X
 24.07.2019 Образование

Грчките студенти излегоа на протести поради укинување на студентскиот имунитет

Укинување на студентскиот имунитет е еден од приоритетите на грчката влада, а одлуката ќе биде вклучена во третиот закон што владата ќе го донесе во парламентот веќе следната седмица, а паралелно експресен одговор стигна од студентите, кои одржаа протест.

Владата тврди дека со укинувањето ќе се стави крај на деликвенцијата, на дрогата, на Молотовите коктели, а универзитетите ќе им се вратат на студентите и на професорите.

Студентите нивниот одговор го дадоа преку протест.

– Имунитетот беше постигнат со борба, со борба ќе го одбраниме - порачаа студентите на вчерашниот протест одржан во центарот на Атина.

Маршираа низ улиците, стигнаа до грчкиот парламент, а оттаму се упатија кон Политехничкиот Универзитет. Најавуваат дека повторно ќе излезат на демонстрации кога законот ќе дојде за гласање пред пратениците.

Во протестот учествуваа и левичарски студентски организации, а беше поддржан и од подмладокот на СИРИЗА.

– За нас, безбедноста е апсолутен политички приоритет, не преговараме за тоа и ќе направиме се што е потребно за грчките граѓани да се чувствуваат безбедно. И секако студентите и професорите повторно ги добиваат универзитетите. Имунитетот на нелегалноста, Молотовите коктели и на дрогите веднаш се укинува - рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговиот говор во парламентот за време на расправата за доверба на владата.

Министерката за образование на Грција, Ники Керамеос, презентирајќи ги приоритетите на министерството во парламентот, за време на викендот, рече дека во однос на високото образование, прво ќе им ги вратат факултетите „на оние на кои вистински им припаѓаат, на студентите, на професорите, укинувајќи го лошо сфатениот имунитет“.

– Јавните власти ќе можат по службена должност да интервенираат за секое кривично дело сторено во рамки на универзитетот - рече министерката.

Портпаролот на грчката влада, Стелиос Пецас, на вчерашниот брифинг со новинарите и странските дописници објасни дека „укинувањето на имунитетот на насилството и беззаконието“ ќе биде вклучено во законот што ќе вклучува низа одредби од различни министерства. Следниот понеделник ќе биде доставен во парламентот, во вторник ќе се разгледува пред надлежната комисија, а се очекува да се изгласа до 8 август.

Укинувањето на студентскиот имунитет, беше едно од предизборните ветувања на Кирјакос Мицотакис, а во Грција отвора низа дискусии. Некои го поврзуваат со активностите на млади маскирани лица кои го „злоупотребуваат“ ова студентско право па универзитетските простории, најчесто Политехничкиот факултет го користат како засолниште за време на протестите. Други потсетуваат дека бунтот против Хунтата започна токму од студентите на Политехничкиот Универзитет.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование