X
 24.11.2019 Економија

Се укинуваат сметкопотврдите

Со измените на Законот за Данок на додадена вредност се укинува сметкопотврдата – документ со кој се правдаат трошоци и се користи правото на одбивка. Соопштувајќи ја новината во предлог-измените што треба да се изгласаат во Собранието, министерката за финансии Нина Ангеловска денеска истакна дека досега се носеле многу олеснителни мерки за да се подобри работата на компаниите, но не и за сметкопотврдите кои се користат уште од времето на поранешна СФРЈ. Во многу развиени земји, па и во регионот, рече таа, овој документ е укинат и веќе не се користи.

- Светот брзо се менува и денес зборуваме за електронско сметководство и бесхартиена околина и мора и нашата администрација да го следи тоа за сè повеќе да им го олеснуваме работењето на компаниите. Со укинувањето на сметкопотврдата, која произлегува од измената на Законот за ДДВ, компаниите и физичките лица ќе може да го остваруваат правото на одбивка со приложување фискална сметка за трошоци направени за плаќање во готово или со картичка до 6.000 денари. Со ова се укинува еден процес за кој не знаеме денес дали и зошто е потребен. Исто така, се ослободуваат ресурси, а многу е важно и заштитата на животната средина затоа што ако ги земеме предвид сметкопотврдите на сите компании, сигурно се работи за многу исечени дрвја за да се продуцира хартијата - рече Ангеловска.

Бенефитите од укинувањето на сметкопотврдите ги нагласија и Елизабета Ицева од „Бета консалтинг“ и Ѕвонко Кочовски од „БДО Македонија“, истакнувајќи дека тие се непотребна процедура што го оптоварува работењето.

- Со укинувањето на сметкопотврдата се поедноставува постапката бидејќи сега имаме само еден документ за обработка на податоци, а не два идентични. Се штеди време, се штеди простор зашто сите тие документи треба да се чуваат некаде, во посебни услови, се штеди хартија и сето тоа многу ќе ја олесни нашата работа - рече Ицева.

Кочовски додаде дека ќе се подобри администрирањето помеѓу даночните обврзници во самиот промет.

- Но ослободувањето на сметкопотврдата не претставува избегнување на обврската за докажување на прометот кај даночните обврзници. Таа обврска за нив останува, но намалувањето на администрирањето и евиденцијата многу ќе го олесни работењето - рече Кочовски.

Министерката Ангеловска додаде дека укинувањето на сметкопотврдите е само една од мерките во мозаикот на подобрување на бизнис-околината и намалувањето на административниот товар, посочувајќи дека со измените на Законот за ДДВ е подигнат и прагот од 1 на 2 милиона денари за регистрација на ДДВ-обврзници и дека тоа го пофалила и техничката мисија на ММФ.

На новинарско прашање што очекува од расправата за предлог-буџетот за 2020 година кој влегува во комисиска расправа во Собранието, Ангеловска одговори дека очекува ефикасна, ефективна и конструктивна дебата која, пред сè, и единствено ќе биде во интерес на граѓаните.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија