X
 26.10.2017 Живот

Треба да почнете да им читате на децата уште пред да наполнат 9 месеци

На бебињата не мора да им го читате Гете, но не би било лошо да им прочитате понекоја сликовница за деца. Ова го советува Германското здружение за читање. Родителите почнуваат да им читаат на децата кога имаат 9 или повеќе месеци, а би требало да почнат уште порано, сметаат авторите на студијата.


Тие укажуваат на фактот дека при раното читање на децата не се работи само за нивното учење на говорот, туку се работи и за чувство на згрижување, велат експертите, напоменувајќи дека репрезентативното истражување покажало дека петтина од децата остануваат без тоа искуство.

Емоционална компонента

Доброто и разновидно образование е многу важно, покажало истражувањето меѓу родителите што имаат деца на возраст од 3 месеци и 3 години. 86% од мајките и татковците велат дека доброто образование е важно за нивните деца, а тоа е повеќе од оние што велат дека им е важно доброто однесување на нивните деца (83%).

Родителите често сметаат дека детето треба нешто веќе да знае за да има корист од читањето. Сепак, тука се потценува емотивната компонента на овој ритуал. Заедничкото прелистување на сликовниците или книгите придонесува за создавање блискост, а притоа кај детето се предизвикува чувство на сигурност и заштита.

Преку допир до читање

Малите бебиња не можат подолго време да ги набљудуваат сликите или да слушаат приказни, па на почетокот тој процес се одвива преку допир. Децата буквално го запознаваат предметот книга, па експертите сметаат дека и не е толку страшно ако на почетокот и ги гризат.

Кога читањето е во прашање, никогаш не може да биде прерано. Истражувањата покажуваат дека една петтина од родителите воопшто не им читаат на своите деца, а секое второ дете расте во домаќинство со најмногу 10 детски книги.

Инвестиција во иднината

Експертите велат дека ако децата често читаат, тогаш подоцна во животот ќе им биде полесно да ги разбираат текстовите. Навиката за читање што родителите им ја создаваат не е само дел од образованието, туку и од личните искуства од детството.

Доволно е само малку за почетокот на ритуалот на читање. Добро е книгата да се даде како подарок за да послужи како поттик за создавање на навиката. Според истражувањата, секој седми родителски пар не ја искористил книгата што детето ја добило за подарок.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот