X
 12.08.2016 Живот

Македонија има реална можност за норма на Олимписките игри во Токио 2020 година

Сега очекуваме помош од МОК за подготовки во следните четири години како да се подобриме и создадеме од младите каратисти кандидати за ОИ Токио 2020. Но, не треба да не фаќа нереална еуфорија и да тврдиме дека не ни бега медал од ОИ Токио 2020. Бидејки конкуренцијата е пеколна. Во секоја категорија ќе настапат само десет најдобри каратисти од светот, не треба да лицитираме со имиња пред време бидејќи создавањето на олимписки кандидат е процес и зависи од многу фактори, вели Димоски



Минатата недела сонцето ги огреа сите каратисти во светот, откако Меѓународниот олимписки комитет на 129 седница одлучи каратето да стане рамноправен спорт на наредните Летни олимписки игри во Токио во 2020 година. Со оглед на досегашните успеси на нашпите каратисти, Македонија конечно може да се надева и на олимписки медал. За тоа што значи оваа одлука за нашата земја разговараме со Златко Димоски, тренер на државната репрезентација.

Факултети.мк: Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) пред неколку дена во Рио де Жанеиро одлучи каратето предводено од Светската карате федерација (WKF) да биде рамноправен спорт на Олимписките игри во Токио во 2020 година. Колку време каратистите од цел свет чекаа на овој момент?

- Точно така. ИОК на 129 седница едногласно го прими каратето предводено од Светска карате федерација (WKF) со што сонот на генерации на каратисти конечно се оствари. Нагласив WKF бидејки ИОК со години ја признава и соработува со оваа федерација која има 140 земји членки со преку 98 отсто од 100 милиони каратисти во светот. Со тоа се стави крај на манипулативните квази карате федерации кои само создаваа забуна во јавноста со разни таканаречени светски првенства. Сега со оваа одлука на ИОК сите каратисти вклучително и тие кои членувале (иако во мал број од само 2 отсто) во разноразни федерации, можат да настапат ако обезбедат норма и по правилата на WKF кои се унифицирани. Одлуката важи за сите без разлика на стилот на карате.



Факултети.мк: Што значи оваа одлука за Република Македонија?

- Оваа историска одлука е важна за секоја земја, посебно за нас бидејќи Македонија сега има реална можност преку карате да обезбеди норма за настап на Олимписките игри во Токио 2020 година, а не како досега да настапува со спортисти кои немаат олимписка норма туку настапуваат со т.н. вјлд карта. И најчесто нашите спортисти настапуваат само формално колку да се појават бидејќи се далеку од врвните резултати на останатите. Се надевам дека каратистите и ние како тренери на репрезентацијата ќе го потврдиме нашиот квалитет и со остварување на олимписка норма, што не е нереално бидејки македонските каратисти неколку години по ред се враќаат со медали од Светско и Европско првенство, Карате 1 премиер лиги итн.

Факултети.мк: Од кога постои каратето како активен спорт во нашата земја?

- Каратето во Македонија постои некаде од 60-тите години. Јас имам поминато 41 година со карате како натпреварувач-репрезентативец, тренер на репрезентацијата, светски судија на WKF, а еве сега и можност и како тренер на олимписките кандидати за Токио 2020. Се сеќавам како младински репрезентативец во 80-тите години дека уште тогаш се зборуваше за можноста за да бидеме дел од ОИ. Еве дојде и тој ден.



Факултети.мк:Македонските каратисти секогаш се враќаат со медали од меѓународните натпревари? На што се должи тоа? Зошто сме толку успешни во каратето?

- Успешноста на нашите репрезентативци се должи на стручна и посветена работа, добрата организираност на КФМ предводена во два мандати од претседателот Драган Стојановски кој мнгу придонесе и ни овозможи стручно усовршување на нас како тренери и судии, но и настапи на репрезенативците на силни првенства посебно на Премиер лиги и на Светски купови. Се смени и односот на државата за разлика од порано така што спортистите кои освоиле медали на Светски и Европски првенства се наградени со стипендии од АМС од меѓународна и светска категорија кои изнесуваат една и пол односно две и пол просечни плати за период од две, односно четири години. Јас можам да кажам за моите репрезентативци од Прилеп кои се посветени, технички одлично погодтвени, упорни, послушни и многу вредни. Со правилен тренинг и стручна работа со вакви посветени спортисти резултатот мора да дојде. Можеби ќе звучи нескромно, но јас и мојата сопруга сме и двајцата единствени тренери во Македонија кои ги имаме и двата сертификати WKF тренери и во ката и во борба, а истовремено сме и со светска, односно европска судиска лиценца и судиме на сите силни светски и европски првенства, премиер лиги, светски купови. Нашето големо искуство како поранешни репрезентативци и тренери со лиценци и судии на светската федерација кои поминале многу семинари во светот многу им помагаат на нашите ученици кои повторно, нагласувам, буквално го посветуваат својот живот на каратето.



Факултети.мк: Може ли да наброите кои ни биле досега најголемите успеси во каратето?

- Според сјајот на медалот, резултатски најголем успех е сребрениот медал минатата година од Светското првенство во Џакарта за jуниори до 21 година, каде девојките, сите од Прилеп, близначките Маријана и Мишела Димоски и Киријана Камческа го остварија овој историски успех. Ова е прво финале за Македонија во целата историја на карате во Македонија од Светско првенство, со победи на дотогашниот актуелен Светски и повеќекратен европски шампион - репрезентацијата на Шпанија, ја совладавме и Германија, Иран... Секако тука е медалот на Жарко Арсовски - бронза од Светското превнство во Белград во 2010 година, златниот медал од Европско првенство на Емил Павлов, бронзата на Мартин Нестороски од Европско, златните медали на Берат Јакупи од европоски првенства, бронзениот медал на тимот Маријана-Мишела Димоски и Киријана Камческа од Европско првенство - Кипар 2016, бронзениот медал на тимот Мишела-Маријана Димоски и Искра Каракаш од Европско првенство - Лисабон 2014, како и бронзата на Пуликсенија Јованоска од истото европско првенство. Мене посебно ме радува што оваа млада генерација Мишела, Маријана сега наполнија 18 години и Киријана 16 години, во континуитет остваруваат резултати на Светските купови. Така што има потенцијал и време за работа, а резултатите ќе продолжат да доаѓаат.



Факултети.мк: Со овој спорт се занимаваат многу дечиња. Што значи каратето з а психомоторниот развој на едно дете?

- Карате спортот е еден од најдобрите спортови за целосен развој на младите бидејќи на природен начин делува на сите мускулни групи. Но, посебно заради својата дисциплина и филозофија делува на карактерот, така што низ тренинзите децата кои се ансксиозни полека стекнуваат самодоверба и се охрабруваат, а тие пак кои се премногу агресивни се смируваат. Најважно од се, децата се учат на почит кон другите и на дисциплина, да помагаат на послаби да бидат скромни и смирени, да простуваат... Вредности кои ги нуди карате, а кои денешните млади, но и повозрасните се помалку ги имаат.



Факултети.мк:Дали Македонија веќе може да се надева на златен медал на наредните ОИ во Токио?


- Ние имаме резултати во континуитет, иако бевме понекогаш омаловажувани и недоволно почитувани како неолимписки спорт, секогаш карате репрезентативците носеле медали од светски и европски првенства. Како тренер на моите репрезентативци од Прилеп имам освоено сребрен и бронзен медал од светско првенство, три медали од европско првенство, десет медали од Светски Купови и повеке од 90 медали од Балкански првенства. И покрај сите резултати, не секогаш бевме соодветсно наградени. Но, сега сиот труд на спортистите и на нас тренерите се валоризира со оваа одлука на ИОК. Сега очекуваме помош од МОК за подготовки во следните четири години како да се подобриме и создадеме од младите каратисти кандидати за ОИ Токио 2020. Но, не треба да не фаќа нереална еуфорија и да тврдиме дека не ни бега медал од ОИ Токио 2020. Бидејки конкуренцијата е пеколна. Во секоја категорија ќе настапат само десет најдобри каратисти од светот, не треба да лицитираме со имиња пред време бидејќи создавањето на олимписки кандидат е процес и зависи од многу фактори, но и од остварување на нормите кои дополнително ќе бидат објавени. Тоа значи дека може млад спортист кој сега има 15, 16 годни до 2020 да оствари подобри резултати некои актуелни репрезентативци. Но, во секој случај подготовките за ОИ почнуваат веќе од денес. Сонот на секој спортист е да настапи на ОИ, така е и со каратистите. И секој се надева на настап и на освојување на медал на ОИ. Но, повторно мора да бидеме реални, присебни и да работиме со подршка на КФМ, АМС и пред се на МОК. Доколку работиме правилно, со бистра глава и поддршка, имаме потенцијални кандидати за настап, а веќе тие кои ќе обезбедат норма за ОИ Токио ќе имаат многу реална можност за медал на ОИ.
Подготвил: В.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот