X
 30.05.2022 Живот

Страв во Европа поради можно дрогирање со краток убод со игла

Мачнини, забрзано дишење и главоболка се трите симптоми што ги почувствувале дури 24 девојки по посетата на фестивал во Хаселт, Белгија. Фестивалот беше затворен поради тоа, а има сомнежи дека девојките биле дрогирани со убоди, нешто што е познато како „needle-spiking“. Сепак, ваквите случаи не се новина во Европа, а во Британија и во Франција се чести појави во ноќниот живот.

Ова не е прв случај на сомнежи за вакво дрогирање во Белгија - наводно дури 14 лица на истиот начин биле нападнати на фудбалски натпревар минатата недела.

Две девојки што биле на фестивалот ги пријавиле споменатите симптоми, но нивните случаи сè уште се испитуваат. На едната девојка ѝ се слошило и отишла во болница наведувајќи дека почувствувала убод.

- Набрзо стана очигледно дека можеби биле убодени 15 лица, сите девојки - истакна градоначалникот на Хаселт, Стивен Вандепут.

Вкупно 24 млади лица се разболиле на фестивалот, а неколку од нив рекле дека почувствувале убод, а една девојка имала и убодна рана. Десет тинејџери биле хоспитализирани заради прегледи. Фестивалот брзо бил затворен, а сите 3.300 посетители биле евакуирани.

Четири девојки, кои биле префрлени во болница, биле тестирани на дрога, а првите резултати од анализата на урината биле негативни, истакнаа од болница во Хаселт и додадоа дека тоа не мора да значи дека не дошло до дрогирање бидејќи урината ги открива само досега регистрираните дроги, а постои можност да станува збор за некоја нова.

Инаку, „needle-spiking“ пустошеше во ноќните клубови во Франција минатото лето. За три месеци имаше повеќе од 100 случаи на убоди со игла во француските клубови и барови. Жртвите истакнале дека имале вртоглавици и мачнини по излегување во клубовите. Француското МВР потврди дека 80 отсто од метите биле млади жени. Тамошната полиција отвори речиси 130 истраги.

Според неофицијалните сознанија, биле вшприцувани руфинол (флунитразепам - дрога за силување) или гама хидроксибутират (дрога која успива) - две супстанции што се користат како дрога за силување. Сепак, ниедна од овие супстанции не била идентификувана кај жртвите, а се претпоставува дека причината за тоа е доцното земање на примероците.

Минатата зима имаше многу случаи и во Велика Британија. Лани во јануари Советот на шефови на националната полиција на Обединетото Кралство потврди дека полицијата примила повеќе од 1.300 пријави за убоди во претходните шест месеци. Исто така, полицијата била запознаена со 14 кривични дела кои следувале по убодите, како што се сексуални напади или кражби. Мети главно биле жени на возраст меѓу 18 и 25 години.

Инаку, првите извештаи за вакви напади во Британија се појавиле минатата есен. До средината на ноември минатата година британските полициски сили соопштија дека биле пријавени 274 случаи на вшприцување инјекции. Потоа, меѓу јануари и октомври минатата година 51 лице во Шкотска пријавиле напад. Сепак, експертите истакнале дека не е толку лесно да се спроведат такви напади и дека високиот број случаи веројатно е плод на фантазиите на новинарите.

Во прилог на тоа оди и изјавата на главниот надзорник на полицијата во Јужен Јоркшир, кој во јануари истакна дека од 45 случаи што биле пријавени тој месец, на крајот до тврдењата се држеле само 12, а само кај еден убодот бил потврден од медицински стручњак.

Исто така, и во Амстердам во текот на последните месеци три млади лица пријавиле во полиција убод со хиподермичка игла. Две 19-годишни момчиња и една 21-годишна девојка виделе чудни точки на телата по ноќно излегување во Амстердам. Девојката била и ограбена. Два од пријавените инциденти се случиле во ноќен клуб, а еден во кафуле или во близина. Во следните неколку дена продолжиле да се нижат пријави.

Меѓу нападнатите била и Лиса. По излегувањето, таа се качила во автобус.

- Од моментот кога излегов од кафулето, сеќавањето ми е црно. Половина час подоцна бев на некое друго место. Не знам како сум стасала таму. Ми беа украдени картичките - истакнала таа.

Лиса додава дека се уплашила да не добила ХИВ или хепатит.

Уште една пријава поднело 19-годишно момче.

- Во клубот почувствував дека нешто ме боцна во раката. Не болеше, но беше лошо чувство. Веднаш погледнав наоколу, но не видов никого поради светлата - истакнал тој.

Ни тука, како ни во преостанатите држави, не било потврдено присуство на дрога во крвта на лицата што ги пријавиле нападите и поради таа причина не е можно да се регистрира дрогата.

Извори: Nova | The Brussels Times | Euronews
Насловна фотографија: Freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот