X
 27.05.2020 Технологија

Германски стартап создал океанска платформа за генерирање енергија од бранови, ветар и сончеви зраци

Уникатна модуларна пловечка платформа која може да генерира обновлива енергија од бранови, ветар и сончеви зраци, ќе биде претставена ова лето. Изградена е од страна на германскиот стартап „СИНН Пауер“, а планот е да се тестираат и демонстрираат фотоволтаични строеви на пловечка платформа, која ќе се наоѓа во близина на бреговите на Грција.

Крајбрежната конверзија на енергијата од брановите не е нов концепт, но она што е различно кај оваа платформа е тоа што е изградена да биде модуларна, што значи дека можете да додавате и отстранувате делови по желба, кои многу лесно може да се поврзат и прошират. Може да се склопат голем број различни варијации за да се задоволат потребите на клиентите и околината.


- Модуларниот дизајн беше клучен елемент уште откако почнавме да развиваме поморски технологии кои овозможуваат флексибилност и разновидни примени. Пловечката платформа може да обезбедува обновлива енергија за острови ширум светот, на пример, и да придонесува за светската имплементација на крајбрежни ветроелектрани - истакна Филип Син, извршен директор на компанијата.

Фото: Interesting Engineering

Платформата користи електрични сензори кои емитуваат податоци до центрите за дијагностика, што помага во детектирање на аномалиите и става крај на потенцијалните дефекти предвреме. Преку следење на производството на енергија, Син објаснува дека тоа им овозможува да го оптимизираат планот за опслужување за идните клиенти и да бидат чекор напред пред потребни потенцијални поправки пред да настанат сериозни штети.

Секоја пловечка единица е направена од четири интегрирани конвертори на енергија од брановите. За зоните со ниски бранови, тие единици може да се опремат со строеви од фотоволтаични ќелии од 20kW. Слично, може да се опремат до четири мали 6 kWp ветерни турбини и може да се направи комбинација од сите три.

Според Син, нема ограничување колку единици може да има потенцијална платформа.

- Секогаш е исто, супермодуларно. Секогаш можеме да ги користиме истите делови, истата електроника, без оглед на тоа која конфигурација е конструирана - истакна Син и додава дека се надеваат наесен да почнат да го рекламираат единствениот електронски сет.

Извор и насловна фотографија: Interesting Engineering
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија