X
 22.10.2022 Живот

Каде живеат најздравите луѓе во светот?

Едно јужноамериканско племе има исклучително активен животен стил и најздрави артерии откако било проучувано, тврдат научниците.

Членовите на племето Цимане од боливиската амазонска прашума поголемиот дел од денот го поминуваат во риболов, лов, обработка на земјата и собирање јаткасти плодови и диви плодови.

Нивната исхрана се базира на јаглехидрати кои содржат многу малку масти и протеини. Научниците веќе проучувале стотици жени и мажи од ова племе и откриле дека девет од десет од нив имаат артерии кои се чисти и без ризик од срцеви заболувања.

Дури и оние што се во поодминати години се во изненадувачки добра здравствена состојба. Речиси две третини од оние над 75 години не биле под никаков ризик, а само 8 отсто биле со умерен до висок ризик за срцеви заболувања. Еден 80-годишен маж дури имал артерии на средовечен Американец.

- Нашето истражување покажува дека членовите на племето Цимане имаат најниска преваленција на коронарна атеросклероза (стеснување и стврднување на артериите) од сите народи набљудувани досега - вели водечкиот научник на истражувањето, професор Хилард Каплан од Универзитетот во Ново Мексико.

- Нивниот начин на живот покажува дека исхраната базирана на ниски количини на заситени масти и високи количини на непреработени јаглехидрати богати со влакна, дивеч и риба, како и непушењето и целодневната физичка активност може да помогнат да се спречи стврднување на срцевите артерии - додава професорот Каплан.

Протеините од животинското месо сочинуваат само 14 отсто од нивната исхрана, а истото важи и за мастите. Додека луѓето во градовите денот го поминуваат седејќи, луѓето од племето Цимане се неактивни само 10 отсто од денот. Мажите поминуваат од 6 до 7 часа дневно во различни физички активности, а жените се активни од 4 до 6 часа.

Научниците посетиле 85 села каде што живеело ова племе помеѓу 2004 и 2015 година и го измериле ризикот од срцеви заболувања со компјутерска томографија на 705 луѓе на возраст меѓу 40 и 94 години. Слично скенирање на речиси 7.000 Американци од претходно истражување покажало дека само 14 отсто од нив не се соочувале со ризик од срцеви заболувања.

Припадниците на ова племе имале и ниски вредности за крвен притисок, шеќер и холестерол во крвта. Изненадувачки, кај половина од нив било откриено дека се активирани маркери за воспаление, и покрај тоа што ова вообичаено се гледа како ризик-фактор.

Извор: Geek.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот