објави труд во списанието „Инвајормент интернешнал“ во кој се тврди дека 745.000 луѓе починале од мозочен удар или срцев удар кои биле последица од долгите работни часови во 2016 година. Ова е зголемување за речиси 30% во споредба со 2000 година.

Марија Нејра, директор на одделот за околина, климатски промени и здравје на СЗО, изјавила дека работењето 55 часа или повеќе неделно е опасно за здравјето, пренесува „Фокс бизнис“.

Трудот бил направен во соработка со Меѓународната организација на трудот, а во него се покажува и дека 72% од жртвите на долгите работни часови се мажи, и тоа средовечни или постари. Честопати негативните последици се чувствувале подоцна во животот.


Фото: Pixabay

Трудот покажал и дека луѓето што живеат во Југоисточна Азија и во западниот дел од Тихиот Океан, вклучувајќи ги Кина, Јапонија и Австралија, биле најпогодени.

Истражувањето користело податоци од 194 земји. Според него, работењето 55 часа или повеќе неделно го зголемува ризикот за мозочен удар за 35%, а за умирање од срцева болест за 17% во споредба со работењето 35-40 часа неделно.

Во анализата се искористиле податоци од периодот 2000-2016, па не ја вклучува пандемијата. Претставници од СЗО изјавиле дека зголемувањето на работата од дома и глобалната економска криза може да ја влошат состојбата.

Пандемијата ги забрзува напредоците кои го поттикнуваат трендот за работење повеќе часови, изјавиле од СЗО, кои проценуваат дека барем 9% од луѓето работат повеќе од препорачаното.

Автор: Ема Фарж
Извор: foxbusiness.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот