X
 08.11.2017 Живот

Плаќаме поскапи горива, книги и мобилни телефони, имаме поевтино парно и туристички аранжмани

Фотоапаратите, горивата, книгите, мобилните телефони, авиобилетите и цигарите најмногу поскапеле изминатава година во Македонија. Забележливо пониски цени од лани, пак, има на централното греење, ѓубретарината, туристичките аранжмани и лековите.  



Според податоците што ги објави Државниот завод за статистика, за речиси една година фотографската опрема поскапела за дури 33 отсто. Горивата поскапеле за 11,3 отсто, мобилните телефони за 8,3 отсто, а авиобилетите за 8,1 отсто. Во време кога просветните работници и психолозите постојано алармираат дека децата се помалку читаат книги, статистиката регистрира дека тие поскапеле за дури 14,5 отсто. Забележително зголемување на цените има и кај цигарите кои поскапеле за 8,6 отсто и кај кафето и чајот за 5,8 отсто. Споредено со лани, поскапи се и хотелите за 7,6 отсто, како и услугите на банките за 6,7 отсто. Трошоците годинава се повисоки и за спортистите и спортските рекреативци бидејќи спортската опрема е поскапа за 4,1 отсто. 

Во поглед на храната, позабележително повисоки цени има овошјето, кое поскапело за 3,7 отсто, а во помал процент поскапело и месото. Минимални поевтинувања кај храната се регистрирани кај лебот, рибата, млекото, сирењето, јајцата, маслото и зеленчукот. 

Поевтинувањата во земјава во изминатата година се со помал процент. Така, најголемо намалување на цените е регистрирано кај централното греење кое сега е поевтино за 7,3 отсто. Во значителен износ поевтинила и ѓубрарината и тоа за 4,3 отсто и туристичките аранжмани за 4,1 отсто. Споредено со лани, поевтини се лековите за 1,2 отсто, како и струјата за 0,3 отсто.

Статистиката бележи дека трошоците на живот минатиот месец биле за 1,9 отсто повисоки споредено со ланскиот октомври.
Подготвил: Д.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот