X
 02.10.2020 Образование

Порака од генерација Икс до генерација Зет: „Пијанофорте“ во дигиталниот свет на музичкото образование

2000 година за некого можеби изгледа далечна. Но, според искуството на д-р Тереза Крцоска, тоа е годината во која се постави подлогата за она што денес доби облик на виртуелна музичка училница на ПИЈАНОФОРТЕ. Дваесет години подоцна, виртуелните музички настани и онлајн-наставата речиси преку ноќ станаа секојдневие, а за неа се и можност да се наврати на својата специјалност, музичка сонологија.

Наш соговорник е д-р Тереза Крцоска, дипломиран виолинист и доктор по музички науки од областа сонологија, професор по виолина во ПИЈАНОФОРТЕ.

Новата учебна година почна. Физичко присуство, онлајн-настава, комбинирана настава се поимите со кои се дебатира последниве месеци. Но, Вие и Вашите колеги од ПИЈАНОФОРТЕ уште во клучниот месец март креиравте своја виртуелна училница и се втурнавте во предизвикот наречен онлајн-настава по музички инструменти. Што Ве поттикна за во континуитет да ја продолжите редовната настава на овој начин, иако сите мислевме дека училиштата ќе бидат затворени само на две недели?

- Во март се случи да се затворат училиштата и да се прогласат периоди на карантин. Најавени беа две недели, но за еден уметник и две недели пауза се многу. Впрочем, уметноста е таа која нè бодри, нè смирува, ни ги насочува мислите. За нас беше незамисливо нашите ученици да го минуваат тој специфичен двонеделен период без нивното омилено хоби, музичкиот инструмент.

Карантинот се укина, но Вие продолживте со онлајн-настава и по олабавувањето на мерките. Зошто?

- Како училиште во кое доминира индивидуалната настава, социјалната дистанца на часови со физичко присуство е возможна да се одржи, со минимални адаптации на методологијата. Секако дека тенденцијата на сите ни е да продолжи наставата во живо. Но, здравјето e пред сè. Додека протоколите се менуваат, препораките за социјална дистанца остануваат константни. Актуелниот Протокол за работа на музички училишта издаден од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство е едноставен и чист. Покрај препораките за социјална дистанца и исклучително високото ниво на хигиена, важен е и факторот на евентуални услови на период на самоизолација за некој од учениците. Верувам дека во оваа учебна година отсуствата од часови ќе бидат далеку почеста појава во однос на минатото, што поради благите настинки кои сега ќе се земаат посериозно, евентуалната потреба од самоизолација на две недели, одредени карантински состојби или патувања. Останува прашањето што во таква ситуација? Онлајн-наставата ќе ни пружи континуитет на работата и емотивен баланс на ученикот кој би се нашол во таква ситуација. Па така, сиве овие месеци се фокусиравме на креирање виртуелна училница и веќе имаме стандардизирана методологија за онлајн-настава. Така знаеме дека сме подготвени за секое сценарио. Ќе одговориме на барањата како на општеството, така и на личните и семејни околности на учениците. Нашата девиза веќе дваесет години е: „Секој може, само ако сака.“ Сега имаме нова можност тоа повторно да го покажеме.



Како реагираат семејствата на учениците на овој зголемен музички ангажман во нивниот дом?

- Кога сте музичар-изведувач, работната атмосфера во домашни услови е сосема вообичаена и главно се огледува преку домашно вежбање. Трендот на #СедиДома ја поттикна работната атмосфера во домовите дури и на најмалите ученици по виолина од предучилишна возраст. Се створија услови за домашно вежбање и музицирање онаму каде што ги немаше претходно, а ние како наставници за прв пат имавме увид во тоа. Бидејќи часовите во почетокот на кризата КОВИД-19 се одвиваа исклучиво во домашни услови преку дигитални комуникациски платформи, можев благодарение на камерата веднаш да забележам каде треба да се интервенира за да се подобрат услови за домашно вежбање.

Ги споменавте дигиталните комуникациски платформи. Кои алатки ги користите за онлајн-наставата по виолина?

- Во почетокот на онлајн-наставата се судрив со општото мислење дека дигиталните комуникациски платформи не се добри за музика бидејќи користат кодек прилагоден за човечкиот говор. Ова е само делумно точно и се однесува на стандардните, иницијални поставки на овие платформи. Но, овие платформи се во суштина толку сложени и нудат напредни опции, кај кои со мал труд може да се дојде до висок квалитет на звук. Тука дојде до израз постојаната потрага по добар звук и подобрување на музичките слушни навики. Учениците паралелно со огромниот напредок во инструментот, за ова кратко време научија многу и за аудио технологиите за пренос на звук и за снимање. Тоа е бонус кој не го очекувавме кога прв пат се запишаа во ПИЈАНОФОРТЕ да учат виолина.

Како долгогодишен наставник по виолина, дали веќе имавте искуство со онлајн-настава?

- Јас на себе гледам како типичен претставник на генерација Икс, родена некаде помеѓу 1965-1980 (не кажувам точно каде во овој дијапазон :) ) Ние сме живи сведоци 2 на појавата на дигиталните технологии и го следиме нивниот развој од самите почетоци. Ние, впрочем, сме тие кои ја создадоа актуелната дигитална ера. Затоа, дозволете ми да се вратам малку наназад. 2000 е година во која на Факултетот за Музички уметности се отвори отсекот по музичка сонологија, клучен за развојот на дигиталното архивирање на музичките материјали. Истата година се отвори и приватното музичко училиште ПИЈАНОФОРТЕ од Скопје кое иако во почетокот нудеше исклучиво настава за акустични инструменти, отсекогаш беше ориентирано кон примена на најсовремени методологии на настава. А јас, тукушто дипломиран виолинист. Замислете само каков предизвик за мене беше да направам спој на изведувачката кариера на акустичен инструмент од една страна и музичкото студио на ФМУ како дел од проектот на ИРАМ (Институт за истражување архивирање и на музиката - Institute for Research and Arcihving of Music) од друга страна. Во 2000 како пост-дипломец се вклучив на тимот на ИРАМ каде ги поминав моите истражувачки години, па се здобив и со титулата Доктор на музички науки. Да се навратам на Вашето прашање: креирањето методологија за онлајн-настава во виртуелна училница за мене беше извонреден сплет на околности и може би и круна на сè она кое до сега сум го истражувала и работела. Моето искуство со онлајн едукативни платформи е широко, моето знаење од аудио технологии исто така, но до сега наставата по виолина никогаш ја немав ставено во тој контекст. Сиве овие години како наставник по виолина, па и други музички предмети, сум сметала дека е поедноставно е да се држи настава во живо и не сум ни помислила да излезам од таа зона на комфор. Но, оваа епоха на социјална дистанца направи нова фузија на сè во кое сум остручена и како резултат се јави онлајн-методологијата на работа на ПИЈАНОФОРТЕ.

Како младите генерации го прифатија предизвикот на онлајн-настава?

- Како типичен претставник на генерација Икс, кон дигиталната технологија секој пат сум приоѓала со студиозност и разбирање. Пред дваесет години, мојата генерација беше фасцинирана од фактот дека на прагот на новиот милениум се родија генерации за кои дигиталната ера беше веќе однапред дадена, па популарно ги нарековме „дигитално родени“ или „миленијали.“ Овој период на физичка дистанца и креирање виртуелен простор за редовните активности беше одлична подлога за снаоѓање во дигиталниот свет. Лично ми беше интересно да набљудувам како „миленијалите“ ќе гледаат на брзите промени кои се јавија последниве неколку месеци. Но, добив впечаток дека се недоволно подготвени за промени. Гледано од денешен аспект, за дигитално родените генерации дигиталните технологии се готови алатки со однапред зададени функции кои се земаат „здраво за готово“ и често пати се во форма на таблет или „паметен“ телефон за кој има постојано нови апликации. Потоа тука е и генерацијата Зет, тоа се главно нашите ученици, кои како корисници на 3 овие „гаџети“ ги научивме како да навлезат во суштината на поставките и на апликациите, да поиграат со хардверот и софтверот за да го добијат она што им треба како резултат.

Што би им порачале на младите во контекст на новиот бран онлајн-збиднувања?

- Вистина е дека новонастанатата ситуација на работа од дома и пренамена на постојните алатки беше предизвик за сите нас. Но нам, како креатори на дигитализацијата и перманентни сведоци на нејзиниот развој, изгледа дека ни беше полесно да се приспособиме кон новите предизвици. Нескромно признавам, горда сум што имав што да споделам со младите колеги и уште помладите ученици, па позитивно да влијаам на музичките слушни навики на цели семејства. Размислувајќи на оваа тема, се потсетив на популарниот епиграм на Алфонс Кар: „Нештата колку повеќе се менуваат, толку повеќе се едно исто.“ Во контекст на дигиталната аудио технологија во функција на онлајн-настава, тоа би значело дека кога имаме пред себе технолошки предизвик, треба да ги занемариме модерните поставки и копчињата кои ни се на очиглед, да ја заборавиме девизата дека „за сè постои апликација“ и да навлеземе подлабоко во суштината на она што сакаме да го постигнеме. Со едноставните основни средства можеме да постигнеме многу, доколку знаеме што сакаме и сме упорни да го постигнеме тоа.




Зборуваме за настава по музички инструменти, дали учениците уживаа во овој вид настава?

- Онлајн-наставата во нашата виртуелна училница може да ја замислиме како видео игра. Во првото ниво, предизвикот е да го поставите акустичкиот простор, односно акустиката на виртуелна училница. Тестирањето на можностите на хардверот и софтверот е секој пат интересно. Откако ќе го поминете првото ниво, „играта“ ве пушта во второ ниво, а тоа е методологијата на настава. Тука веќе има доста специфики, нивоа, во однос на конкретниот инструмент, возраста и темпераментот на ученикот, типот на учење карактеристичен за него... Многу нови игри и приказни се изродија во ова „ниво,“ заедно и учениците и ние како наставници уживавме кога ќе откриеме некоја нова играчка. Наставата беше посликовита, а со тоа и поразиграна во споредба со часовите во физичката училница. Највисокото ниво на нашата игра е виртуелниот концерт, кој може да се одвива во живо или преку монтажа од повеќе снимки. Овие специфики ги анализиравме заеднички, со целиот колектив на ПИЈАНОФОРТЕ и со учениците кои уживаа во секој новитет и самите често пати даваа идеи. Дојдовме до резултати на кои нескромно си се гордееме. Учениците секако се гордеат на нивните онлајн-настапи и снимки. 

Како влијае дигиталната технологија врз квалитетот на наставата по виолина?

- Технологијата е таа која ги пренесува сликата и тонот и нè поврзува во услови на социјална дистанца. Моето истражување за време на докторските студии беше токму за влијанието на новите аудио технологии врз слухот и музичките слушни навики. Сиве овие месеци ми се наметнуваа заклучоците од дисертацијата. Во онлајн-наставата видов можност да им ја пренесам не само на учениците, туку и на колегите, на целиот колектив, мојата експертиза од оваа проблематика. Изборот на соодветна аудио опрема, поставките на софтверот кој се користи, поставеноста на телото и музичкиот инструмент во однос на микрофонот се основните карактеристики кои за кратко време ги подобрија музичките слушни навики на учениците. За само неколку часа излеговме од стереотипот дека „звукот не е добар преку компјутер,“ па изградивме сопствен акустичен простор. Ова подоцна ни послужи и да направиме извонредни аудио снимки во функција на виртуелен концерт за кој веќе претходно зборувавме.

Која комуникациска платформа ја препорачувате?

- Тестиравме многу платформи. Но и креаторите на платформите ги тестираа потребите на пазарот! За кусо време на пазарот на комуникациски платформи се појави неверојатно силна конкуренција. Во текот на само неколку месеци, пред мои очи гледав како се создаваат нови алатки и се подобруваат старите. Будно следев и тестирав сè што се случува. Верувајте, иако изборот на платформата може да зависи од многу работи, сите тие веќе во голема мерка заличеа една на друга бидејќи одговорија на барањата на корисниците. Тука се и платформите за онлајн-настава, кои го следат истиот тренд на одговарање на потребите на корисниците, но мора да нагласам дека на крај и тие се повикуваат на веќе постојните комуникациски платформи со кои ќе најдат заеднички интерес. Во случајот на онлајн-музичка настава, како и наставата со физичко присуство, останува да доминира потрагата по добар тон. За споредба, бојата на тонот не е дадена од самиот инструмент или акустиката на просторот во кој се музицира. Музичарот пред сè е оној кој треба да го извлече тонот во својата интерпретација, а тоа е нешто што се учи. Пресликано во контекст на аудио технологии, и тука треба да сме постојано во потрага по добра трансмисија на аудио сигналот, популарно кажано, по добар звук.

За мене, како претставник на генерација Икс, учебната година секогаш почнувала на први септември (освен за викенд), па така е и оваа година. Ние како колектив летово скоро и да не одмаравме. И кога одмаравме, ги процесиравме идеите и искуствата, дозволивме да ни легнат информациите и со свежа мисла да изнајдеме решенија за уште поуспешна методологија на онлајн-настава по музички инструменти. Како резултат, сега веќе имаме стандардизирана сопствена методологија за сигурен чекор и во оваа учебна година. Покрај редовната онлајн-настава, неодамна ја започнавме и наставата со физичко присуство со учениците чии семејства беа подготвени на овој чекор. Оние кои се одлучија за следење на наставата со физичко присуство може да имаат полна доверба дека ги следиме Протоколите, а доколку се јави потреба да останат дома, континуитетот на квалитетна настава им е загарантиран преку онлајн-час.

Издвојуваме

Образование