X
 18.06.2021 Наша тема

Задушница и Духовден низ народните верувања

Задушница, кога се слави споменот на починатите, се паѓа секогаш во саботата пред Духовден, кој се слави секогаш во недела и го означува слегувањето на Светиот Дух

Многумина од православните христијани за деновиве, кога ќе се одбележуваат Задушница и Духовден, преку адетите и обичаите ќе настојуваат да го оживеат споменот и да им оддадат почит на починатите.
Задушница, кога се слави споменот на починатите, се паѓа секогаш во саботата пред Духовден, кој се слави секогаш во недела и го означува слегувањето на Светиот Дух.

Професор Илина Јакимовска, раководител на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ги објаснува народните обичаи за овие два дена.
Посочува дека во текот на годината има четири задушници.



- Оваа сега што се паѓа во сабота е летната и е непосредно пред Духовден, христијански празник кој се нарекува и Педесетница бидејќи се паѓа 50 дена по Велигден - посочува таа.

Почит кон починатите предци
Според неа, на Задушница им се оддава почит на починатите предци со посета на гробовите и раздавање храна за душа.

- Гробовите се чистат со оревови гранчиња бидејќи оревот кај сите словенски (и не само словенски) народи се смета за „хтонско“ дрво, кое се поврзува со оностраното и со култот на предците. Во минатото стомните и садовите од кои се нудела обредната храна се украсувале со цреши бидејќи тоа е овошјето кое е актуелно во овој период од годината - објаснува професорката.

Се верува дека душите шетаат по земјата

На Духовден, како што вели професорката Јакимовска, според народните верувања, душите на предците, сепак, не се само метафорично присутни, туку буквално, шетаат по земјата.

- Како што запишал Цепенков, по завршувањето на празникот тие се повлекувале на небото, „веќе ќе и спотераат анѓелите да и носат пак на небеси, да и затворат во рајот“. Празникот Духовден бил многу интересен и за домашните, но и за странските истражувачи во Македонија во минатото бидејќи тогаш на едно место можеле да сведочат поголем собир на народ и колективни обреди - додава Јакимовска.



Во Архивот на етнолошки и антрополошки ресурси при Институтот за етнологија и антропологија се чуваат неколку такви фотографии, од збирките на американскиот антрополог Џоел М. Халперн и полско-американскиот антрополог Јозеф Обрембски.

Фото: Архив на етнолошки и антрополошки ресурси
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема