X
 18.09.2021 Живот

Шест земји се отвораат и ги укинуваат мерките

Протести против мерките што ги воведоа владите за борба против новиот бран на коронавирус со недели беснеат низ Европа.

Минатата недела илјадници луѓе протестираа во Виена барајќи слобода и осудувајќи ги епидемиолошките мерки што ги воведе австриската Влада за борба против коронавирусот и бараа оставка од премиерот Себастијан Курц. Австрија беше меѓу првите европски земји што воведоа здравствени пропусници.

Во моментов потребна е потврда за вакцинација, негативен ковид-тест или потврда за антитела за влез во хотели, ресторани, спортски сали, музеи, фризерници, спортски или културни настани.

Демонстрантите излегоа и на улиците на француските градови, деветта недела по ред. Тие ги осудуваат здравствените пропусници, а вчера стапи во сила одлуката дека вакцинацијата е задолжителна за здравствените работници. За само еден ден околу 3.000 работници што не беа вакцинирани беа суспендирани, но суспензијата е привремена.

Во Холандија демонстрантите протестираа против ограничувањата на ноќниот живот. Во 10 града се одржаа протести, вклучувајќи ги Амстердам, Хаг, Гронинген и Мастрихт.


italija
Фото: Freepik

Додека протестите продолжуваат во Европа, голем број земји
се отвораат

По повеќе од 18 месеци од почетокот на пандемијата, голем број земји одлучија дека е време да се отворат и да усвојат стратегија „живот со ковид“. Некои имаат завидна стапка на вакцинација, други одлучија дека трошоците за постојани економски и социјални ограничувања ги надминуваат придобивките. Си-ен-ен дава преглед на земјите чии стратегии треба внимателно да се следат.

Данска - земја која ги укина мерките на претпазливост

На 10 септември данската Влада ги укина сите преостанати ограничувања за коронавирусот, велејќи дека ковид-19 повеќе не е болест што претставува критична закана за општеството. Данците сега можат да влегуваат во ноќни клубови и ресторани без да покажуваат ковид-сертификат, да користат јавен превоз без маска и да се собираат во голем број без ограничување. Во суштина, се враќаат на нормален живот каков што живеевме пред пандемијата.

Клучот за успехот на Данска лежи делумно во вакцинацијата. До 13 септември повеќе од 74 проценти од данското население беа целосно вакцинирани.

- Вакцините и напорите на сите дански граѓани во долг временски период се темел на денешната добра ситуација - рече министерот за здравство Магнус Хеунике.

Шведска наскоро ќе ги укине преостанатите, веќе благи мерки


Шведска ќе ги укине речиси сите преостанати епидемиолошки мерки на 29 септември. Одлуката за укинување на веќе благите мерки се заснова на висока стапка на вакцинација и ниска стапка на смртност. До 7 септември 70 отсто од возрасната популација во Шведска примиле две дози од вакцината, а вкупно 81,6 отсто од граѓаните над 18 години примиле барем една доза.

Според податоците на ЕЦДЦ, Шведска има трета најниска стапка на смртност од ковид-19 во Европа во последните две недели (по Лихтенштајн и Словачка), и оваа ситуација трае од почетокот на летото.

- Долго време бевме принудени да живееме со ограничувања за да ги заштитиме животите и здравјето на граѓаните. Благодарение на успешната кампања за вакцинација, изминавме долг пат и сега нашето општество е во подобра ситуација. Затоа правиме чекор кон нормален секојдневен живот, кон заедница во која нема да има ограничувања. Проценивме дека ограничувањата имаат мал ефект врз контролата на инфекцијата. Во моментов важно е да се зголеми стапката на вакцинација - рече министерот Халенгрен.

2
Фото: Freepik

Од 29 септември веќе нема ограничувања за бројот на учесници на јавни собири, како што се концерти или натпревари. Од 15 јули бројот на учесници беше ограничен на 3.000 на отворено и 300 во затворен простор. Укинати се и ограничувањата за приватни собири во затворени простории, на кои досега не можеа да присуствуваат повеќе од 50 луѓе. Но, можеби најизненадувачко е повлекувањето на препораката за работа од дома, што значи дека многу компании, јавни и државни институции ќе ги поканат вработените да се вратат во своите канцеларии по една и пол година.

Ковид-сертификатите и понатаму се користат во Шведска само за преминување на државната граница.

Сингапур - обидот да коегзистира со ковид-19 се меша со делта-сојот


Владата на Сингапур во јуни објави дека има намера да усвои стратегија за соживот со ковид-19 и да се обиде да ги користи вакцините за контрола на епидемијата и следење на хоспитализациите наместо да го ограничи животот на граѓаните.

- Лошата вест е дека ковид-19 можеби никогаш нема да исчезне. Добрата вест е дека е можно да се живее нормално со тоа - изјавија високи претставници на Сингапур.

Сингапурската работна ковид-група објави дека ќе се обиде да ја ограничи епидемијата со поагресивно следење на контактите, изолација на заразените лица и почести задолжителни тестирања на работници со висок ризик. И покрај ваквите мерки, Сингапур во вторникот го објави најголемиот еднодневен број на заразени со коронавирусот во повеќе од една година. Досега бројот на сериозно болни лица остана низок благодарение на вакцинацијата, објавија властите.

Тајланд - вакцинацијата е бавна, но земјата се отвора

Тајланд планира да ги отвори Бангкок и други популарни дестинации за странски посетители следниот месец обидувајќи се да го заживее туристичкиот сектор и покрај зголемениот број на заразени. Според проширената програма, на туристите што се целосно вакцинирани против ковид-19 и се придржуваат кон режимот на тестирање ќе им биде дозволено да влезат во главниот град, Хуа Хин, Патаја и во Чианг Маи.

Јужна Африка - Ограничувањата се намалуваат, но делта-сојот и понатаму е закана


Јужна Африка започна со ублажување на некои ограничувања бидејќи стапката на инфекција се намалува. Меѓу другото, полицискиот час на национално ниво е скратен на 11 до 16 часот, на 250 луѓе им е дозволено да се собираат во затворени простории и 500 луѓе на отворено, а ограничувањата за продажба на алкохол се дополнително олеснети.

Олеснувањето на ограничувањата во никој случај не е занемарливо во земја која помина низ голем дел од пандемијата со екстремно строги правила за социјална дистанца и дури понекогаш ги забрануваше сите собири освен погреби. Покрај тоа, стапката на вакцинација е ниска.

cile
Фото: Freepik

Чиле - високата стапка на вакцинација значи дека туристите можат да се вратат

Чиле доби пофалби од странство за успешната кампања за вакцинација. Според последните извештаи на Министерството за здравство, речиси 87 отсто од Чилеанците се целосно вакцинирани. Земјата веќе почна со дистрибуција на трета доза за оние што се целосно вакцинирани. Здравствените власти во четвртокот одобрија употреба на кинеската вакцина „Синовак“ за деца над шест години. Вакцинацијата почна во понеделникот.

- Фактот дека странските посетители можат да дојдат во Чиле е важен чекор во обновувањето на туризмот. Важно е да се нагласи дека ова е првиот чекор и дека ќе можеме да продолжиме сѐ додека одржуваме соодветни здравствени услови - рече заменик-секретарот за туризам Хозе Луис Уријарте.

Англија одамна ги ублажи мерките

Англија направи драматичен пресврт кон средината на јули и ги укина речиси сите епидемиолошки мерки, освен оние поврзани со самоизолација на заразените и нивните контакти. Поради оваа владина одлука, се очекуваше нагло зголемување на бројот на заразени, но се случи невидена ситуација.

Научниците останаа збунети од наглиот пад на дневниот број на инфекции со коронавирус не само во Англија, туку и во цела Велика Британија. Во последниве недели имаше мало зголемување на бројот на случаи, а бројот на хоспитализирани го достигна највисокото ниво во последните пет месеци.

Според „Гардијан“, 72,6 отсто од населението во Обединетото Кралство се вакцинирани со првата доза, додека 66,2 отсто се целосно вакцинирани.

Извор: Index.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот