X
 24.04.2023 Наука

Дали чепкањето на носот е поврзано со Алцхајмеровата болест?

Студија од 2022 година открива суптилна, но остварлива врска меѓу чепкањето на носот и зголемувањето на шансите за развивање деменција. Во случаите каде што чепкањето на носот ги оштетува внатрешните ткива, клучни видови бактерии добиваат полесен пат до мозокот, што одговара на присуство на бактеријата на начини кои личат на знаци на Алцхајмерова болест.

Тука има многу предупредувања, а едно од нив е што истражувањето се базира на испитувања вршени на глувци, а не на луѓе, но резултатите дефинитивно вреди дополнително да се истражат и може да го подобрат нашето разбирање за тоа како почнува Алцхајмеровата болест - процес кој останува мистерија.

Истражувачи од Австралија правеле тестови со бактерија наречена Chlamydia pneumoniae, која може да ги зарази луѓето и да предизвика пневномија. Бактеријата била откриена и кај мнозинството човечки мозоци погодени од деменција со доцен почеток. Се покажало дека кај глувците бактеријата може да патува низ олфакторните нерви. Дополнително, кога има оштетување на назалниот епителиум (тенкото ткиво на горниот дел од назалната шуплина), инфекциите на нервите се полоши. Тоа доведува до тоа мозоците на глувците да складираат повеќе амилоид-бета протеин, кој се ослободува како одговор на инфекции. Грутки од овој протеин се наоѓаат во значителни концентрации кај луѓето со Алцхајмерова болест.

- Ние сме првите што покажаа дека Chlamydia pneumoniae може да оди директно низ носот до мозокот, каде што може да активира патологи кои личат на Алцхајмерова болест. Ова го видовме кај глушец, а доказите се потенцијално страшни и за луѓето - истакна невронаучникот Џејмс Џон од Универзитетот „Грифит“ во Австралија.

Научниците биле изненадени од брзината со која бактеријата го зазела централниот нервен систем на глувците, со тоа што инфекцијата се случила за 24 до 72 часа. Се мисли дека бактериите и вирусите го сметаат носот за брз пат до мозокот.

Иако не е сигурно дека ефектите ќе бидат исти и кај луѓето, или дека амилоид-бета грутките се причина за Алцхајмерова болест, важно е да се следат ветувачките траги во борбата за разбирање на оваа честа состојба.

Чепкањето на носот не е нешто ретко. Всушност, можно е 9 од 10 лица да го прават тоа... Додека бенефитите од оваа навика не се баш јасни, студиите како оваа треба да нѐ натераат да размислиме пред да почнеме да го чепкаме носот.

Извор: Science Alert
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука