Во Скопје се отвори Центар за сензорна терапија за деца со аутистичен спектар на нарушувања кој што отвора нови можности и перспективи за децата со аутизам и нивните родители. Имено, центарот кој што е дел од здружението „Во мојот свет“ во населбата Аеродром беше отворен под покровителство на сопругата на претседателот Ѓорѓе Иванов, Маја Иванова, а со финансиска помош на Амбасадата на Република Бугарија во Македонија.
„Мојата соработка со здружението „Во мојот свет“ трае веќе неколку години и денеска центарот ги отвора вратите за сите лица со аутизам, а посебно за децата со аутизам. Нашата цел беше да се обезбедат што посовремени и подобри третмани и терапии за децата со аутизам во Македонија. Сметам дека сите треба колку што можеме да помогнеме на ранливите, различните, а сепак еднакви категории граѓани во нашето општество“, изјави Иванова.
Таа се заблагодари на Владата на Република Македонија, Mинистерството за одбрана и Министерството за труд и социјална политика, Општина Аеродром, како и бизнис заедницата која ја препозна хуманата идеја да се отвори ваков центар и која помогна во реализација на проектот.
Успешната реализација на ваквиот капацитет е поткрепена и со донации од бизнис заедницата, каде што како еден од клучните донатори е и компанијата VIVAX која што придонесува овој капацитет да поседува поволни услови преку донација на два телевизори со кое што се овозможува секое дете да се чувствува комфорно и опкружено со позитивна енергија.