X
 27.01.2019 Живот

Зошто василичарите носат клопотарци, нема учебници во средни училишта, па наставниците диктираат, Даниела Ременска е софтверски инженер во„Ибеј“... Што истражуваше Факултети.мк?

Ова се темите што ја одбележаа минатата недела

Професорот Никос Чаусидис го прашавме зошто џамаларите, василичарите, мечкарите носат клопотарци? Даниела Ременска, која дипломирала на Институтот за информатика на Природно-математичкиот факултет во Скопје, ни раскажа како е да се биде софтверски инженер и водач на тим во една од најуспешните светски компании, платформата за онлајн-купување и продавање „Ибеј“. Истражувавме и зошто нема учебници во средните училишта, а разговаравме и со боксерот Хурмет Јунузов, трикратен државен првак на Македонија. Ова се темите што ја одбележаа минатата недела на Факултети.мк.


Проф. д-р Никос Чаусидис / Извор: Јутјуб

Денес ги третираме како забава, а не многу одамна биле религиски феномени и луѓето верувале дека ќе донесат позитивни влијанија врз природата и заедницата. Во основата на овие обреди до неодамна постоеле суеверијата дека маскираните дружини носат магија која ќе ги елиминира лошите и ќе ги стимулира добрите слики околу нас, вели д-р Никос Чаусидис, редовен професор на Институтот за историја на уметност и археологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во период од годината кога се одржуваат традиционални карневали во многу делови од Македонија, со него разговараме зошто луѓето и во 21 век облекуваат на себе животински кожи и се маскираат, од каде се корените на оваа традиција и зошто почнала?

Во последните две години таа работи како софтверски инженер и водач на тим во една од најуспешните светски компании, платформата за онлајн-купување и продавање „Ибеј“. Даниела Ременска дипломирала на Институтот за информатика на Природно-математичкиот факултет во Скопје, а Холандија многу брзо ѝ станала следна станица, запишувајќи технички докторат на Техничкиот универзитет во Ајндховен. Taa ни раскажа:

Даниела Ременска

- Веќе две години сум дел од eBay Classifieds Group и секој ден ми е исполнет со нови предизвици. Фасцинантно е колку една отворена интернационална околина може да ви го промени светогледот и да ви помогне да се реализирате, да го извлече најдоброто од себе. Горда сум што во мене видоа потенцијал. Официјално мојата позиција е софтверски инженер во тимот Admarkt, кој изработува и одржува интернационална дистрибуирана платформа за професионални B2C рекламни огласи (слично на Гугл адс или Фејсбук маркетинг).

Борис Ацковски е оперативен менаџер на целиот производствен процес на безалкохолни пијалаци во „Пивара Скопје“. Тој раководи со фабриката каде што се произведува пијалакот број еден во светот - „Coca-Cola“. Заедно со останатите брендови, годишно произведува по 65 милиони литри безалкохолни пијалаци. Почнал да работи во „Пивара Скопје“ пред 15 години како супервизор на смена, за денеска да е дел од топ-менаџментот. Ова е неговата приказна.


Борис Ацковски

- Со текот на времето компанијата ти дава можност да учиш, напредуваш, има разни обуки, од аспект на организација, менаџирање со луѓе, лидерство, финансии. Компанијата инвестира во твоето знаење и вештините се зголемуваат со текот на времето. Меѓутоа, компанијата инвестира само во вработени кои даваат сигнал дека сакаат да се инвестира во нив – ни раскажа Ацковски.

Второто полугодие, кое почна во средата, професорите и учениците го пречекаа со слични предизвици како и на почетокот од учебната година.
Добар дел од професорите во средните стручни училишта ќе продолжат да им диктираат на учениците оти немаат учебници по предметот што го предаваат. Поразговаравме со професори од различни струки за тоа како ја реализираат наставата во вакви услови.
Кога не постои учебник, наставникот вложува голем труд за да го пренесе своето знаење, но резултатите не се задоволителни.
- Повеќето професори ни предаваат од скрипти или од други помагала наменети за медицински факултет. По предметите по кои немаме учебници тешко е да се постигне само со пишување во тетратки бидејќи е премногу теорија и иако сме медицинска насока, би требало да постојат и учебници што би ни го олесниле начинот на учење, а така не би пишувале толку многу. Некои предмети содржат поими со кои првпат се среќаваме и имаат специфичен начин на изговарање, бидејќи учиме за болести, паразити и многу други поими поврзани со нашата насока - ни раскажа матурантката Кристина Митевска.



Откривме и дека уметникот што годинава ќе ја претставува Република Македонија на престижното 58. Биенале на ликовна уметност во Венеција морал претходно веќе да има лична покана од Биеналето и обезбедено изложбен простор во Венеција. Ова беше еден од критериумите за да може да учествува на конкурсот на Министерството за култура за претставник на Република Македонија на најстарото ликовно биенале во Европа.


Од Биеналето во 2015 година / Извор: Flickr.com

На само три месеци пред почетокот на манифестацијата, која за јавноста ќе биде отворена од 11 мај до 24 ноември, Министерството за култура сè уште нема избрано уметник кој ќе ја претставува Република Македонија на престижното Венециско биенале на ликовна уметност. Иако вообичаено претставникот веќе се знае во декември, некогаш и порано, а во овој период веќе се наоѓа изложбен павилјон во Венеција каде што ќе биде изложено делото од нашата земја, ресорното министерство сè уште го избира македонскиот учесник.



Хурмет Јонузов има само 17 години и веќе е успешен спортист кој ја претставува Македонија на меѓународните натпревари во бокс. Во 2016 и 2017 година бил државен првак во категоријата кадети, а лани беше државен првак во категоријата јуниори. Освоил и неколку медали на меѓународни натпревари, лани дури три, а веќе почнува со подготовки за учество на претстојното Европско првенство во Бугарија. Тој ни раскажа како е да се биде млад боксер во Македонија, но и зошто почнал да се занимава со овој спорт.

- Мора и Македонија да обрне внимание на овој спорт бидејќи има многу млади што може да бидат светски боксери. Прво треба да се овозможат подобри подготовки за првенствата, со добри спаринзи, тренинзи и секако да се издвојат повеќе финансии за боксерите - вели Хурмет.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот