X
 17.12.2015 Образование

Учениците трошат 4 часа на ден за школување, а 5 и пол за слободни активности

Покрај спиењето кое е на прво место, македонските ученици времето најмногу го трошат на слободни активности, потоа следува школување, па јадење и пиење. Ова го покажа најновата анкета на Државниот завод за статистика кој мерел како своето време го трошат граѓаните на Македонија.



Просечното дневно користење на времето на учениците, по активности во 2014/2015 година покажа дека за спиење тие трошат 9 часа и 24 минути(38.5 проценти), за слободни активности 5 часа и 34 минути (22.25 проценти), а за школување 4 часа и две минути (16.75 проценти). Речиси два часа македонските ученици посветуваат на јадење и пиење, а по еден час и некоја минута на патување и друга лична грижа. За волонтерска работа и помош поминуваат оскудни една минута.

Кога е во прашање школувањето, според методологијата, тука се вклучени регуларните часови и предавањата, лабораториска работа, праксата, како и кратките одмори помеѓу часовите на училиште или универзитет, домашна работа, учење во библиотека и дополнително школување и курсеви. Во слободните активности пак се подразбира дружење, посетување и примање гости, телефонски разговори, забава и култура, одмор, спортување, шетање, пешачење, уметност, користење на компјутери, читање книги или други списанија, гледање телевизија, слушање музика.

Според педагогот Марија Илиевска загрижува тоа што учениците воопшто не се посветени на волонтерска работа и пружање помош за другите. Од друга страна, пак вели добро е што спијат по 9 часа.

- На децата пред сè им треба одмор и време за игра, дружење, спортување, но секако дека мора да се одвои време и за училиштето. Ако одвојуваат само четири часа дневно за школо, а тука е вклучена од настава до пишување домашни и учење, ова е премалку. Денеска имаат по пет, шест часа и во основно и во средно образование, па не знам кој може во четири часа да ги заврши сите обврски поврзани со школото. Анкетава вели дека учениците пет и пол часа трошат на слободни активности, што е премногу за училишен ден. Доволно е да се одморат два до три часа со најразлични активности и дружење - вели Илиевска.

Најмногу учат студентите, најмалку средношколците

Анкетата на статистика покажува дека над пет часа за слободни активности трошат основците, средношколците и студентите. За школување пак, најмногу време трошат студентите (8 часа и 28 минути), потоа учениците од 1-4 одделение (4 часа и 40 минути), па основците од 5- 9 одделение (4 часа и 18 минути), а последни се средношколците ( 3 часа и 27 минути). Студентите најмалку спијат( 6 часа и 44 минути), а најмногу основците од 1-4 одделение (9 часа и 36 минути)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование