X
 30.09.2023 Култура

Обожавателите избраа - Кристофер Нолан е најдобриот режисер во последните 25 години

Кристофер Нолан е најдобриот филмски режисер во последните 25 години, според обожавателите на „Ротен томејтос“. Веб-страницата специјализирана за рецензија на филмови неодамна организира натпревар на кој со помош на своите обожаватели сакаше да го избере најдобриот режисер во последните 25 години.

Имаше неколку услови што режисерите мораа да ги исполнуваат за учество на овој натпревар. Нивниот прв филм требаше да биде излезен најрано во 1998 година, а од тогаш до денес требаше да имаат снимено најмалку три филма. Затоа на листата нема великани како Квентин Тарантино, Гиљермо дел Торо и Мартин Скорсезе.

Режисерите Џордан Пил, Сем Мендес, Бонг Џун-Хо, Грета Гервиг и Таика Вајтити беа во игра за титулата најдобар. Кристофер Нолан лесно ги победи Рубен Остлунд, Рајан Куглер, Роберт Егерс, Сем Мендес и Џордан Пил.
Според „Ротен томејтос“, Нолан победи против сите споменати режисери со најмалку 87 отсто од гласовите.

Во финалето беше тензично бидејќи на другата страна се најде Денис Вилнев. Режисерот на „Дина“ и „Истребувач 2049“ добро се бореше, но не успеа да победи. Речиси 30 илјади обожаватели го дадоа својот глас во финалето, а Нолан победи со 56 отсто и беше крунисан за најдобар филмски режисер во последните 25 години.

И покрај оваа титула, Нолан сè уште не ја добил најпрестижната - „Оскар“ за најдобар филмски режисер. Досега беше номиниран само еднаш за филмот „Данкерк“ од 2017 година, но загуби од Дел Торо. Но, тоа може да се промени на следните „Оскари“, во 2024 година, бидејќи многумина веруваат дека неговиот најнов филм „Опенхајмер“ е тој што ќе му ја донесе долго посакуваната златна статуетка.

Извор: Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура