X
 12.08.2015 Наука

Вечерва спектакл на небото: Одлични услови за набљудување на метеорите Персеиди


Ноќва (среда кон четврток), од доцните вечерни часови па до пред зазорување, на небото ќе можат да се видат голем број на метеори кои припаѓаат на метеорскиот рој Персеиди. Како резултат на правецот на движење на Земјата и нејзината ротација, појавата ќе биде особено изразена помеѓу полноќ и 4 часот наутро. Оваа година, условите за набљудување на Персеидите над Македонија се одлични со оглед на ведрото време и отсуството на светлината од Месечината (таа е во фаза на Млада Месечина). Секако, најдобра глетка ќе има надвор од населбите (поради светлинското загадување), на изразито темни места, посебно на поголемите височини (планини) и од места со широко видно поле. На вакви погодни места ќе има и одлични услови за астрофотографии. Единствено што треба е фотоапарат со широкоаголен објектив, осетлив сензор и ISO осетливост од барем 1600. Апаратот треба да се постави на статична подлога, на тој начин што ќе „покрива“ што поголем дел од небото (најдобро без никакво зумирање).

Инаку, метеорскиот рој (дожд) Персеиди се јавува поради пресекување на патеката на кометата Свифт-Тател од страна на Земјата. При тоа, во атмосферата навлегуваат ситни парченца и зрнца отпаднати од кометата. Поради големата брзина со која навлегуваат низ атмосферата, доаѓа до силно триење при што овие зрнца се загреваат, зажаруваат и запалуваат, оставајќи помал или поголем светлосен траг. Речиси 95% од метеорите се појавуваат на височина од 30-80 км, а многу ретко и пониско (само доколку има поголеми димензии – пречник над 5 см). Иако нема некаква правилност во честината на метеорите, ноќва, во пикот на Персеидите, на секоја минута-две ќе може да се забележи по еден метеор (повторно во зависност од осветленоста на местото каде се набљудува). Персеидите ќе може да се гледаат и следните денови, се до викендот, меѓутоа со многу послаба зачестеност и веројатност да се види метеор.

Значи вечерва изберете некое погодно место за набљудување и околу полноќ уживајте во прекрасната глетка кон небото.

Подготвил: д-р Ивица Милевски / iGeo

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука