X
 24.07.2023 Живот

Дали некогаш сте слушнале за норвешкиот концепт „варирхет“ - симбол на новиот почеток?

Скандинавските земји се познати по нивните уникатни културни концепти кои ја сумираат суштината на нивниот начин на живот. На пример, Данска има „хиге“, Шведска има „лагом“, а Норвешка има „луке“. Сепак, еден концепт не им е толку познат на другите народи, но е многу важен за норвешкиот народ – „варирхет“.

„Варирхет“ - симбол на нов почеток кој е длабоко вкоренет во норвешката култура

Пролетта е годишно време на кое многумина се радуваат, а за Норвежаните таа претставува многу повеќе од промена на температурата и подолги денови. Имено, со доаѓањето на пролетта, многу жители доживуваат уникатно чувство кое е длабоко вкоренето во норвешката култура - „варирхет“, што би можело да се преведе како чувство на „подмладување“ и „возбуда“. Самиот збор комбинира „vår“, што значи пролет, и „yrhet“ - немир или возбуда што доаѓа по долгата и студена зима.

1
Фото: Unsplash

Ова чувство на обнова и надеж е многу важно за Норвежаните и е симбол на нов почеток. Иако можеби не е толку добро познат како концептите „хиге“ или „лагом“, „варирхет“ е исто толку важен за норвешкиот народ. Всушност, тој е тесно поврзан со природната убавина на Норвешка бидејќи пролетта носи расцутени долини и живописни пејзажи со звуци на птици и мирис на свежо цвеќе.

Норвежаните го слават „варирхет“ на различни начини, вклучувајќи активности на отворено, како што се пешачење, возење велосипед и трчање, како и релаксација во сауни и пливање во арктичките води.

Една луксузна норвешка туристичка агенција, „Ап Норвеј“, толку сакаше да го објасни концептот на „варирхет“ што организира патувања што ја комбинираа убавината на природата на Норвешка со фестивалот „Харданџер интернашнл цајдер фест“, кој се одржува во регионот Харданџер. Ова уникатно патување им дава можност на странските посетители да го почувствуваат и доживеат овој концепт.

2
Фото: Unsplash

„Кос“ - уште еден норвешки концепт кој ви помага да забавите и да уживате во моментот

Покрај „варирхет“, „Ап Норвеј“ има и маршрута која вклучува уште еден норвешки концепт - „кос“. Додека „варирхет“ имплицира возбуда што се појавува со доаѓањето на пролетта, „кос“ е поапстрактен концепт кој ја претставува уметноста на свесното ценење на сегашниот момент. Така, оваа компанија на патниците им нуди бавни патувања, овозможувајќи им целосно да уживаат во локалната култура. Наместо да брзаат од место до место, посетителите можат да одвојат време за да воспостават врски со локалното население и да стекнат подлабоко разбирање за норвешкиот начин на живот.

Во свет каде што постојано брзаме од едно место до друго, норвешките концепти на „варирхет“ и „кос“ нудат потсетник да забавиме, да ја цениме убавината на природата и да го прифатиме сегашниот момент. Потопувајќи се во овие културни концепти, можеме подобро да се разбереме себеси и светот околу нас.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Unsplash
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот