X
 21.02.2022 Наша тема

Најдобриот студент на Филолошки - Христина Ангелеска зборува за љубовта кон македонскиот јазик

Без разлика со каква дејност се занимава секој човек што живее во Македонија, треба да го знае и да го негува македонскиот јазик. Чувството дека придонесуваш во ширење на љубовта кон својот јазик, својот народ, својата држава е благородно, вели Христина

Христина Ангелеска од Прилеп е добитничка на наградата за најдобар дипломиран студент со просек 9,94 на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици во 2020 година. Магистерските студии ги продолжила на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје. Во интервјуто за Факултети.мк Христина ни раскажа за нејзината љубов кон македонскиот јазик, за успешната Еразмус-размена во Загреб, како и успешната соработка со Универзитетот „Карл фон Осјецки“ во Олденбург.

Дел сте од мала група студенти што го изучуваат македонскиот јазик, од каде потекнуваат желбата и интересот за негово проучување?

- Желбата за изучување на македонскиот јазик е склоп на повеќе од моите интереси.Во детството се замислував како наставничка, во средно образование се запишав во јазична група и почнав да пишувам уметничка литература на македонски јазик, но најголема мотивација е љубовта кон македонскиот јазик и Македонија. На факултет сфатив дека македонскиот јазик нуди многу можности за проучување, на пример, во неговата структура се содржани многу словенски, но и многу балкански карактеристики, па така може да се проучува на многу рамништа - историско, компаративно, современо итн. Многу труд и многу верување во себе. Уште во првиот семестар на факултетот ми беше јасно дека се наоѓам на вистинското место и се трудев да го дадам максимумот од себе на сите предмети. Кога во 2020 дознав дека постои титула, односно признание за најдобар дипломиран студент, нормално дека се замислив како добитничка.



Со какво искуство се стекнавте преку Еразмус-размената на Филозофскиот факултет во Загреб?

- На факултетот во Загреб се обидов да го претставам Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во најдобро светло и мислам дека успеав во тоа. Таму слушав и полагав предмети од македонска и од јужнословенска книжевност. Се разбира, предметите Словенечка книжевност и Споредбени анализи ми беа поголем предизвик затоа што првпат се сретнав со тие теми, но и поради јазикот, затоа што се трудев да зборувам на стандарден хрватски јазик, додека на предметите од македонска книжевност можев да зборувам и на македонски јазик.

Како ја остваривте соработката со Универзитетот „Карл фон Осјецки“ во Олденбург, Германија?

- На универзитетот во Олденбург има одделение за словенски јазици и еден од моменталните проекти на кои се работи е проучување на македонските дијалекти надвор од Македонија. Мојата професорка по старословенски јазик ме препорача кај нејзините колеги во Олденбург и веднаш се вклучив во проектот.



Колку Вашиот лекторски и образовен ангажман досега Ви дава сознанија за тоа каква и колкава е грижата на младите за нашиот мајчин јазик?

- Немам големо работно искуство за да го одговорам ова прашање преку статистика, но од моето дипломирање досега држам приватни часови на неколку дечиња од петто до осмо одделение и сум многу позитивно изненадена од нивниот интерес и нивното знаење. Веројатно сликата би била поразлична ако работев во државно училиште бидејќи, сепак, се среќавам со деца што одбрале да учат македонски јазик и книжевност надвор од нивните часови во училиштето.

Каде ги продолживте студиите од втор степен?

- Студиите ги продолжив во Институтот за македонски јазик, на насоката Македонистика и комуникологија. Во моментов ја подготвувам магистерската теза. Студиите се насочени кон проучување на Граматиката на македонскиот јазик на современо и на историско рамниште. Во рамките на Институтот има неколку настани што се одржуваат секоја година, на пример, Денови на Благоја Корубин и Отворени денови на Институтот за македонски јазик. Се очекува годинава да започнат со работа два проекта на кои ќе бидат вклучени и студенти, што е одлична можност за нас бидејќи ќе стекнеме искуство од научна работа.



И за крај, според Вас, што направивме и што треба да направиме за нашиот мајчин јазик?

- Веднаш по кодификацијата на македонскиот јазик, македонистите се зафаќаат со работа и е направено многу во релативно краток временски период. За жал, од политички причини, нашата кодификација дошла подоцна во однос на тоа од кога имало таква свест и тенденција меѓу македонските учени луѓе. Без разлика со каква дејност се занимава, секој човек што живее во Македонија треба да го знае и да го негува македонскиот јазик. Што се однесува до проучувачите на македонскиот јазик, групите за македонски јазик на Филолошкиот факултет се малобројни, а и мал број од дипломираните продолжуваат научно да се занимаваат со македонскиот јазик, најчесто поради тоа што нема многу нови вработувања во институциите за македонски јазик, нема стипендии за постдипломски студии, ретки се финансираните проекти итн. Подвигот да го изучуваш македонскиот јазик можеби изгледа донкихотовски, но оваа професија нуди многу интересни теми за проучување, а чувството дека придонесуваш во ширење на љубовта кон својот јазик, својот народ, својата држава е благородно.



Фото: приватна архива
Подготвил: Христина Христовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема