X
 21.02.2023 Наша тема

Дамјан Каранфиловски доби целосна стипендија од Универзитетот во Пенсилванија: „Овде тешко доаѓавме до епрувета, а заминувам во средина каде што има многу лаборатории на располагање“

Од Универзитетот сметаа дека е во нивни интерес да ми ја покријат целосно стипендијата доколку го продолжам моето образование таму, раскажува Дамјан Каранфиловски од Битола, кој успеа да се запише во првиот, односно ран круг на Универзитетот во Пенсилванија, Филаделфија, каде што доби целосна стипендија, која на годишно ниво изнесува 86.000 долари.

Тој годинава ќе матурира во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола и при крајот на летото ќе замине за Америка. Вели дека ова е остварување на неговиот долгогодишен сон - да стане студент на престижен универзитет каде што ќе ги има потребните услови за да стекне што повеќе знаења. Каранфиловски како средношколец беше двократен првак на државни натпревари по хемија, за што лани пишуваше Факултети.мк, а и сега размислува да студира биохемија.

Освоени високи резултати на американската матура

- Универзитетот од Пенсилванија беше првиот на кој аплицирав од деветте испланирани. Го одбрав бидејќи најмногу ме влечеше од осумте универзитети во Ајви-лигата, од кои секој е светски познат поради својот академски престиж, а најпознати се „Харвард“ и „Јеил“. Дел од мене се имаше откажано од идејата дека ќе ме примат на таков факултет, но високиот SAT резултат (американска матура) што го добив ме убеди барем да аплицирам. Универзитетот, како и многу други во неговиот ранг, има два круга за аплицирање, регуларен и ран круг. Осум илјади апликанти, вклучувајќи ме и мене, аплициравме на раниот круг и притоа се обврзавме дека ќе се запишеме на него доколку сме примени и добиеме соодветна финансиска помош - вели Каранфиловски.



Од осум илјади кандидати од светот, во раниот круг примени се 1.200 апликанти, што претставува околу половина од конечниот број студенти што ќе бидат дел од генерацијата на Каранфиловски. Универзитетот му одобри и целосна стипендија, која на годишно ниво изнесува 86.000 долари.

Најблиските пријатели скокаа повисоко од мене кога им ја соопштив радосната вест

- Овој универзитет ќе значи многу за мене. Ова е кулминацијата на петгодишен сон. Најтешки беа деновите кога ги чекав резултатите од SAT и резултатите од универзитетот. Денови во кои мајка ми го делеше со мене стресот како да е нејзин. Најблиските пријатели знаат колку многу го сакав ова и скокаа повисоко од мене кога ја споделив радосната вест, која не можев да се воздржам да не им ја соопштам дури и кога уште не знаев дека со сигурност ќе добијам целосна стипендија. Некогаш далеку во иднината, дипломата ќе ми отвори многу врати кон најразлични кариери, но во сегашноста, најскапоцени ми се сликите од лицата на моите пријатели и роднини кога дознаа дека го постигнав она по кое мечтаев - додава Каранфиловски.

Каранфиловски е познат по неговите солидни знаења од областа на хемијата, па планира да ги надгради во САД и е многу среќен што на универзитетот ќе има можност за практична настава.

Планира да студира биохемија

- Ќе учам на универзитет познат по својата академска екселенција. Ќе се префрлам од средина каде што немав услови да допрам епрувета во средина каде што ќе имам над 1.000 лаборатории на располагање. Во околина толку поразлична од нашата, имам среќа што меѓу глумци и деца на американски милијардери и политичари учат и двајца Македонци запишани лани - додава тој.

За уписите се подготвуваше активно една година, со пишување на главниот есеј на слободна тема, одговор на три кратки есејски прашања, полагање на американската матура - SAT, соединување на сите активности надвор од училиштето во едно сиви, берење препораки од професори и друго.

Сега кога стигна до целта, планира да студира биохемија. Хемијата и биологијата најмногу го привлекуваат од сите други науки, но високообразовниот систем таму во првата година од студиите нуди избор на научна дисциплина која понатаму студентот ќе се одлучи да ја студира. Академската година започнува на 29 август, но ќе мора една недела порано да се смести за да се приспособи на новата средина.



Хемијата како инструмент да се разбере живот свет околу нас

Во текот на неговото средно образование тој успеа на два државни натпревари по хемија да освои први места. Беше државен првак во 2019 година, следната година поради пандемијата, не се одржа натпреварот, па во 2021 повторно беше прв од сите натпреварувачи по хемија од втора година средно. Неговата збирка на освоени награди во текот на образованието е голема, а во неа се вбројуваат и постигнати успеси по математика и странски јазици.

Каранфиловски не може точно да се сети на моментот кога му се јавила љубовта кон хемијата. Дали таа љубов била предизвикана од многуте денови што како мал ги минал помагајќи му на татко му во градината и набљудувајќи го микроскопскиот екосистем. Или, пак, од раните години поминати разгледувајќи слики во енциклопедии наместо сликовници?

- Хемијата е инструмент преку кој можам да го разберам она во кое најпрво се вљубив, а тоа е живиот свет околу нас. Од сите природни науки, хемијата има посебно место во моето срце бидејќи нејзин предмет на изучување се елементите и безбројните соединенија што тие ги градат. Без нив, што би постоело? Како ќе се изучува физика без универзалните градбени единки што ги градат телата? Како ќе се изучува биологија, живиот свет, без биолошките реакции што го овозможуваат тој живот - вели Каранфиловски.



Фото: фејсбук-страница на гимназијата „Јосип Броз Тито“
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема