X
 19.04.2018 Наша тема

Што ќе ни донесе препораката од Европската комисија: Влеговме во рингот, борбата почнува

Преку реформите ќе стигнеме до правна и секаков друг вид сигурност, но сепак членството во ЕУ или во НАТО ќе биде онаа дополнителна безбедносна гаранција. Ќе биде мачно, ќе трае релативно долго, но користа е повеќестрана – вели Андреја Стојковски, претседател на Евротинк

Неусловената препорака за почеток на преговори со Европската Унија, Македонија најмногу ја доби врз политички критериуми, напредок во меѓународната политика, а не врз основа на некакви спектакуларни пробиви во реформска смисла. Борбата допрва ќе почне, вели за Факултети.мк политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан вчера изјави дека е импресиониран од она што го сработи Македонија во однос на итните реформски приоритети. Но, што значи оваа препорака за нас? Кога образованието и здравството ќе ни станат европски, дали сме на чекор или далеку од подобриот живот за кој сонува секој Македонец што едвај сврзува крај со крај во месецот?
Аналитичарите се согласни дека ова е исклучително важна препорака, но и дека работата за нас допрва почнува.

Веќе нема изговори, ќе бидеме под лупа

Аналитичарот Петар Арсовски вели дека оваа препорака е вистинска валоризација на промената на општиот политички курс на земјата. Според него, таа е јасна констатација дека сега Македонија се движи кон ЕУ, а не, како досега, подалеку од неа.


Еврокомесарот Хан вчера му го предаде Извештајот на премиерот Заев

- Сепак, таа е добиена најмногу врз политички критериуми, промена на вредности, напредок во меѓународната политика (секако врзано за напредокот во преговорите со Грција), а не врз основа на некакви спектакуларни пробиви во реформска смисла. Значи, влеговме во рингот, но борбата допрва почнува. Тоа се и добрите и лошите вести: добрата вест е што се вративме на вистинскиот колосек, лошата што нема веќе изговори и ќе бидеме под лупа. Ние ќе почувствуваме промени во смисла на забрзани реформи под притисок од ЕУ, а ако добиеме датум за преговори, ќе имаме реален квантен скок напред – вели Арсовски.

Ќе биде мачно и ќе трае долго

Андреја Стојковски, претседател на Евротинк– Центарот за европски стратегии, објаснува дека првпат по подолго време добиваме чиста препорака од Европската комисија, иако и во минатото имало примери кога Македонија добивала чиста препорака за почеток на преговори. Она што е различно овој пат, вели Стојковски, е сериозната промена во дискурсот на Комисијата споредено со последните два извештаи.

- Ако во последниот извештај во 2016 се зборуваше за Македонија како заробена држава, тоа во овој случај не е пример. Напротив, во извештајот се укажува дека изборите од 2016, но особено изборот на новата Влада на 31 мај 2017 година претставува суштински излез од политичката криза. Притоа, наведувајќи дека „...штетата од последните години нема да се поправи преку ноќ...“ само потврдува дека Комисијата го цени напредокот во периодот 31 мај 2017 - 17 април 2018 како особен придонес во создавањето позитивна клима и општествен „mind-set“ кој ги препознава реформите како потреба за подобрување/уредување на државата. Со тоа и јасно ги поддржува политичката волја која се нотира и реформската агенда – објаснува Стојковски.


Граѓаните сонуваат за подобар живот

Ова, вели Стојковски, за Македонија е одлично, значи дека перцепцијата за државата е променета и за нас веќе се зборува како за позитивна приказна. Тоа ќе ја олесни работата на Комисијата во претставувањето на извештајот и во одбраната на препораката пред Советот на ЕУ во јуни годинава кога ќе треба да биде одреден датум за почеток на преговорите.
- Ако треба да зборуваме за следните чекори или што препораката ќе донесе за државата, тогаш треба да кажеме дека преговорите за пристапување значат сериозен процес на реформи и севкупно подобрување на државата. Таквата агенда е важна за да се направи оваа држава да биде подобра, членството настрана. Преку реформите ќе стигнеме до правна и секаков друг вид сигурност, но сепак членството во ЕУ или во НАТО ќе биде онаа дополнителна безбедносна гаранција. Ќе биде мачно, ќе трае релативно долго, но користа е повеќестрана – потенцира Стојковски.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема