X
 27.12.2018 Живот

Границата на која се води најголемата војна меѓу наркокартелите

Дури ни шефот на парагвајската единица за борба против дрогата не може да поверува што се случува во неговата земја. Како што вели, во ноември неговите луѓе го спречиле планот на наркокартелот да испрати автобомба со 84 килограми експлозив за да го ослободи еден од најголемите наркошефови од затвор.

Неколку дена подоцна вооружените мажи во видео се заканувале со убиство на државниот обвинител на земјата.

- Главата ти е на трупче - предупредиле тие.

Потоа дошло до две ужасни убиства: адвокат кој застапувал дилери бил убиен откако излегол од состанок, а млада жена била избодена до смрт додека во затвор посетувала дилер.

- Ова се инциденти што можат да се видат само во филм - вели Арналдо Гуизо, шеф на единицата за борба против дрога во Парагвај.

Овие злосторства имаат една заедничка работа: хаос со кој е преплавен Бразил. Откако тамошното насилство го постигнало максимумот, борбата против дрогата се префрлува преку граница и „цути“ во веќе послабите институции на Парагвај.

Голем дел од хаосот во регионот го „напојува“ американското оружје. Толку американско оружје пристигнува во Парагвај што во САД направиле редок чекор и го прекинале комерцијалниот извоз кон таа земја. Забележале дека трговците со оружје во САД испратиле речиси 35 милиони парчиња оружје и муниција во Парагвај во 2017 година, трипати повеќе од претходно. Поголем дел од ова оружје потоа го пронашол патот до најголемите градови во Бразил - Рио де Жанеиро или Сао Пауло, кои се контролирани од банди со десетици илјади „војници“.

narko
Фото: Getty Images


Парагвај дели доста порозна и 1.300 километри долга граница со Бразил, која долго време била центар за шверц и за перење пари. Земјата е голем произведувач на марихуана, има активен пазар на оружје и служи како полигон за шверц со кокаин од соседна Боливија.

Но, моќните банди од Бразил ги искористуваат слабите закони, полициската корупција и слабото судство за да продрат што подлабоко во земјата. Тие повеќе не ја третираат Парагвај како странска земја, туку како дел од нивниот криминален домен.

Уништувањето на авторитетот на бандата, како и отстранувањето на нејзиното присуство е институционален предизвик за Парагвај.

- Организираниот криминал тука цвета - вели сенаторот Џорџија Ару, кој е претставник на пограничен регион што станал сѐ посмртоносно бојно поле, а ривалските банди се обидуваат да докажат кој е посилен и кој контролира одредена рута за шверц.

- Единствениот начин на кој можеме да се бориме против ова е институционална промена во Парагвај, но сиромашното судство е нашата најголема маана. И тие се најпоткупливи - вели сенаторот.

Виламајор, кој ја надгледува државната полиција, вели дека претседателот Марио Абдо Бенитез, чиј мандат започнал во август, ги зел уздите в раце на државата што ја јаде корупцијата.

- Потребно е да се направи големо чистење, а прашање е дали е тоа можно - вели Виламајор.

Пролетта 2017 година криминалците запалиле автомобили по должината на Суидад дел Есте, град во близина на Бразил и Аргентина, за да го привлечат вниманието на полицијата. Но, најсериозен стана проблемот со системот и институциите со случувањето што предизвикало апсење на Марсело Пинеиро Веига, бразилски наркошеф.

Веига, познат по неговиот алијас Марсело Пилото, бега од законот во Бразил уште од 2007 година, кога побегнал од затвор по 10 години. Бразилската и американската полиција постојано го бараат, а во 2012 година побегнал во Парагвај и тогаш ескалирал шверцот со оружје и дрога во бразилските градови што ги контролира бандата „Командо Вермељо“.

Во последните недели од 2017 година, по неколкумесечни прислушувања на комуникациите и собирање податоци од човечки ресурси, агентите конечно дознале каде оперира Веига - Енкарнасион, мал град во јужниот дел на Парагвај. Американците им ги дале координатите на нивните парагвајски колеги и чекале да видат што ќе се случи.

На 13 декември минатата година тим од Парагвајци го нападнал станот на Веига и го пронашле како седи покрај осветлената новогодишна елка. Се предал без борба и немало инциденти.

Официјалните лица го прославиле апсењето во американскиот конзулат во Рио. Но, работите се искомплицирале по екстрадицијата. Минатиот месец Веига дури и организирал прес-конференција за медиумите за дополнително да ја одолжи екстрадицијата во Бразил. Тој обвинил висок командант дека е негов платен шпион, признавајќи дека долго време продавал оружје, па и убивал во Парагвај.

Во едно интервју во неговата затворска ќелија неколку дена подоцна, Веига рекол дека Парагвај што поскоро сака да се ослободи од него за да не се дознае сѐ за врските меѓу политичарите, полицијата и дилерите.

- Јас сум трговец, дилер, но ги има многу. Тие не сакаат да ги пронајдат главните лица, ние сме заменливи - изјави тој.

Откако интервјуто завршило околу пладне, 18-годишната Лидија Меза Бургос, од сиромашното село на југот на Парагвај, отишла да го посети во неговата затворска ќелија. Работела како проститутка.

Полицијата вели дека кога влегла внатре, Веига ја пробол со нож 16 пати во вратот и во телото. Ова е само уште еден обид Парагвај да се присили да не го екстрадира, туку таму да му се суди за убиство.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот