X
 05.12.2022 Наша тема

Ванѓел Здравески, првиот кардиохирург кој специјализирал во Македонија: „Во животот може да ви земат сѐ, но знаењето не“

Кардиохируршките операции неретко знаат да траат од 4 до 8 часа, кога мораш да издржиш со максимална концентрација и кондиција во текот на операцијата, знаејќи дека тој пациент ти го доверил својот живот тебе, вели Ванѓел Здравески, првиот кардиохирург кој завршил специјализација во Македонија.

На 33-годишна возраст, Ванѓел во моментот работи како кардиохирург на Државната клиника за кардиохирургија и асистент по хирургија на Медицинскиот факултет. Медицинскиот факултет во Скопје го завршил како еден од најдобрите студенти на генерацијата, а по дипломирањето станал стипендист за постдипломски студии на Медицинскиот факултет во Виена, каде што работел на одделот за кардиохирургија во болницата AKХ. За време на работата Ванѓел ги собирал податоците за својата магистерска теза и асистирал при операции.

Прв специјализант по кардиохирургија

Ванѓел студирал медицина шест години, за потоа уште шест години да се посвети на специјализацијата по кардиохирургија.

- Мојот интерес за кардиоваскуларните заболувања и нивниот третман беше главната мотивација за изборот за специјализација по кардиохирургија. На Медицинскиот факултет во Скопје, кога бев студент, немаше специјализација по кардиохирургија во тој момент, за подоцна под менторство на проф. С. Јовев да биде воспоставена првата програма за специјализација по кардиохирургија, а јас бев прв специјализант - вели Ванѓел во интервју за Факултети.мк.


Фото: Приватна архива

Работата како асистент на катедрата по хирургија при Медицинскиот факултет го исполнува поради тоа што може на помладите колеги директно да им го пренесе неговото знаење во кардиохирургијата, додава тој.

Беше дел од тимот што ја изврши првата трансплантација на срце во земјава

Ванѓел бил дел од повеќе тимови за трансплантација во други држави. На неговата прва трансплантација за срце, тој бил задолжен за транспорт на срце од Братислава до Виена со хеликоптер. Сепак, првата трансплантација на срце во Македонија била посебно искуство за него.

- Искрено, чувството дефинитивно не е идентично, срцето некако трепереше и кај мене зашто тоа беше прва трансплантација во нашата држава, на пациент кој лично сме го лекувале со моите колеги на УК за државна кардиохирургија. Дефинитивно од овој временски аспект, можам да кажам дека победи тимската работа, алтруизмот и огромната желба да се успее, тогаш сами си докажавме како држава и здравствен систем дека можеме да направиме прва трансплантација на срце - раскажува Ванѓел.


Фото: Приватна архива

Оттогаш, тимот има направено осум трансплантации на срце во земјава, а во иднина бројот ќе зависи од достапноста на донорски срца, посочува тој.

- Дефинитивно трансплантацијата на срце е тест за еден здравствен систем, не само од хируршкиот аспект на операција, туку пред сѐ и од понатамошнотo следење и имуносупресивната терапија која пациентите треба да ја примаат за да не настане отфрлање на трансплантираниот орган - вели Ванѓел.

Медицинските студии напредувале многу, но може и подобро

Програмите и практичната настава на Медицинскиот факултет се многу подобрени во последните десетина години, но секогаш може подобро, вели Ванѓел.

- Во однос на практичната настава, сметам дека имаме големо поле каде што може државата да вложи во научноистражувачки лаборатории од каде што уште во студентските денови би произлегувале научни трудови. Дефинитивно проблем имаме во однос на клиничките предмети и практичната настава поради недостигот на време на наставниот кадар, кој е редуциран во последните години - смета Ванѓел.


Фото: Приватна архива


Кога станува збор за студентите, на овој факултет се запишуваат најдобрите средношколци и треба да им се даде вистинската мотивација за да го совладаат материјалот, додава тој.

На учењето му нема крај

Советот на Ванѓел за младите лекари е дека кривата на учење во медицината нема крај бидејќи дури и по завршувањето на специјалистичките студии, следуваат супспецијалистички студии, а потребно е и редовно следење на новите трендови и техники во медицината. Неговата теза е дека во животот може да ви земат сѐ, но знаењето не, без разлика каде се наоѓате.

- Покрај дарбата за учење, потребни се и огромна истрајност, љубов и желба за тоа што го работиш. Впрочем, само ако вистински го сакаш она што го работиш, тогаш нема да имаш никакви тешкотии. Нашите кардиохируршки операции неретко знаат да траат од 4 до 8 часа, кога мораш да издржиш со максимална концентрација и кондиција во текот на операцијата, знаејќи дека тој пациент ти го доверил својот живот тебе - вели Ванѓел.

Згора на тоа, од големо значење е и безрезервната поддршка од семејството, заклучува тој.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема