X
 25.10.2023 Наша тема

Трифче Сандев од најдобар млад научник во 2011 до наградата „Гоце Делчев“ во 2023 и трето вбројување на листата со 2 отсто највлијателни научници во светот

Годинава, на 120-годишнината од загинувањето на македонскиот великан, револуционер и апостол на македонската борба за слобода, Трифче Сандев е почестен со престижната државна награда „Гоце Делчев“

Трифче Сандев во 2011 година беше прогласен за најдобар млад научник и оттогаш континуирано е посветен на нови истражувања, нови достигнувања, освојување значајни награди и признанија. Годинава, на 120-годишнината од загинувањето на македонскиот великан, револуционер и апостол на македонската борба за слобода, Трифче Сандев е почестен со престижната државна награда „Гоце Делчев“. Последно во низата достигнувања е објавувањето на најновите листи на Универзитетот „Стенфорд“ за 2 отсто највлијателни научници во светот за 2022 година. Тој по трет пат се најде на таа листa.

- Во моментот работам во МАНУ, но исто така сум вонреден професор на Институтот за физика при ПМФ во Скопје. Соработувам со голем број научници и професори од повеќе универзитети и научни институции во светот. Во моментов работам на проекти во соработка со Универзитетот во Потсдам, финансирани од Германската фондација за истражување и фондацијата „Александар фон Хумболт“, како и на проект во соработка со Кинеската академија на науките, Руската академија на науките, Полската академија на науките, Источнокинескиот универзитет за науки и технологии во Шангај, Универзитетот во Белград, УКИМ и други, кој е финансиран од Сојузот на меѓународни научни организации во Кина - ни раскажа Трифче.

Од каде се појави интересот за физиката и какви беа Вашите амбиции како студент?


Мојот интерес за физика и математика почна уште во основно и средно училиште. Како ученик во Кратово имав среќа да имам одлични наставници и професори по физика, математика, хемија, биологија кои придонесоа да се заинтересирам за математиката и природните науки. Уште тогаш професорите нѐ подготвуваа за натпревари и ни решаваа задачи кои беа од универзитетски учебници и збирки. Бевме одлична група на ученици и постигнувавме големи резултати на натпреварите по физика и математика. Мојата професорка по физика, Нада Коњановска, во тоа време беше прогласена за еден од најуспешните професори во Македонија, со најголем број ученици што учествувале на меѓународна олимпијада по физика (три години по ред ученици од нашата гимназија „Митко Пенџуклиски“ во Кратово учествуваа на меѓународна олимпијада по физика). Така, уште тогаш знаев дека ќе студирам физика или математика. Сепак, се одлучив за физика знаејќи дека ќе имам и доста математички предмети. На Институтот за физика при ПМФ во Скопје се запишав во 2001 година. Како студент бев доста посветен, особено на теориските предмети (Математичка физика, Теориска механика, Статистичка физика, Квантна механика) и на математичките предмети (Математика 1, 2 и 3). Сакав да се занимавам со наука и истражување, па уште како студент професорите ме вклучуваа во разни проекти. Така и го објавив првиот научен труд уште како студент во четврта година. Тоа е огромна предност на студентите на Институтот за физика, што уште како додипломци и магистранди можат да работат на сериозни научни проблеми, па дури и да објавуваат научни трудови, што можам да кажам дека не е случај во многу понапредни европски земји.



На кој начин напредуваше Вашата кариера и како се менуваше Вашиот фокус на работа со текот на времето?


Откако завршив на Институтот за физика во јануари 2006 година, се запишав на магистерски студии по теориска физика на истиот институт. Иако во тоа време бев вработен во институција која не се занимаваше со наука (туку со легислатива и регулатива за радијациона и нуклеарна сигурност и безбедност), во слободното време, времето по работа и во викендите, бев посветен на магистерските студии, на наука и работа на научни трудови. По одбраната на магистерскиот труд во април 2010 година, под менторство на проф. д-р Виктор Урумов, во декември 2010 година се запишав на докторски студии по теориска физика на истиот институт. Учествував на конференции каде што запознавав врвни научници и професори со кои почнав и да соработувам и да објавувам трудови. Трудовите што беа дел од мојата докторска дисертација ги изработив во соработка со мојот ментор, проф. д-р Живорад Томовски, професори од Универзитетот за технологии во Минхен и Универзитетот во Потсдам, Германија, како и Универзитетот за технологии во Делфт, Холандија. Од мојата докторска дисертација излегоа 11 научни трудови, повеќето во списанија со импакт фактор (од кои 8 беа објавени пред одбраната на мојата докторска дисертација, а 3 по одбраната), а целата докторска дисертација со некои проширувања се најде во мојата прва научна книга која ја напишав со мојот ментор, проф. д-р Живорад Томовски, која беше објавена од издавачката куќа Springer во 2019 година. По одбраната на докторската дисертација (октомври 2012 година), во 2014, 2015 и 2016 година бев постдокторанд и гостин истражувач на Макспланковиот институт за физика на комплексни системи во Дрезден, Германија, во групата на проф. д-р Холгер Кантц (Holger Kantz), каде што запознав многу колеги и почнав соработка со многу од нив. Во 2017 година бев избран за доцент на Институтот за физика при ПМФ во Скопје, каде што на докторските студии држам два предмета Стохастички процеси во комплексни системи и Примена на фракциското сметање во физиката. Во февруари 2019 година се вработив во Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ, во групата на академик Љупчо Коцарев, каде што можев целосно да се посветам на наука и да работам на различни проекти. Во 2019 година добив една од најпрестижните германска стипендии за искусни истражувачи од фондацијата „Александар фон Хумболт“, која ми овозможи да вршам научни истражувања во периодот од 2020 до 2022 година на Универзитетот во Потсдам, Германија, во групата на проф. Ралф Метцлер (Ralf Metzler), кој е еден од најпознатите научници во светот во областа во која работам. Така, за краток период развив мрежа од 40-ина соработници од Македонија и други земји (Германија, Израел, Кина, Украина, Бразил, Полска, Шпанија, Индија, Холандија, Австрија, Англија, Мексико и др.), со кои доста интензивно соработувам. Можеби по добивањето на оваа стипендија кариерата почна да ми се одвива во нагорна линија. На голем број конференции низ светот сум поканет или сум пленарен предавач, држам предавања за докторанди на Полската академија на науките во Краков, а од 2022 година сум вонреден професор по Теориска физика на Институтот за физика при ПМФ во Скопје. Исто така, се најдов на листите на Универзитетот „Стенфорд“ за 2% највлијателни научници од сите области на науката за 2019 и 2020 година. Во 2022 година беше издадена мојата втора научна книга во коавторство со д-р Александар Иомин од Израелскиот институт за технологии во Хаифа, од издавачката куќа World Scientific, за која оваа година ја добив наградата „Гоце Делчев“.

Во какви истражувања ги вложувате вашето знаење, енергија, креативност... Можете ли да споделите кои се најзначајните откритија или истражувања што сте ги направиле во Вашата кариера како научник?


Мои полиња од интерес се статистичката физика, статистичката механика, математичката физика и применетата математика. Со еден збор, мое поле на истражување е теоријата на комплексни системи. Во 2021 година Џорџо Паризи од Италија доби Нобелова награда за физика токму за придонес во теоријата на комплексни системи за откритија за поврзаноста на неподреденоста и флуктуациите во физички системи од атомски до планетарни размери. Флуктуациите и моделирањето на различни стохастички процеси во комплексни системи се предмет на моите истражувања.
Во врска со моите откритија, не можам да издвојам некое позначајно откритие, но како истражувачка група од Македонија можеме да се пофалиме дека сме една од многуте плодни истражувачки групи што работат на полето на аномалната дифузија и дека нашите трудови се препознатливи и добро прифатени и цитирани од голем број истражувачки групи во светот. Автори сме на голем број теориски модели кои ги воведуваме првпат во литературата за опишување на процеси на дифузија во комплексни (фрактални) средини, процеси на хетерогена дифузија и турбулентна дифузија во комплексни системи, како и процеси на случајно пребарување во такви комплексни системи. Исто така, првпат во литературата покажуваме дека геометриското Брауново движење во присуство на стохастичко ресетирање е неергодично итн.



Што ни е потребно за статусот на физиката во нашето општество да го придвижиме кон подобро?


Промените треба да почнат со вложување на државата во образование и наука, општо во сите науки, а посебно во фундаменталните науки, како што е физиката. Образованието во Македонија континуирано се уништува, но без образование нема напредок на една држава. Да земеме пример од Израел, мала земја која вложува огромни средства во наука и образование. Резултатот од тоа е очигледен, знаеме каде се наоѓа Израел со научните откритија. Потребен е национален фонд за наука кој ќе одвојува значајни средства за наука и истражување бидејќи средствата што се одвојуваат од државата за наука се навистина смешни. Сите посериозни проекти на кои работиме во нашата истражувачка група во МАНУ и на кои се вработуваат голем број студенти се финансирани од Германија, САД, Кина, Европската Унија. Со вакво вложување на државата во наука како што е сега и години наназад не се развива сериозна наука и на таков начин не може да се очекува УКИМ да се најде на Шангајската листа во првите 1.000 најдобри универзитети во светот. Потребно е сериозно вложување во наука, лаборатории, опрема, кадар. Потребно е да постојат стипендии за докторанди кои ќе им овозможат на младите да работат на своите докторски дисертации, а истовремено ќе бидат ангажирани со вежби на факултетите. Но, за жал, во Македонија секогаш приоритет имаат многу други небитни работи, а проблем е и тоа што многу често несоодветни луѓе се ставаат на разни важни функции.

Дали имате активни проекти во моментот и како тие би можеле да влијаат врз секојдневието на луѓето?


Во Истражувачкиот центар за компјутерски науки и информатички технологии во МАНУ, во истражувачката група на претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, каде што работам јас, имаме повеќе активни проекти. Јас работам на германски проект финансиран од Германската фондација за истражување, како и на кинески проект финансиран од Сојузот на меѓународни научни организации. Постојат и други активни проекти во нашиот центар, кои се финансирани од Европската Унија и САД и на кои работат дел од колегите. Така, нашата истражувачка група во МАНУ по ништо не се разликува од истражувачките групи во развиените земји во светот. Постојано имаме проекти на кои се ангажираат огромен број студенти кои работат и се платени од таквите странски проекти. Во Центарот се работат теми што опфаќаат повеќе научни дисциплини: од фундаментални науки – математика и физика до компјутерски науки, од биоинформатика и пресметувачка биологија до општествени науки. Притоа темите на кои се работи се разнородни: Маркови синџири, Маркови случајни полиња, флуктуации и случајни процеси во комплексни системи, Брауново движење, аномална дифузија, комплексни мрежи, невронски мрежи, длабоко учење, ширење на заразни болести, меѓународна трговија, девизни пазари и многу други.



Кои се предизвиците на кои би сакале да се фокусирате во иднина?

Во иднина планирам да продолжам да се занимавам со истата проблематика. Би се посветил на примена на физичките модели во економијата и општествените науки, бидејќи многу навидум различни појави следат исти закони, се опишуваат со исти равенки. На пример, дифузијата во хетерогени и неподредени средини е тесно поврзана со турбулентната дифузија што се опишува со нехомогени равенки за адвекција и дифузија, но исто така е тесно поврзана и со геометриското Брауново движење кое се користи за моделирање на цените на акциите во познатиот економски модел на Блек-Шолс. Постојат уште многу такви слични примери. Друга насока на истражување би била поврзана со генерализација на моделите што ги развиваме на квантни системи, каде што квантните ефекти не може да бидат занемарени.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема