X
 30.05.2023 Наша тема

Биљана Ангелова е новиот ректор на УКИМ

Професорката Биљана Ангелова од Економскиот институт е избрана за нов ректор на најголемиот и најстар универзитет во Македонија, „Свети Кирил и Методиј“, потврди таа за Факултети.мк.

Ангелова за Факултети.мк изјави дека македонското високо образование се соочува со низа системски слабости, некои од нив произлегуваат од Законот за високо образование, финансирањето на државните универзитети, нарушената автономија, нискиот буџет за наука, недоволно субвенциониран студентски стандард, ниски плати на универзитетските професори и можеби еден од најгорливите проблеми е системското регулирање на квалитетот на високото образование. Сите тие рефлектираат проблеми во функционирањето на универзитетите и високообразовните установи.

- Буџетот за високо образование што го обезбедува Министерството за образование и наука ги задоволува само елементарните потреби на универзитетите, како покривање на режиските трошоци и основните плати, кои се најниски во Европа. Финансиската автономија е постојано нарушена и отстапувањата на одобрените буџети и реалните потреби на Универзитетот се јаз кој постојано го обременува тековното работење. Недостигаат вработувања на наставен и ненаставен кадар кои, исто така, влијаат врз ефикасноста во работењето. На македонскиот високообразовен простор во моментов функционираат над 30 високообразовни установи. Тоа е преголема бројка за постојниот број на матуранти, кој во последниве 5 години се движи на ниво од околу 15.000 и има тенденција на опаѓање. Стандардот во Европа е еден универзитет на 2 милиона жители. Во практиката се соочуваме со нелојална конкуренција која Агенцијата одговорна за квалитетот на високото образование треба сериозно да ја разгледа и да креира мерки за надминување на таквите состојби. Во делот на науката потребни се сериозни заложби за поголеми издвојувања за наука. Без наука нема квалитетно високо образование. Науката и наставата се нераскинливо поврзани делови на една целина во високото образование. Последиците од таквиот однос на институциите се одразуваат и врз работата и продуктивноста на универзитетите. Просекот во Европа е 2,5 % за наука од буџетите на земјите членки, со тенденција до 2030 да се зголеми за дополнителни 2,5%. Само оние држави што вложуваат во наука и образование ќе го имаат приматот на глобалниот пазар. УКИМ ќе продолжи да презема мерки во насока на справување и надминување на овие системски слабости. Со децении чекаме да се смени таквиот однос на државата кон високото образование и науката – рече професорката.

Ангелова е втората жена-ректор на УКИМ. Единствена ректорка на УКИМ досега била проф. д-р Радмила Кипријанова, и тоа во два мандата, во периодот од 1994 до 1998 година.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема