X
 22.08.2023 Живот

На Европа ѝ недостигаат околу 1.000 контролори на летање, младите не се заинтересирани за оваа професија

Европа се соочува со недостиг на околу 1.000 контролори на летање, како резултат на недоволната заинтересираност на младите за оваа професија која ја карактеризираат постојани обуки и надградби, нефлексибилно работно време и прекувремена работа.

Според извршниот потпретседател на Меѓународната федерација на асоцијации на контролори на летање, Фредерик Дело, главна причина за недостигот на кадар за контролните кули на аеродромите е тоа што за оваа професија е потребно повеќегодишно стручно усовршување.

Дело нагласува дека на контролорите на летање од старт им се потребни две до три години специјалистичка обука, што често претставува огромен трошок за давателите на услуги за воздухопловната навигација.

Една стандардна програма за обука на контролори за летање, како онаа што ја спроведува Евроконтрол, опфаќа теоретска настава на воздухопловни универзитети, тренинзи на симулатори и практична обука во контролните центри. Кандидатите, исто така, мора да исполнат и други строги критериуми, кои вклучуваат одредено ниво на кондиција, слух и вид, познавање на англискиот јазик и математика, како и да се помлади од 27 години на стартот на обуката.

- Постојано се содава недостиг, заклучува Дело, додавајќи дека проблемот ќе се влоши во следниот период кога „огромен дел“ од актуелните контролори на летање во Европа ќе треба да се пензионираат.

Ваквиот недостиг на работна сила се надоместува со зголемен обем на работа и продолжување на работното време, што дополнително ја прави професијата помалку привлечна и го отежнува привлекувањето нови кадри.

- Не можеме постојано да ги притискаме луѓето. Прекувремена работа има и свои граници, бидејќи сме безбедносно ризична професија. Не можеме постојано да бараме од луѓето да доаѓаат на работа по 12 часа или да работат шест од седум дена во неделата, со што ризикуваме во еден момент да превидат нешто или да се случи инцидент, изјави Дело за „Политико“.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот