X
 28.01.2016 Живот

Во Македонија мобингот се` почест, но формално сме идеална држава каде нема мобинг

Мобингот се дефинира како психичко или полово вознемирување на работното место. Појавата се среќава секаде. Соодветно, земјите ги заштитуваат работниците со закони за заштита од мобинг. Македонија има Закон за заштита од мобинг од 2013 година, но до сега немало позитивна пресуда за мобинг, ни кажува адвокатката Маја Ристова.


Ристова е магистер по прави науки и се специјализира во областа на работните односи. Со појавата мобинг активно се занимава веќе 5 години, од препознавање, до водење на судска постапка за заштита од мобинг. Во оваа област има завидно искуство од причини што истата била правен советник и тренер во Канцеларијата за помош и едукација на жртвите на мобинг при Сојузот на синдикатите на Р.Македонија, обучувач на национални и меѓународни работилници, како и дел од работната група за изработка на посебниот Закон за заштита од вознемирување на работното место.

Факултети: Колку се чести случаите на мобинг во земјава и на кој начин најчесто се нападнати жртвите?

Маја Ристова: Во Р.Македонија има висока (темна) бројка на мобинг случаи, но од причини што формално правно немаме позитивна судска пресуда, тоа би требало да значи дека сме идеална држава каде нема мобинг. Жртвите обично се жалат од хоризонталниот мобинг, односно, дека истите се вознемирувани од колега кој е на повисока работна позиција, на начин што се опструирани во работата, често им е забележувано како ги извршуваат работните задачи, одземени им се основните средства за работа, присилени се да работат пониски работни задачи од тие за кои што се квалификувани со цел да бидат дреградирани и понижени, им се врши постојан надзор над работата, се игнорираат, исмеваат, пуштаат невистини или полувистини за жртвата и сл.

Факултети: Во Македонија има Закон за заштита од мобинг. Колку овој закон ги заштитува правата на вработените?

Маја Ристова: Пред донесување на посебниот Закон за заштита од вознемирување на работното место, сметавме дека тука е проблемот и дека по негово донесување работите ќе тргнат по нагорна линија. И навистина ќе беше така, ако се донесеше Закон кој содржи одредби кои максимално ги штитат работниците, а не како во сегашниот случај. Значи, Законот има многу недоречености и правни празнини, кои се на штета на работниците. Но, морам да нагласам дека, единствениот проблем не лежи само во слабата законска регулатива, туку и во ограничениот пристап на судот при ваков тип на спорови. За пример ќе ја посочам Хрватска, која нема посебен закон за заштита од мобинг, но сепак има позитивна судска пракса, односно, правосилни пресуди во полза на жртвите.

Факултети: Каква е процедурата по утврдување на мобинг на работното место?

Маја Ристова: До сега во Р.Македонија нема правосилно завршен случај, односно утврдување на мобинг, па од таа причина на ова прашање ќе ви одговорам од теоретски аспект. Доколку со деклараторна пресуда се утврди постоење на вознемирување на работното место-мобинг, во граѓанска постапка ќе се бара надомест на нематеријална штета.


Факултети: Како вработените може да го препознаат мобингот?

Маја Ристова: Секоја непријатна ситуација и секој стрес на работното место, не е мобинг. Давањето на дополнителни задачи, поголемиот обем на работа и промена во раководството, не значи дека вработените се мобирани. Често луѓето, секојдневните и многубројни работни обврски, прекувремената работа и слично, ги декларираат како мобинг. Тоа значи дека се јавува ситуација на различно и субјективно доживување на мобингот, односно, се јавува ситуација на однесување што за некој може да е мобинг, но за друг не. Овде е особено важно и да се препознаат лицата со психички сензации-хиперсензибилни лица кои независно од работната средина и атмосефера се наклонети кон депресија и лесно се навредуваат…за овој тип на луѓе секое однесување на другиот вработен може да е мобинг.

Би кажала дека мобингот е специфична појава која може да се „дијагностицира” само ако одблиску и суштински, индивидуално се пристапи кон секој случај посебно. Затоа што, да речеме, (неплатена) прекувремена работа во еден случај е класична повреда на Законот за работните односи и е постапка од работен спор, а не мобинг, но во друг случај, во ситуација кога имаме често навредување и омаловажување, давање на бесмислени работни задачи, неплатена прекувремена работа, влевање страв, вербално однесување од полов карактер и слично, према одреден вработен, дефинитивно се работи за мобинг.


Факултети: Што сè се подразбира под поимот мобинг?

Маја Ристова: Под вознемирување на работното место, или популарно наречено „мобинг”, се подразбира психичко и/или полово однесување на работното место со одредени специфики. Имено, психичко вознемирување на работно место е секое негативно однесување што се врши од поединец или од група спрема поединец или спрема група, што се повторува континуирано и систематски и претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на поединецот/групата и предизвикува чувство на страв или создава непријатност и пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на неговата/нивната професионална иднина, престанок на работниот однос или напуштање на работното место, додека, пак, половото вознемирување е секое вербално, невербално или физичко однесување од полов карактер, кое има за цел или претставува повреда на достоинството на кандидатот за вработување или на вработениот/вработените, кое предизвикува чувство на страв или создава непријатност и пониженост.

Факултети: Доколку се сомневаат за постоење на мобинг, што би ги советувале да сторат за да го докажат тоа?

Маја Ристова: Законот за заштита од вознемирување на работното место предвидува да секој кој се чувствува дека е вознемируван на работното место, писмено да се обрати до оној кој вознемирува со таканаречено „Писмено предупредување” со кое ќе му укаже дека неговото однесување е несоодветно, неприфатливо и несакано, а со цел решавање на спорната состојба, односно случај без поведување на постапка за заштита од вознемирување на работно место, како и да го предупреди моберот дека ќе побара законска заштита ако таквото однесување веднаш не престане. Освен тоа, жртвата пред поднесување на тужба пред надлежен суд може да поднесе и „Барање за заштита од вознемирување на работното место” до работодавачот, во кое ќе наведе негови податоци, и податоци за оној кој вознемирувал, како и нивните работни позиции, краток опис на однесувањето за кое оправдано се смета дека претставува вознемирување на работно место, траење и зачестеност на однесувањата кои се сметаат за вознемирување на работно место, како и датумот кога последен пат е извршено тоа однесување и наведување на факти и докази. Оваа постапка е позната како постапка на посредување, која е интерна и со цел брзо, економично, мирно и вонсудско решавање на спорот.

Што се однесува пак до доказен материјал, се препорачува водење на мобинг дневник, односно систематско запишување на сите податоци за мобингот со колку што е можно повеќе детали, како што се датумот и времето на настаните, имињата на сведоците, исходот од настанот. Препорачливо е и обраќање на психолог и психијатар, и континуирано следење на здравствената состојба, со обезбедување на копии од медицинската документација. Понатаму, задолжително да се чува секој материјален доказ, како копии од дописи, поднесоци, електронска пошта, смс пораки, и друго.


Доколку забележите случај на мобинг во вашата околина или вие сте жртва на еден, дознајте повеќе за вашите права и заштита во Канцеларијата за жртви од мобинг.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот