X
 21.09.2023 Живот

Дислипидемија - симптоми и третман

Дислипидемија се јавува кога нивоата на липиди во крвта се нерегулирани. Тоа може да се должи на холестерол, триглицериди или липопротеински холестерол (ХДЛ).
Два типа липопротеини носат холестерол до и од клетките. Едниот липопротеин е со мала густина или ЛДЛ, а липопротеинот е со висока густина или ХДЛ.

ЛДЛ (лош) холестерол

ЛДЛ холестеролот се смета за „лош“ холестерол бидејќи придонесува за масни наслаги во артериите (атеросклероза). Ова ги стеснува артериите и го зголемува ризикот од срцев удар, мозочен удар и болест на периферната артерија.

ХДЛ (добар) холестерол

ХДЛ холестеролот може да се смета како „добар“ холестерол затоа што уредно ниво може да заштити од срцев и мозочен удар со тоа што ХДЛ го носи ЛДЛ (лошиот) холестерол подалеку од артериите и го враќа во црниот дроб, каде што ЛДЛ се распаѓа и се елиминира од телото. Но, ХДЛ холестеролот не го елиминира во целост ЛДЛ холестеролот.

Триглицериди

Триглицеридите се најчестиот вид маснотии во организмот. Тие складираат вишок енергија од вашата исхрана.
Високо ниво на триглицериди во комбинација со висок ЛДЛ (лош) холестерол или низок ХДЛ (добар) холестерол е поврзано со масни наслаги во sидовите на артеријата, што го зголемува ризикот од панкреатитис, срцев удар, мозочен удар.

Холестерол: митови и факти

Мит: Треба да го тестирам нивото на холестерол само ако имам над 30 години.
Факт: Американското здружение за срце (АХА) препорачува да се тестира првпат на возраст од 9 до 11 години, потоа на возраст од 17 до 21 година. По 21 година се препорачува да се тестира еднаш годишно.

Мит: Само луѓето со прекумерна тежина имаат висок холестерол.
Факт: Без разлика на вашата тежина, дури и ако останете во форма, може да имате висок холестерол. Очигледно, веројатноста да имате висок холестерол е поголема ако имате прекумерна тежина, ако водите седентарен живот и не се грижите за исхраната.

Мит:
Високиот холестерол е проблем исклучиво за мажите.
Факт: Атеросклерозата е почеста кај жените отколку кај мажите. Бременоста и предвремената менопауза се некои од факторите што можат да влијаат врз нивото на холестерол.

Мит:
Моето ниво на холестерол е последица на мојата исхрана и мојата физичка активност.
Факт: Вистина е, но тие не се единствените фактори. Исто така влијаат: возраста, наследноста и тежината. Затоа мора да се грижиме за исхраната, да го одржуваме срцето здраво и да избегнуваме срцеви заболувања.

Мит: Ако земам лекови за намалување на нивото на холестерол, повеќе нема потреба да ја менувам исхраната или начинот на живот.
Факт: Неопходно е ако се открие дека вашиот лош холестерол е висок, да го следите третманот како што ви наложил вашиот лекар, но исто така мора да направите приспособувања во секојдневниот живот. Започнете со урамнотежена исхрана и физичка активност секој ден.

Мит:
Децата немаат проблеми со холестеролот.
Факт: За жал, имаат. Има деца кои можат да наследат високо ниво на холестерол од нивниот татко или мајка. Тоа е состојба наречена фамилијарна хиперхолестеролемија. Навремената дијагноза со вашиот педијатар е многу важна за да се избегнат идните ризици.



Видови дислипидемија

Дислипидемијата е поделена на примарна и секундарна. Примарната дислипидемија е наследна, а секундарната дислипидемија е стекната состојба. Тоа значи дека се развива од други причини, како што се дебелина, дијабетес и др. Дислипидемијата може да се однесува на нивоа кои се повисоки или пониски од нормалниот опсег на масти во крвта.

Симптоми на дислипидемија

Може да имате дислипидемија и да не го знаете тоа. Како и хипертензијата, високиот холестерол нема очигледни симптоми. Често се открива при рутински тест на крвта во лабораторија.
Сепак, дислипидемијата може да предизвика некои кардиоваскуларни заболувања кои може да бидат првите симптоми. Високите нивоа на ЛДЛ холестерол носат ризик за коронарна артериска болест (блокада на артериите во срцето) периферна артериска болест (блокада на артериите во нозете и во рацете), церебрални артерии и др.

Ризик-фактори за дислипидемија


Ако еден или двајцата родители имаат дислипидемија, ризикот од нејзино развивање е висок. Возраста, исто така, е ризик-фактор за висок холестерол. Жените имаат тенденција да имаат пониски нивоа на ЛДЛ од мажите до менопаузата. Во оваа фаза, нивото на ЛДЛ кај жените почнува да расте.

Други медицински состојби што можат да го зголемат ризикот од развој на дислипидемија се: дијабетес II, хипотироидизам, хронична бубрежна болест и др.
Ниското ниво на ХДЛ холестерол е поврзано со високо ниво на ЛДЛ, иако овие нивоа не се движат секогаш заедно.

Причина за дислипидемија

Вашето тело природно го произведува целиот ЛДЛ (лош) холестерол што му е потребен. Нездравиот начин на живот го прави вашето тело да произведува повеќе ЛДЛ холестерол отколку што му треба. Ова е причина за висок ЛДЛ холестерол кај повеќето луѓе.
Причинители се: нездрава исхрана, недостиг на физичка активност, пушење или изложеност на чад од тутун и прекумерна тежина.
Постојат два вида третман и превенција на компликации од дислипидемија -нефармаколошки и фармаколошки третман.

Здрава исхрана

Најважен фактор во нефармаколошкиот третман на дислипидемии е здрава исхрана. Најдобриот начин да го намалите холестеролот е да го намалите внесот на заситени масти (говедско, јагнешко, свинско месо, путер, крем и сирење, кокосово масло и путер од какао, како и палмино масло) и транс-масти (транс-мастите се наоѓаат во многу пржена храна, печива, тесто за пица, кора од пита, колачиња и крекери и др.) Намалувањето на овие масти значи ограничување на внесувањето на црвено месо и млечни производи направени со полномасно млеко. Наместо тоа, изберете обезмастено млеко, млечни производи со малку маснотии или без маснотии. Тоа, исто така, значи ограничување на пржената храна и готвење со здрави масла, како што е растително масло, маслиново масло, консумирање овошје, зеленчук, цели зрна, живина, риба, јаткасти плодови и нетропски растителни масла, истовремено ограничувајќи ги црвените и преработените меса, храна и пијалаци засладени со натриум и шеќер.

Физичка активност

Седечкиот начин на живот го намалува ХДЛ холестеролот. Помалку ХДЛ значи дека има помалку добар холестерол кој е потребен за да се отстрани лошиот холестерол од вашите артерии. Физичката активност, како брзо одење, пливање, велосипедизам и др., се важен фактор за регулирање на дислипидемија.

Откажување од пушење

Пушењето го намалува ХДЛ холестеролот. Ако лице со дислипидемија пуши, ризикот од срцева болест се зголемува уште повеќе отколку кај непушачи. Со откажување пушачите можат да го намалат ЛДЛ холестеролот и да го зголемат нивото на ХДЛ холестерол. Исто така, откажувањето од пушење може да помогне во заштитата на нивните артерии. Непушачите треба да избегнуваат изложеност на пасивно пушење.
Прекумерната тежина има тенденција да го зголеми лошиот холестерол и да го намали добриот холестерол. Но, губење на тежината од само 5% до 10% може да помогне во подобрувањето на нивото на холестеролот.

Фармаколошки третман

Во медицинската практика за третман на дислипидемии се користат низа формули и калкулатори кои ги делат дислипидемиите во различни степени на ризик од појава на кардио и церебрални исхемии во корелација со други заболувања и навики.
Најкористените лекови се статините, кои влијаат на намалување на вредностите на холестерол и ЛДЛ, како и намалување на ризикот од појава на исхемичен инцидент (затнување на крвен сад) со тоа што влијаат врз стабилизирањето на атеросклеротичните плаки кои се создаваат во крвните садови од холестеролските депозити.
Нестатински лекови се: езетимибе, фибрати, PCSK9 инхибитори.

Дислипидемија со покачени вредности на триглицериди (или комбинирана со покачени холестерол и ЛДЛ) се третира со друга група лекови - фибрати.
И покрај користената терапија, клучна улога во лекување на дислипидемии играат диеталниот режим, активноста, избегнувањето стрес, неконсумирањето алкохол и тутун.

Автор: д-р Гојарт Сулејмани, специјалист интернист
Општа болница „Д-р Ферид Мурад“ - Гостивар

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот