X
 25.11.2017 Образование

Интервју со Весна Иваноска, директорка на Сеавус - едукативен и развоен центар: SEDC e многу повеќе сериозен предводник и иноватор отколку следбеник на трендови

„Ние го оформуваме образованието на новата ера во регионот. Пишуваме приказни, менуваме животи, ја дизајнираме иднината“ – ова се дел од мисиите на ентузијастичкиот тим на Сеавус - Едукативен и развоен центар од Скопје. Во последните четири години предводник на тимот што создава успешни приказни е Весна Иваноска. Ако се знае дека SEDC повеќе од успешно граби напред со сѐ поголем број студенти и програми, добар дел од успехот се препишува на успешното менаџирање на Иваноска.
Со Graduation and Welcome party, SEDC им посакува добредојде на новите и им се заблагодарува на досегашните студенти.



SEDC годинава бележи своевиден рекорд, имајќи предвид дека имате најголем број запишани студенти. Ако се знае дека постоите седма година и постојано воведувате нови програми, задоволни ли сте од довербата што ја имате од вашите клиенти?

- Денес нескромно тврдам дека веќе никој нема дилема кому треба да му ја довери својата едукација во областа на технологијата. Но, иако сме веќе лидер на пазарот, целосно сме свесни дека тоа е постојан и секојдневен предизвик за секој сериозен играч во индустријата. Кај нас, долго време, доследност во квалитетот на услугите беше вистинска реткост и затоа од самиот почеток најревносно тргнавме да ја промениме таа слика. Денес знам дека успеавме. Tоа го покажуваат сите мерливи индикатори што се однесуваат на квалитетот на услугата и лојалноста на нашите клиенти.

Образованието е само по себе многу специфична услуга бидејќи како носител на процесот контролираме многу фактори, како квалитетот на тренерите и внимателно подготвениот курикулум и методологија, но, сепак, специфичните потреби на клиентите, нивната информираност, мотивираност и посветеност се, исто така, од големо значење. Затоа, пристапот кон клиентот е исклучително важен за што попрецизно заедничко разбирање и поставување на целите и очекувањата. Ако оваа фаза се заврши педантно, многу полесно се доаѓа до успех. Тоа пак бара поголем напор, искрен, темелен и персонализиран пристап кон секој клиент, а тоа сме секогаш спремни да го дадеме.

Растот што го забележавме годинава, а кој морам да признам дека ги надмина сите наши проекции, е уште еден доказ за нашата одлучност да не отстапиме од таа филозофија. Резултатот е очекуван - најголем дел од нашите слушатели доаѓаат по препорака на свои задоволни пријатели и познајници. Слично е и со корпоративните клиенти. И кај нив лојалноста, пред сѐ, произлегува од задоволството од претходните услуги добиени во нашиот центар.

 Го крунисавте успехот со Graduation and Welcome Party. Како ја испративте старата и ја дочекавте „новата учебна година“?

- Крајот на годината, кој кај нас се совпаѓа со почетокот на следната академска, е време за сумирање резултати. Ако треба да сум доследна на својата лична дефиниција за успех, според која тој секогаш се мери според тоа колку преку нашата дејност ќе влијаеме врз животот и иднината на другите, тогаш да, вечерва тука, со над 300 стари и нови студенти кои слават на едно место, ние навистина сме успешна компанија.
Ова е посебен ден што го чекаме цела година - момент во кој се радуваме на постигнатото, но и настан кој има една поважна цел од славењето, а тоа е - на едно место да ги спои нашите стари и нови студенти, со што работиме и на градење и зацврстување на заедницата на студенти и професионалци во креативните индустрии. Ова, особено, зашто сакаме да ги охрабриме и да ги поддржиме во сите нивни следни активности, било да се поврзани со професионална надградба, наоѓање добра работа, било едноставно следење на новите трендови.
За мене како менаџер и за мојот тим, овој ден е секако и потсетување за одговорноста што како центар ја носиме за идниот успех на сите наши стари и нови студенти.



Во вашите програми се трудите на сите гладни за учење да им овозможите да си го најдат патот полесно до реализација на своите амбиции. Патувајќи често во светот на иновативното учење, може ли да се каже дека SEDC е во чекор токму со светските стандарди?

- Интересно е што веќе не може ни да се постави лесно како цел постоењето на некаков унифициран светски стандард, од причина што моментално и вртоглаво брзо, паралелно со новата технологија, се појавуваат различни методологии и алатки за учење. Но, токму во тоа е убавината. Да се имаат како извор и инспирација сите тие опции - да се проучат, тестираат и на крај да се искомбинираат на уникатен начин. SEDC би рекла е многу повеќе сериозен предводник и иноватор отколку следбеник на трендови. Да потсетам, нашиот последен проект, Академијата за деца IThink која годинава е со двојно поголем број слушатели од минатата, е сложен проект креиран комплетно од нашиот тим, секако, имајќи предвид многубројни искуства од СТЕМ-школите насекаде низ светот.
Слично на IТhink, секоја наша обука е оригинален авторски концепт со фокус на тоа како нашите слушатели релативно брзо да станат активни креатори во индустријата. Токму поради тоа, на сите наши проекти, без исклучок, заеднички работат тренери и активни професионалци од индустријата.

Кои програми што ги нуди СЕДЦ се најпривлечни за вашите студенти?

- Академијата за програмирање и Академијата за деца беа најатрактивни минатaта и оваа година. Сепак, во последно време голем интерес имаме и за програмите во областа на дизајнот. Особено расте интересот за новите академии за визуелен артист и моден дизајн. Компаниите, пак, се повеќе заинтересирани за методологиите за управување со проекти и бизнис-обуки. Годинава, исто така, продолжува трендот за информативни сесии и обуки од областа на дигиталниот маркетинг, сајбер-безбедноста и анализата на податоци.

Продолжувате ли да соработувате и останувате ли во контакт со вашите студенти откако ќе завршат на некоја од вашите академии?

- Инициравме и одржуваме неколку модели за вмрежување со нашите поранешни студенти. Имаме официјално Алумни-мрежа на студенти, Програма за препораки, Програма за поврзување на студентите со партнерски компании, Пред - акселераторска програма за поддршка на стартапи, Програма за обука и ангажман на нови тренери од редот на студентите. За следење на нивната професионална кариера, по напуштањето на SEDC, правиме редовни анализи за нивната успешност во совладувањето на програмата, но и за тоа како напредуваат и за колку време успеваат да најдат соодветно вработување. Така, процентот на вработени студенти во период од три месеци по завршувањето на Академијата континуирано расте и се движи помеѓу 75 и 85% различно за различна насока. Овие информации се важни показатели за нивната, но и за нашата успешност.

Периодов отворивте свои студии и во Охрид. Што сѐ ќе може да се изучува таму и дали ќе има и други градови каде што би ја прошириле вашата дејност?

- Охрид е нашата прва приказна надвор од Скопје. Многу сме среќни што можноста да бидат дел од нашите академии сега ја добија и многу студенти од овој дел на земјата. Во моментов на Академијата во Охрид студираат и слушатели од Кичево, Битола, Струга, Ресен и од Неготино. Веќе разгледуваме неколку опции за проширување во други градови, но како впрочем и секогаш досега, и овој пат тоа ќе го направиме постепено и внимателно, со цел да обезбедиме еднаков врвен квалитет и услови за студирање секаде каде што ќе се појави брендот SEDC.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование