X
 25.08.2017 Образование

За административците има слободен ден за прваче, за оние во приватно, ако дозволи директорот

Четврти септември ќе биде првиот училиштен ден за повеќе од 20.000 првачиња, но не сите нивни родители ќе може да ги однесат на училиште. Слободен ден за кога детето ќе појде во прво одделение е предвиден за административците. Дали и оние што работат во приватниот сектор ќе бидат со детето кога првпат ќе седне во училишна клупа, зависи од работодавецот, газдата.



Дали првиот училиштен ден на детето треба да е слободен за родителот, деновиве е честа тема на дискусија на социјалните медиуми. Граѓаните ги споделуваат своите искуства, а многумина се збунети зашто, како што велат, секоја фирма има свое правило.

- Кај нас отсекогаш бил слободен првиот училиштен ден на прваче за родителот. Поаѓањето на училиште е свеченост, родителот треба да е опуштен и со детето – вели Ана С., вработена во управа на министерство.

Ирена К., вработена во маркет, раскажува дека шефот не ѝ дал слободен ден со објаснување дека нема кој да ја сработи нејзината работа додека е отсутна.
- Ќе биде добро ако ми дозволи да задоцнам, за да го однесам детето и да присуствувам на приредбата со него. Не знам што вели законот и дали дозволува, ама знам дека и да имам право на слободен ден, ако не ми го дадат, мора да се појавам на работа за да не ја изгубам – вели Ирена.

Елизабета М., пак, вели дека иако работи приватно, сите вработени со првачиња добиваат слободен ден.

Од Министерството за труд и социјална политика објаснуваат дека согласно член 28 од Општиот колективен договор за јавниот сектор, работникот има право на платен одмор од еден ден за првиот училиштен ден на своето дете.
- Ова отсуство, согласно колективниот договор, како и сите останати случаи на платен одмор заради лични и семејни околности, се остварува без оглед на барањата на процесот на работата и се користи во деновите на основот - објаснуваат од Министерството.

За вработените во јавниот сектор не е предвиден ден на платен одмор за кога детето ќе појде во градинка.

Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, објаснуваат од Министерството, не содржи одредби со кои се предвидува слободен ден ниту за прв училиштен ден ниту за прв ден во градинка.

Адвокатот Васил Панчевски објаснува дека со колективниот договор не е забрането да му се даде слободен ден на работникот во приватниот сектор, односно составувачот на договорот го изоставил тој момент.

- Во приватниот сектор сè се сведува на договор помеѓу работникот и работодавецот. Тие може да се договорат за сè што не е забрането со закон – вели Панчевски.
Подготвил: Н.Ф.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование