X
 19.11.2019 Култура

„Паразит“ е доказ дека луѓето сакаат подлабоки филмови

Публиката во Кан осум минути без престан му аплаудирала на филмот „Паразит“, а жирито едногласно му ја додели „Златната палма“. Сега на големо се зборува дека веројатно ова е филмот што годинава ќе освои „Оскар“ за најдобар странски филм.

Нема многу филмови, ниту филмски творци кои можат толку успешно да спојат неколку жанрови. „Паразит“ е комедија, трилер, драма, но и силна социјално-политичка сатира. Класните разлики што јужнокорејскиот режисер Бонг Џон-ху маестрално ги прикажува оставаат длабоки лузни.

Дејството во филмот го следи семејството Ким, кое живее во сиромашен подрумски стан во Сеул. Мајката, таткото и двете деца немаат работа и се снаоѓаат како знаат и умеат. Работат еднократни работи, не ги плаќаат сметките, па телефоните им се исклучени, земаат безжичен интернет од соседите, а прозорецот им гледа кон уличката во која уринираат пијаници. Кога синот Ки-ву добива можност да држи часови по англиски на ќерка на богатото семејство Парк, се отвора цела низа можности за семејството и тие, еден по еден, со помош на сплетки, интриги, доаѓаат до различни работни места кај Парк. Господин и госпоѓа Парк се задоволни од Ки-во и неговото семејство, иако не знаат дека тие се во крвно сродство. Сè е во ред, но господин Парк се сомнева во нешто, и како што ѝ вели на својата убава сопруга, го чувствува мирисот на сиромаштијата.

paraziti

Првиот дел од филмот е маестрална игра на црн хумор и сплетки, а во вториот дел атмосферата е потемна. Семејството Парк одлучува да оди на кампување, а сиромашното семејство останува во нивната луксузна вила.

Слично како во филмовите на Алфред Хичкок, за кој Џон-ху вели дека му е инспирација, „Паразит“ незабележливо го интегрира својот социо-политички коментар во феноменалната приказна, која по малку размислување додава сосема нови слоеви.

Уште една работа поради која „Паразит“ е толку голем е тоа што ликовите не се претставени на еднодимензионален начин. Ни семејството Ким ни семејството Парк не се јунаци на црно-бел свет на добрите и лошите. И едните и другите се прикажани како човечки суштества со маани и се обидуваат да преживеат во суров свет или се толку привилегирани што болно го забораваат страдањето на другите.

Хичкок може мирно да „спие“ бидејќи и понатаму има режисери кои генијално раскажуваат приказни и ја враќаат суштината на седмата уметност.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура