X
 23.12.2021 Наша тема

Биди и ти Дедо Мраз: Кога децата без родители ќе станат полнолетни, здружението „За тебе“ им подава рака

Дедо Мраз може да биде секоја општествено одговорна компанија или индивидуалец кој може да издвои средства за да израдува една заборавена категорија на граѓани, вели Цеце Николова

Тежок е животот на децата без родители, но уште потешко им е кога ќе влезат во светот на возрасните. До 17 години, во згрижувачките центри има некој што се грижи за нив, но откако ќе наполнат 18 години, животот им се менува за 360 степени. Треба да мислат каде ќе живеат, што ќе работат, дали ќе имаат услови да студираат и низа други прашања што прават еден човек да има достоинствен живот.

Минатата година, првпат во нашата држава, се оформи здружението „4U“ (За тебе), кое е создадено од деца без родители за деца без родители. Ова здружение има цел да им помага на младите од социјален ризик да станат дел од општеството како одговорни луѓе. По повод новогодишните празници, во тек е нивната хуманитарна кампања „Биди и ти Дедо Мраз“, со цел да им се помогне на овие наши сограѓани да имаат подобар живот. Претседателката на здружението „4U“ и новинарка Цеце Николова вели дека истата кампања ја направиле лани и сфатиле дека овие пакетчиња биле од огромна помош за нивните штитеници.



Дедо Мраз може да биде секој за да израдува една заборавена категорија на граѓани

- Ова е кампања посветена на 30-ина млади во социјален ризик, но бројката за подароци е 15. Подароците можат да бидат направени од производи кои самата компанија ги нуди на пазарот. Доколку компанијата не се занимава со продажба, тогаш може финансиски да нè поддржи или, пак, да подари 15 мали апарати за домаќинство, 15 ваучери за облека, 15 новогодишни пакетчиња, храна, чевли... Дедо Мраз може да биде секоја општествено одговорна компанија или индивидуалец кој може да издвои средства за да израдува една заборавена категорија на граѓани - вели Никoлова.

Што значи да се биде млад човек во социјален ризик?

- Ние работиме со лица кои до 18 години имале статус на дете без родители. Значи, тоа се деца без родители, но сега полнолетни. :) Поддршка од општеството и институциите е неопходна. Овие млади дечки преку ноќ стануваат возрасни и навистина им е потребна поддршка додека да се најдат во светот на возрасните - вели Николова.



Цеце Николова ѝ е позната на јавноста бидејќи многу пати зборувала дека своето детство го поминала во СОС Детското село како дете без родители. Таа е храбра млада девојка која зборувајќи гласно за својата тешка животна приказна, претставува голема инспирација бидејќи успеала да се изгради во личност која денес заработува за да си обезбеди топол дом, храна и основни услови за живот. Уште поголем човек ја прави тоа што е една меѓу првите што се сетија да се направи здружение за помош на младите од социјален ризик. Бидејќи минала низ истото, знае колку е потребно некој да ти подаде рака во тие денови.

- Ако пред 4-5 години постоеше 4U, апсолутно животот ќе ми беше полесен. И не го велам ова зашто сум претседател на здружението, сепак и јас бев дете без родители, туку навистина правиме сè што е во наша моќ за да им го покажеме вистинскиот пат на секој од нив - појаснува таа.



Што сè прави „За тебе“?

- Пред сè, правиме кариерен план заедно со нив. Односно, правиме план како да стигнеме до нивната професија од соништата. Заедно со општествено одговорните компании нудиме разни доедукации, обуки, семинари - сè што е потребно за да се стигне до потребното знаење. И потоа, секако, вработување. Имаме многу акции во кои собираме храна и средства за хигиена, правиме работилници во кои се учат важни животни лекции, летово организиравме и бесплатен летен одмор за 5 младинци, им бараме сместување на оние што ќе останат без покрив над глава... Нашите активности се адаптираат во зависност од нивните потреби - вели Николова.
Новогодишните подароци ќе предизвикаат насмевка кај овие младинци, но како да ја задржиме среќата кај нив и по новогодишните празници?
- Најтешко е да им обезбедиме долгорочна среќа. Но, мислам дека сме на добар пат. Еве еден јавен апел до институциите и актуелната власт што поскоро да доделат социјални станови за ранливи категории, меѓу кои спаѓаат и младите во социјален ризик. Кога ова прашање би им го решиле, мислам дека би доживеале вистинска, долгорочна среќа - рече Цеце Николова.


Фото: Мартина Трајковска
Подготвил: Александра Овчарска-Бела

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема