X
 22.05.2020 Наука

Климатските промени позеленуваат делови од Антарктикот

Делови од Антарктичкиот Полуостров ќе ја променат бојата бидејќи „зелениот снег“ предизвикан од расцветаните алги се очекува да се прошири со зголемувањето на глобалните температури, покажува ново истражување.


Иако често се смета дека таму нема растенија, Антарктикот е дом на неколку видови на алги, кои растат на кашестиот снег и го апсирбираат јаглеродниот диоксид од воздухот.

Истражувачите од Универзитетот „Кембриџ“ и британската операција за истражување на Антарктикот искомбинирале сателитски снимки со опсервации од терен за да ја детектираат застапеноста на зелената алга во најбезживотниот континент на Земјата.


Тие идентификувале повеќе од 1.600 одделни цветања на зелената алга на снег ширум полуостровот, со комбинирана површина од 1,9 квадратни километри.

- Иако бројките се релативно мали на глобално ниво, на Антарктикот, каде имате толку малку растителен живот, таа количина на биомаса е многу значајна. Многу луѓе мислат дека Антарктикот е само снег и пингвини. Всушност, кога ќе погледнете околу рабовите, има многу растителен живот - истакна Мет Дејви од Одделот за растителни науки при „Кембриџ“.


Тимот пресметал дека алгите на полуостровот моментално апсорбираат нивоа на јаглероден диоксид еднаков на 875.000 просечни патувања со автомобил.

Тие исто така утврдиле дека повеќето од цветањата на алгите биле во рамки на 5 километри од колонија на пингвини бидејќи изметот од овие птици е одлично ѓубриво.

Поларните региони се затоплуваат многу побрзо од другите делови од планетата и тимот предвидува дека во ниските крајбрежни области на Антарктикот наскоро ќе нема алги бидејќи искусуваат лета без снег.

Но, таа загуба веројатно ќе биде надоместена од преовладување на цветања на алги како што температурите се зголемуваат и снегот на повисоките алтитуди омекнува.

- Како што Антарктикот продолжува да се затоплува, на малите ниски острови, во еден момент веќе нема да има снег за време на летото. Обратно на тоа, на северот од полуостровот видовме големи цветања и претпоставуваме дека веројатно ќе гледаме уште повеќе - истакна Ендрју Греј, водечки автор и истражувач од „Кембриџ“.

Иако повеќе алги значи и дека се апсорбира повеќе јаглероден диоксид, растенијата би можеле да имаат мало, но значително влијание врз локалното албедо - колку од сончевата топлина се рефлектира од површината на Земјата. Додека белиот снег рефлектира 80 отсто од радијацијата која го погаѓа, кај зелениот снег, процентот е околу 45.

Сепак, тимот смета дека намаленото албедо нема да влијае на климата на Антарктикот на некое значително ниво.

Извор и насловна фотографија: Science Alert
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука