X
 26.08.2021 Наука

На сѐ поголем број луѓе им расте дополнителна артерија на рацете - доказ дека сѐ уште еволуираме

Кога го замислуваме изгледот на човекот во далечна иднина, често зборуваме за промена на карактеристики како висината, големината на мозокот и изгледот на кожата. Но, многу посуптилни промени во нашата сегашна анатомија покажуваат колку може да биде непредвидлива еволуцијата.

На пример, научниците забележале дека сè повеќе луѓе имаат дополнителна артерија во рацете, што според моменталните индикатори би можело да стане вообичаена човечка анатомска карактеристика за само неколку генерации.

Експертите од Универзитетот „Флиндерс“ и Универзитетот во Аделаида во Австралија забележале дека привремената артерија што минува низ центарот на подлактницата за време на нашиот развој во матката не исчезнува толку често како порано. Тоа значи дека сè повеќе возрасни шетаат со дополнителен васкуларен канал под зглобовите.

- Уште од 18 век научниците ја проучуваат распространетоста на оваа артерија кај возрасните, а за време на студијата откривме дека таа јасно се зголемува - изјави анатомистот Теган Лукас од Универзитетот „Флиндерс“.

- По раѓањето, околу 10 отсто од луѓето ја имаа оваа артерија во средината на 80-тите години на 19 век во споредба со 30 отсто кај родените кон крајот на 20 век. Затоа, еволутивно гледано, има значително зголемување на оваа карактеристика за многу краток временски период - додава Лукас.

Средната артерија е формирана кај сите луѓе во прилично рана фаза на развој и служи за носење крв низ рацете за да се хранат само дланките што растат. Околу 8. недела оваа артерија обично исчезнува и го остава раководењето на другите два сада - радијалните и улнарните артерии.

За да се утврди моменталната распространетост на овој крвен канал, научниците од Универзитетот во Аделаида испитале 80 екстремитети на трупови на донатори од европско потекло, родени во првата половина на 20 век, на возраст од 51 до 101 година. Потоа ги споредиле броевите со претходните записи и откриле дека оваа артерија денес е трипати почеста кај возрасните отколку пред повеќе од еден век.

Средната артерија може да биде еволутивно корисна бидејќи придонесува за поголем проток на крв низ прстите и подлактницата. Од друга страна, ако ја имаме оваа дополнителна артерија, имаме поголем ризик од синдром на карпален тунел, непријатна состојба што предизвикува тапост, болка и пецкање во пределот на раката, прстите и дланката.

- Ова зголемување може да произлегува од мутации на гени вклучени во развојот на средната артерија или здравствени проблеми кај мајките за време на бременоста - вели Лукас.

- Ако овој тренд продолжи, мнозинството луѓе ќе имаат средна артерија на подлактницата до 2100 година - додава тој.

Овој брз пораст на средната артерија кај возрасните е сличен како повторното појавување на коската на коленото наречена фабела, која исто така е трипати почеста денес отколку што беше пред еден век.

Колку и да се мали овие разлики, малите микроеволуциони промени придонесуваат за големи варијации што го дефинираат видот. Тие заедно создаваат нови притисоци, ставајќи нѐ на нови патеки на здравје и болести, кои во моментов можеби е тешко да се замислат.

Истражувањето е објавено во „Џурнал оф анатоми“.

Извор: Science Alert
Фото: Unsplash
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука