X
 21.11.2017 Образование

Започнува со работа правната клиника на правниот факултет при Универзитетот „Св.Климент Охридски“ - Битола

praven

Во насока  на унапредување на образованието на студентите – идни правници, на Правниот факултет при Универзитетот “Св. Климент Охридски” – Битола, со работа започнува Правната клиника. Преку работата на Правната клиника на Правниот факултет ќе се започне со низа активности, со кои ќе им се овозможи на студентите да излезат надвор од стандардната рутина на теоретското образование, со цел стекнување со практични вештини и знаења, како инвестиција во нивниот професионален развој.

Правното клиничко образование, претставува интерактивен пристап на едукација на студентите по право, кој има за цел да ги надогради знаењата на студентите, со оние практични вештини кои ќе им овозможат во иднина својата професија да ја извршуваат компетентно, совесно и со висок степен на професионалност. Наједноставно кажано, тоа е метод на „искуствено учење” или „learning by doing”. Но исто така, работата во Правната клиника ќе им овозможи на студентите да научат да преземаат одговорност за прашања кои имаат огромно значење за нивните клиенти, притоа водејќи сметка не само за општите правни норми, туку и за вредносните аксиоми неопходни за совесно, одговорно и посветено извршување на својата професија.

Овој тип на клиничко образование има две главни цели:

• Првaта цел е студентите да се стекнат со практични вештини и професионална одговорност, давајќи им можност да го применуваат правото во реални животни ситуации, и на таков начин да станат свесни за сопствената одговорност пред клиентите, судот и својата професија. На овој начин, студентите ќе ја развијат и способноста за аналитичко и критичко мислење, кое е особено важно за секој правник.

• Втората цел е да обезбеди можност за давање на бесплатна правна помош за сите оние групи на граѓани кои се наоѓаат во некаков социјален ризик. На таков начин Клиниката ќе ги зајакне практичните способности на студентите и на наставниот кадар за работа со ранливите групи, за решавање на нивните правни проблеми и за градење на институционални капацитети за унапредување на механизмите за правна поддршка на локално ниво.

Активностите на Правната клиника ќе се реализираат преку:

• Програма за општа работа, во рамките на која студентите интерактивно ќе работат со експерти (практичари) од разни правни области за теми поврзани со правниот професионализам, правната етика, подготовката на правни поднесоци, и советувањето на клиенти, и

praven

• Програма за практична работа, во рамките на која студентите, со менторска помош и поддршка, ќе даваат бесплатна правна помош на социјално загрозени категории на граѓани, во вид на давање на правни информации, правни совети и составување на поднесоци. Во рамките на оваа програма влегува и апликативна примена на претходно стекнатите знаења за изготвување на кратки прирачници/брошури наменети за информирање на граѓаните како да ги остваруваат своите права.

Повикот за учество во работата на Правната клиника за академската 2017/2018 година е во тек и ќе трае до 30.11.2017 година. По завршувањето со ангажманот на Правната клиника, студентите – клиничари ќе добијат соодветен сертификат, како потврда и доказ за нивната ангажираност во клиничките активности.

Сите подетални информации за активностите на Правниот факултет и на Правната клиника, можете да ги пронајдете на веб сајтот на факултетот или на неговата „Фејсбук“ страница.:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование