X
 28.10.2023 Технологија

Дали тужбите или новата регулатива ќе ги направат социјалните мрежи помалку „заразни“?

Добро воспоставена практика на дигиталните платформи е да се обидат да ги „заразат“ корисниците за тие да не можат да ги остават телефоните.

Властите во САД одат со тужба против ова, а ЕУ со предлог за нова регулатива.

- Фејсбук и Инстаграм предизвикуваат зависност и депресија - се наведува во тужбата поднесена оваа недела против „Мета“, во која дури 41 американска држава ја обвинуваат компанијата за намерно манипулирање со алгоритми.
Обвинителите велат дека „Мета“ со години свесно ги поттикнувала децата и младите на компулсивно користење на социјалните мрежи, исклучиво заради профит. Ова создаде манипулативен бизнис-модел дизајниран да го максимира времето што младите го поминуваат на социјалните мрежи, иако тоа е штетно за нивното здравје.

Истиот тренд го следат и другите мрежи, особено „Тик-ток“, „Јутјуб“ и „Снепчет“, се наведува во тужбата, во која се бара „Мета“ да плати казни и компензација за таквото однесување, како и да престане да ги користи оние деловни практики што се во спротивност со американските закони.

Зависност од дигитални услуги

Против зависноста од социјалните мрежи деновиве крена глас и Европскиот парламент. Комисијата за заштита на потрошувачите штотуку го изгласа Извештајот за зависност од интернет. Според европратениците, младите луѓе на возраст меѓу 16 и 24 години поминуваат во просек по седум часа дневно на интернет. Возрасните посегнуваат по своите мобилни телефони повеќе од стопати на ден. Оттаму, оваа Комисија вели дека токму поради тоа, кога времето на малолетниците на интернет е ограничено, тие покажуваат знаци слични на откажување од зависност од алкохол или тутун.

- Иако возраста за пристап до социјалните мрежи е ограничена, повеќе од половина од децата се на нив секој ден. Дури четвртина од децата покажуваат знаци на зависност од паметни телефони. Многу студии го поврзуваат порастот на проблемите со менталното здравје со прекумерната употреба на социјални мрежи. Покрај тоа, гледањето на екраните повеќе од два или три часа дневно има влијание врз нервниот развој, учењето и способноста за памтење - објаснува хрватската претставничка во Комисијата за заштита на потрошувачите, Билјана Борзан.

Што велат истражувањата?


Проблематичната употреба на паметените телефони или интернетот е поврзана со помало задоволство од животот и симптоми на ментално здравје, како што се депресија, ниска самодоверба, нарушувања на телото и исхраната, анксиозност, стрес, запоставување на семејството и пријателите, губење самоконтрола, недостиг на сон и опсесивно-компулсивни симптоми, каде што децата и младите се најчувствителни. Исто така, некои истражувања ја поврзуваат проблематичната употреба на социјалните медиуми кај адолесцентите со симптомите на нарушување на хиперактивноста со дефицит на внимание (АДХД).

Се предлагаат забрани


- Потребни се нови правила на Европската Унија за дигиталните платформи да станат помалку зависни - е пораката од Извештајот за зависноста од интернет на Комисијата за заштита на потрошувачите на Европскиот парламент. Комисијата предупредува дека разните дигитални услуги, онлајн игрите, стриминг-услугите, па дури и онлајн пазарите ја користат ранливоста на луѓето со цел да привлечат внимание и на крајот да ја монетизираат.

Претставниците заклучуваат дека новите прописи, како што се Законот за дигитални услуги и најавениот Закон за вештачка интелигенција, не се доволни за регулирање на овој проблем. Затоа тие бараат од Европската комисија нова регулатива, директно насочена кон штетните практики на зависност. Тие ги истакнуваат секојдневните карактеристики на дигиталните платформи, како што се континуираната можност за „скролање“, автоматското стартување на видеата и постојаното „бомбардирање“ со известувања - кои Комисијата би требало да ги проучи, а можеби и да ги забрани.

Извор: Bug.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија