X
 20.12.2022 Наша тема

Стефан Неделкоски е првенец на Медицинскиот факултет со просек 10: „Желбата да студирам медицина се јави потсвесно“

Желбата да студирам медицина се јави потсвесно и на некој начин ги амалгамизира сите знаења што ги нудат природните науки, со цел одржување и подобрување на здравјето на човекот. Контактот со пациенти, разговорите и прегледите кои како студент ги преземате, со цел последователна дискусија со професорите и асистентите за можните дијагнози и третман, се незаменлив дел од струката лекар, вели Стефан.

Пред секој испит целта ми беше да добијам потврда за наученото и сработеното од страна на соодветниот професор, бидејќи тоа го гледам како најрелевантен повратен одговор за вложениот труд во време кога сѐ уште студираме, вели Стефан Неделкоски, добитник на стипендијата „Трајче Мукаетов“, кој неодамна дипломира на Медицинскиот факултет во Скопје, на општа медицина, со просечна оценка 10. Како првенец на генерацијата тој доби еднократна парична награда од страна на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.

Имајќи предвид дека до последен момент не бил сигурен на кој факултет ќе се запише, Стефан немал конкретни очекувања и мислења за студирањето на Медицинскиот факултет. Иако имал можност да одбира помеѓу неколку факултети, тој смета дека доколку би се вратил сега на осумнаесет години, со ова искуство и знаење, повторно би ја донел истата одлука и би се запишал на овој факултет.

- Она што со сигурност го посакував беше можноста за напредување и усовршување, несебично споделување на знаењата од страна на професорите и асистентите, мотивирање и советување на студентот за нови и вонкурикуларни знаења од специфични области од интерес - универзални желби на секој амбициозен матурант - вели Стефан.

 

Добитник на државни награди во областа на хемијата, англискиот јазик и математиката

Роден и пораснат во Прилеп, Стефан во секоја образовна фаза од животот покажувал постојан одличен успех. Редовноста и дисциплината при учењето ги поседувал за сите предмети, меѓутоа, најголеми успеси имал во областа на хемијата. Овие успеси биле крунисани со добивање прво место на Државниот натпревар по хемија организиран од Природно-математичкиот факултет (ПМФ) кога бил втора година средно.

- Ова достигнување ми овозможи едно полугодие да присуствувам на предавања од професорите при Институтот за хемија на овој факултет, како и целосна стипендија за студирање на ПМФ, доколку се одлучам за тоа. Награди и признанија на државно ниво добив и во областа на англискиот јазик и математика. Имајќи го сето ова предвид, бев прогласен за првенец на генерацијата и во основното и во средното училиште. И покрај тоа, сигурно беше само дека во иднина се гледав во некоја од природните науки, но во која дисциплина попрецизно, не ми беше јасно дефинирано ниту по завршувањето на средното образование - додаде Стефан.

 

„Желбата да студирам медицина се јави потсвесно“

Кога дошло време за упис на факултет, Стефан се нашол на тромеѓа помеѓу ПМФ, за кој му била загарантиран стипендија, Факултетот за применета хемија во Аахен, Германија, поради солидното познавање на германскиот јазик, и желбата за студирање медицина.

- Желбата да студирам медицина се јави потсвесно и на некој начин ги амалгамизира сите знаења што ги нудат природните науки, со цел одржување и подобрување на здравјето на човекот. Тој холистички пристап што ја карактеризира медицината беше пресуден буквално во последните минути од рокот за апликација да го одберам Медицинскиот факултет во Скопје, како оној во кој ќе аплицирам, а потоа и ќе продолжам со моето академско напредување. На Медицинскиот факултет се запишав во академската 2016/2017 година, на насоката општа медицина. Оваа насока е со траење од шест години (дванаесет семестри), од кои првите пет предвидуваат континуирано учење, со полагање колоквиуми, писмени и усни испити, практични вештини, изработка на семинарски задачи и проекти по речиси седумдесет предмети. Последната, шеста година, е предвидена за пракса - се присетува Стефан.

 

Поминував по 7-8 часа на ден во подготвување на испитите

Гледајќи од денешна перспектива, Стефан смета дека очекувањата за Медицинскиот факултет генерално му се исполниле. Амбициозноста и дисциплината во учењето кај него биле присутни уште пред запишувањето на факултет, па продолжиле да го обликуваат и неговото студирање, секако, вклучувајќи доста поголем обем на материјал. Сепак, Стефан немал зацртано конкретна цел дека ќе заврши со просек десет.

- Контактот со пациенти, разговорите и прегледите кои како студент ги преземате, со цел последователна дискусија со професорите и асистентите за можните дијагнози и третман, се незаменлив дел од струката лекар. Меѓутоа, мои омилени предмети беа претклиничките, оние што се спуштаат до молекуларно и генетско ниво, со цел да ги објаснат механизмите за настанувањето на болестите. Така, омилени предмети, а со тоа и најинтересни предавања ми беа од областа на имунологија, генетика, патофизиологија и патологија. Поминував по 7-8 часа на ден во подготвување на испитите, континуирано во текот на целата академска година - вели Стефан.

Сака да гради кариера во областа на имуногенетиката

Афинитетите на Стефан кон научноистражувачкиот аспект на медицината резултирале со тоа да аплицира, а потоа и да работи како демонстратор на Институтот за имунобиологија и хумана генетика при Медицинскиот факултет во текот на шестата година од студиите. Со тоа тој бил вклучен во практичната настава од предметите Хумана генетика и Вовед во имунологија за студентите од прва и втора година.

- Бев изложен и на медицинскиот аспект од овие две области при секојдневните здравствени услуги кои им се даваат на пациентите во овој Институт, а се стекнав и со првото искуство од научноистражувачкиот сегмент во медицината. Имено, на интернационален медицински конгрес во Гронинген, Холандија, летово ги презентирав резултатите од истражување поврзано со вакцинацијата против ковид-19, проект на кој работев во текот на демонстраторството, во соработка со вработените од Институтот. Ова имаше две круцијални импликации за мојата идна академска кариера. Имено, успешното учество на овој конгрес ми овозможи да добијам грант за едномесечен престој и работа на Универзитетот во Гронинген, искуство кое ме очекува во претстојниов период, а потоа и можноста да запишам докторски студии на истиот.

Стефан е сигурен во тоа дека би ја продолжил кариерата во областа на имуногенетиката, каде што се надева дека успешно би правел симбиоза на здравствениот, истражувачкиот и академскиот аспект на ова поле.

- За остварување на оваа цел, конкретни чекори кои ме очекуваат се работа и стекнување дополнително искуство во оваа гранка на медицината, целосна посветеност и апсолвирање на новитетите за време на престојот во Гронинген, потоа соодветна специјализација, следена од докторски студии - додава Стефан.

 

Фото: приватна архива

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема