X
 27.02.2024 Култура

Една од најпопуларните серии на светот добива петта сезона: Дали повторно ќе се појави Џоди Фостер?

Кога една серија е апсолутен хит, за неа нема зима. Затоа и не треба да е чудно тоа што Ејч-би-о објави дека ќе се снима петта сезона од популарната серија „Вистински детектив“ (анг. True Detective), по неколку дена од завршувањето на четвртата, досега најуспешна сезона.

Како што пренесуваат американските медиуми, не се знае дали новата сезона ќе биде продолжение на претходната, бидејќи судбината на еден од главните ликови, Еванџелин Наваро, останува нејасна или пак гледачите ќе ги очекува сосема нова приказна. Не е познато ниту кога „Вистински детектив“ ќе се врати на малите екрани.

Новите епизоди повторно ќе бидат под режисерската палка на Иса Лопез, која се јавува и како сценарист. Таа потпиша нов повеќегодишен договор со Ејч-би-о, според кој ќе креира нови проекти за овој канал и стриминг-платформа.

Најгледана сезона досега


Четвртата сезона наречена „Земја на темнината“ ги следи детективките Лиз Денверс (Џоди Фостер) и Еванџелин Наваро (Кали Реис) кои го истражуваат исчезнувањето на осумчлената екипа на арктичката истражувачка станица во Енис, Алјаска. Таму тие се соочуваат со темнината што ја носат во себе, но и со вистината закопана под вечниот мраз на Алјаска.

Мерењето на гледаноста, објавена во странските медиуми, покажува дека ова е најгледаната сезона на „Вистински детектив“. Околу 12,7 милиони луѓе досега ги гледале сите шест епизоди од четвртата сезона, што е рекордна бројка. Финалето што се емитуваше во понеделникот забележа 3,9 милиони гледачи во Америка на Ејч-би-о и е најгледаната епизода во цела сезона.

Секогаш импресивна актерска екипа

„Вистински детектив“ е една од најпопуларните серии во светот. Ги освои симпатиите на гледачите поради доброто сценарио, режијата, фотографијата, музиката, темниот тон, но и одличните актери кои воодушевуваат со глумата.

Првата сезона ја одбележа одличното дуо Метју Меконахи и Вуди Харелсон во улогите на детективите Раст Кол и Марти Харт, но и колешката Мишел Монаган, која ја толкуваше улогата на сопругата на Марти.

Во наредната сезона глумеа Колин Фарел како детектив Реј Велкор и Рејчел Мекадамс како детективката Ени Безеридес. За разлика од првата, втората сезона имаше главно негативни критики.

Во третата сезона глумеше талентираниот Махершала Али како ветеран од Виетнамската војна и детектив Вејн Хејс. Оскаровката Џоди Фостер и нејзината колешка Кали Реис беа главниот актерски „зачин“ во четвртата сезона.

 

Извор: 24sedam.rs
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура