X
 18.10.2019 Живот

Илон Маск сака да лансира дополнителни 30.000 сателити за неговото „соѕвездие“

„Спејс Екс“ навистина ги забрзува работите со мрежата „Старлинк“. Создавањето на ова соѕвездие составено од сателити е главно во визијата на Илон Маск за обезбедување пристап до широкоопсежен интернет за целиот свет.

Распоредувањето започна во мај со лансирањето на првите 60 сателити, со планови за лансирање на дополнителни 1.584 до 2024 и 2.200 до 2027 година.

Долгорочната цел на „Спејс Екс“ беше создавање соѕвездие од 12.000 сателити на висина од 328 до 580 километри, барем судејќи по тоа што досега доби одобрение од американската Федерална комисија за комуникации (ФЦЦ). Но, според неодамна поднесени документи во Меѓународната телекомуникациска унија (ИТУ), „Спејс Екс“ има намера во следните години да прати дополнителни 30.000 сателити во ниската Земјина орбита.

Основана од Обединетите нации во 1865 година, ИТУ е специјализирана агенција која била создадена за да се регулираат информатичките и комуникациските технологии и овозможувањето на меѓународна поврзаност во мрежи.

Според „Спејс њуз“, 20 различни документи биле поднесени од ФЦЦ во ИТУ во име на „Спејс Икс“. Заведувањата се за 1.500 сателити, кои треба да се распоредат на алтитуди од 328 до 580 километри во ниската Земјина орбита.

Покрај тоа, во нив се наведуваат и некои технички спецификации, како што е користењето на фреквенциите, но не се наведува кога компанијата на Маск сака да ги лансира сателитите. Од „Спејс Екс“ велат дека ова го прават затоа што побарувачката за брз интернет во светот ескалира.

Поради тоа што одобрението од ИТУ е ран чекор во распоредувањето на сателитите, може да се каже дека поднесувањата на документите претставуваат долгорочни планови на „Спејс Екс“ за проширување на „Старлинк“.

Оригинално, компанијата истакна дека се надева да испрати 12 илјади интернет-сателити во ниската Земјина орбита до средината на 2020. Очигледно тие планови сега се прошириле и вклучуваат и создавање на соѕвездие кое ќе достигне максимален број од 42 илјади.

Како и да е, штом еднаш се издадени документите, на компанијата на Маск ќе ѝ биде даден рок од седум години, во кој има обврска да лансира најмалку еден сателит. Овој сателит потоа ќе треба да оперира на одредени фреквенции 90 дена.

Секако, фактот дека „Спејс Екс“ поднел 20 различни документи може да се гледа како показател дека можеби не очекуваат сите да бидат исполнети.

Во секој случај, ако „Спејс Екс“ успее да добие одобрение за сите барања и да го направи соѕвездието, ќе има свој агол на пазарот на сателити.

Според Канцеларијата за вселенски работи при ОН, во орбитата околу Земјата моментално има 4.987 сателити, од кои 1.900 сè уште се оперативни. Се проценува дека од 1957 година, кога бил лансиран првиот сателит „Спутник 1“, лансирани се вкупно 8.378 сателити.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот